Матичните „стручни“ за повеќе пари, но за хронична терапија пак мора кај специјалист – Слободен печат
ВестиМакедонија

Матичните „стручни“ за повеќе пари, но за хронична терапија пак мора кај специјалист

Реформата е во почетна фаза, засега останува тоа дека специјалистот препишува терапија, а како прв чекор би било продолжување на рокот на важност на специјалистичкиот упат, велат од Министерството за здравство.

Пред 10 дена Фондот за здравствено осигурување и Министерството за здравство информираа дека капитацијата на матичните лекари се зголемува за 15 отсто, а со тоа лекарите ќе добијат поголеми надлежности во лекувањето на пациентите во насока на тоа дека специјалистите ќе ги дијагностицираат заболувањата, а матичните потоа ќе го водат пациентот.

Во јавноста ова беше протолкувано како олеснување на процедурата за добивање терапија, односно создавање на можност матичните лекари да ја препишуваат терапијата за која сега хроничните болни на одреден период мора да одат кај специјалист. Oд ФЗО и од ресорното министерство објаснуваат дека тоа треба да се случи на крајот од реформата, но процесот е долготраен и засега единствена промена е што на сметката на матичните секој месец легнуваат повеќе пари.

Пациентка споделува искуство во кое на есен добива алергија поради која значително и се влошува здравствената состојба и тоа се повторува речиси секоја година во ист период поради што и е потреба терапија која не може да ја препише матичниот лекар, туку мора да оди на специјалист.

– Секоја година е истото, дијагнозата е поставена, знаеме што ми помага, но матичниот не може да ми го препише лекот без мислење од специјалист. И кога ќе ги добијам симптомите, матичниот ми дава упат за специјалист во кој пишува дека му треба мислење за терапија и потоа чекам слободен термин, а состојбата ми се влошува, бидејќи немам терапија. И кога ќе отидам на специјалист прегледот е ист како и кај матичниот, ништо повеќе од тоа. И што се случува, се малтретирам без никаква потреба, ми станува полошо, па треба да примам поголеми дози од терапијата за да се стабилизирам и фаќам термин за некој пациент кој му треба дијагноза. Навистина нема никакво оправдување за сето ова. Да можев ќе си го купував лекот приватно и нема да ги поминувам овие лавиринти – раскажува Весна Д. од Скопје.

Слично искуство има и друга пациентка која боледува од алергиска астма. И таа еднаш годишно мора да оди на контрола кај пулмолог за да може матичниот да и ја дава терапијата. Но за да стигне до пулмологот мора прво да оди на интернист.

– Најмногу ми пречи што двапати мора да чекам мој термин, еднаш за кај интернист, а потоа за кај пулмолог. Кога прашувам зошто е ова комплицирање ми објасуваат дека морало да се следи состојбата. Мојата состојба е хронична, болеста нема да ми се излечи и нели следењето може да го прави матичниот, а на специјалист да ме праќа ако се појави некоја промена со која тој не може да се справи. Матичните како писари станаа, само препишуваат рецепти и упати, не лекуваат – раскажува Радмила П.

Од Фондот за здравствено осигурување велат дека и покрај зголемување на капитацијата начинот на пропишување лекови на рецепт на матичните лекари треба да е согласно одредбите од Правилникот за содржина и начин на остварување на права и обврски од задолжително здравствено осигурување.

Во член 52 од тој правилник е наведено и дека:

„За лековите на рецепт од Листата на лекови на товар на Фондот кои се пропишуваат по препорака на лекар специјалист/субспецијалист од соодветна медицинска специјалност или лекарски конзилиум од соодветна клиника, односно болница, препораката важи до денот на извршениот контролен преглед, но не подолго од една година од денот на издавање на препораката. За било какви промени Фондот навремено ќе ја информира и стручната фела како и јавноста“, се вели во одговорот од ФЗО.

Од Министерството за здравство пак објаснуваат дека станува збор за реформа која во моментов е на пошироки консултации и стручни дебати.

„Работни групи на експертско ниво интензивно работат на подготовка и ревизија на протоколите за хронични заболувања (хипертензија, дијабетес мелитус, астма и ХОББ и хипотиреоза). Тоа значи дека интенцијата е лекарите од примарно здравство да следат и да препишуваат терапија на хронични болни што досега не можеа да го прават. Со ова, матичните лекари ќе може да пружат подобри услуги, ќе се избегне праќањето кон секундарното и терциерното здравство, а ќе се зајакне улогата на матичните лекари. Со оглед дека станува збор за реформа во почетна фаза, засега останува тоа дека специјалистот препишува терапија, а како прв чекор би било продолжување на рокот на важност на специјалистичкиот упат“, се вели во одговорот од ресорното министерство.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Слободен Печат значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени на сајтот.

Тагови

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Close