Масло за замачкување на проблемот со сончогледот

весна дамчевска
Весна Дамчевска. /Фото: Слободен печат

Македонската приказна за сончогледот е убивана полека. Неговото исчезнување од нивите почна со индустријализацијата на државата кога народот почна масовно да се сели од селата во градовите. Потоа, колку повеќе се даваа пари за земјоделците, толку повеќе растеше увозот на храна.

Изјавата на директорот на „Витаминка“ Симон Наумовски дека секаде бараат нерафинирано масло за јадење за да произведат рафинирано, предизвика лавина реакции и негативни коментари. Ова ми личи на онаа добро позната народна изрека: „Да го убиеме гласникот!“. Откако „Слободен печат“ ја објави веста, на социјалните мрежи се слева река од коментари – те како можел „Брилијант“ на време да не си обезбеди залихи (не знам каде би се чувале залихи на сурово масло?!), те така е кога само на профит се мисли, така е затоа што сме ѝ непријатели на Русија, затоа што Владата не мисли за народот…

Но, македонската приказна за сончогледот е убивана полека. Неговото исчезнување од нивите почна со индустријализацијата на државата во шеесеттите години кога народот почна масовно да се сели од селата во градовите за да работи во фабриките, а фабриките, пак, им даваа станови што можеа да ги отплатуваат со децении. На селата почна да се заборава. Ги забораваа и луѓето и државата.

Денес, некогашните тамошни полиња се обраснати, земјата е необработена, а најголем дел од куќите се урнисани. Короната како да ја врати малку љубовта кон природата, почнаа да се обновуваат куќи, но како викендички. Истовремено со откривањето на убавините се открија и фактите дека до нив нема соодветен пат, дека водоводите (ако ги има) не водат ништо, дека нема ништо подалеку од  најблиската амбуланта…

Непростливо е ова што си го направивме сами на себе. Препуштени на глобалното село, го заборавивме нашето, локалното. Со години сите влади ја повторуваат истата приказна дека може да се развиваме како земјоделска нација и тоа со додадена вредност. Што значи, не само да произведеме земјоделски производи, туку и да ги преработуваме. Но, во практика работата не оди. Токму таква додадена вредност треба да биде маслото за јадење што го произведува фабриката „Благој Ѓорев“. Тоа е единствената фабрика што има технологија за производство на масло од сончоглед, за разлика од другите кои се рафинерии на нерафинирано сончогледово масло за јадење. Но, факт е дека „Благој Ѓорев“ со години дава семе и нуди договорно производство, но заинтересирани (иако нивниот број се зголемува) нема ни оддалеку доволно во однос на капацитетот на фабриката. Така, минатата година биле откупени околу 6,5 илјади тони, а капацитетот на „Кристал“ е 40.000 тони, количина што може да задоволи повеќе од половина од потребите на Македонија. Од фабриката велат дека нудат фер откупна цена. Но, упатените коментираат дека е потребна помош и од државата за да бидат земјоделците повеќе мотивирани за одгледување на оваа култура.

Од друга страна, барем според официјалните бројки, земјоделците добиваат големи субвенции од буџетот. Државата по разни основи троши околу 200 милиони евра годишно за поддршка на земјоделството, од кои повеќе од половината се директни субвенции. Земјоделците коментираат дека парите не одат во вистинските раце, а деновиве и ресорниот министер Љупчо Николовски рече дека Владата ги увидела слабостите и дека ќе го реформира финансирањето на земјоделците.

Во екот на најголемата економска криза, кога цените на храната пробиваат плафони, државата најави 12.000 хектари државно земјиште што ќе го даде на оглас, а до крајот на неделава се очекува оглас за половина од него (6.000 хектари) кое ќе се дава за одгледување токму на полјоделските култури. Се прават законски измени и за користење пасишта, ќе почне мерката за мотивација на младите до 40 години да останат во земјоделското производство со грантови до 20.000 евра, а најавени се и многу други мерки.

Следно е – реализацијата. Конечно да мрднеме од мртва точка, затоа што наспроти порастот на субвенциите, расте и увозот на храна. Пандемијата и војната, иако е на илјадници километри од нас, ни покажаа колку значи да го имаме во свои раце стратешкото производство на храна.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот