Маргарете Зусман, заборавената германска филозофина

кица колбе
Кица Колбе. / Фото: Архива на Слободен печат

Иако во времето меѓу двете светски војни Зусман беше позната есеистка, по војната беше речиси заборавена. Jа открија повторно модерните феминистички филозофини и во неа ја препознаа раната феминистка.

Во неа преживеа една германска мисловна традиција, која до Хитлеровата Германија беше израз на длабоката творечка симбиоза на германскиот и на еврејскиот дух. Тоа беше духот на асимилираните Евреи во Германија, такви како Валтер Бенјамин, Теодор В. Адорно, Макс Хоркхајмер или Хана Аренд. Малкумина го паметеа името на една голема германска филозофина со еврејско потекло, Маргарете Зусман (1872-1966), иако и таа го преживеа холокаустот, иако сè до крајот на животот живееше близу Германија.

А остана жива затоа што беше доволно реалистична да сознае дека доаѓањето на власт на Хитлер во 1933 е голема опасност за секој Евреин и Еврејка. Таа уште во 1934 емигрираше со фамилијата во Швајцарија, што каде остана до крајот на животот. Иако во времето меѓу двете светски војни таа беше позната есеистка и се движеше во круговите околу најпознатите германски филозофи, по војната беше речиси заборавена, а ја открија повторно германските феминистички филозофини пред три децении.

Маргарете Зусман беше родена во Хамбург, во едно време кога особено во богатите германски фамилии како нејзината, татковците не можеа да замислат студии ниту за своите сестрано надарени ќерки, како што беше таа самата. Младата Маргарете уште во приватната школа за ќерките од богатите хамбуршски фамилии сонуваше да студира, ништо помалку, туку токму „чиста филозофија“. Дури по ненадејната смрт на татка си таа добива шанса да студира сликарство на ликовните академии во Диселдорф, Минхен, Берлин и Париз. На студиите по сликарство го запознава својот иден сопруг, сликарот Едуард фон Бендеман (1877-1959).

Откривање на филозофската есеистичка проза

Другата силна дарба, онаа за поетското творештво, за кое не ѝ требаше академска диплома за да биде прифатена, Зусман ја пројавува уште во младоста. Првата поетска збирка, „Мојата земја“ (Mein Land), ја објавува 1907-та, а до 1953-та следуваат уште неколку поетски книги. Сепак, поезијата, како впрочем и сликарството, остануваат само споредна творечка област за Маргарете Зусман, особено откако на возраст од триесет и пет години ја открива филозофската есеистичка проза.

Пресвртот во нејзиното творештво е поврзан со нејзината сè појасна еврејска самосвест, која ја артикулира 1907-та во есејот „Еврејството и културата“ (Judentum und Kultur), објавен во весникот „Франкфуртер цајтунг“. Во следните години таа продолжува непрекинато да пишува филозофски рецензии за штотуку објавени дела на познати филозофи и писатели. Најголемиот број од нив се, како и таа, Германци со еврејско потекло. Во своите луцидни рецензии таа, на пример, ги открива за читателите раните дела на Ѓерѓ Лукач и на Франц Розенцвајг. Зусман го толкува во еден есеј од 1919-та само една година порано објавеното дело „Духот на утопијата“ (Geist der Utopie) на младиот филозоф Ернст Блох.
Еден од нејзините најзначајни есеи од доцните дваесетти е оној посветен на творештвото на Франц Кафка, „Проблемот на Ијоб кај Франц Кафка“ (Das Hiob-Problem bei Franz Kafka), од 1929 година. Во него таа првпат ги толкува мотивите кои ќе ги развие во целост 1946-та, во нејзиното клучно филозофско дело „Книгата Ијоб и судбината на еврејскиот народ“ (Das Buch Hiob und das Schicksal des jüdischen Volkes). Неверојатно богатата филозофска есеистика, таа од 1954 до 1965-та, ја преобјавува во неколку збирки со студии и есеи, како „Ликови и кругови“ (Gestalten und Kreise), „Толкување на библиските ликови“ (Deutung der biblischen Gestalten), „За тајната на слободата“ (Vom Geheimnis der Freiheit).

Освен филозофијата и филозофијата на религијата, Маргарете Зусман сето време продолжува да ја следи и да ја толкува модерната лирика, а во 1910-та ја објавува збирката есеи за лириката „Сушноста на модерната лирика“ ( Das Wesen der modernen Lyrik). Таа секогаш одново се враќа на една од централните теми во лириката – љубовта. Така, 1912-та ја објавува збирката есеи „За смислата на љубовта“ (Vom Sinn der Liebe), а на љубовта во лириката се посветени и книгите „Жените во романтизмот“ (Фrauen der Romantik) од 1929-та, како и „Толкување на една голема љубов – Гете и Шарлоте фон Штајн“ (Deutung einer großen Liebe – Goethe und Charlotte von Stein) од 1951-та.

Без сомнение, филозофијата останува нејзината животна определба и најсилен мисловен стремеж, иако таа според своето богато творештво е и сликарка и поетеса и прозаистка. Меѓутоа, нејзината најсилна интелектуална харизма е толкувањето на филозофските и богословските списи и идеи. Во Минхен, во 1901-та, таа студира кај филозофот Теодор Липс, а потоа студиите по филозофија ги продолжува во Берлин, кај прочуениот филозоф Георг Зимел. Во интелектуалниот круг околу Зимел и неговата харизматична сопруга Гертруд Зимел, kоја и самата била многустрана, затоа што била музичарка, писателка и филозофина, Зусман ја вовеле германско-еврејски пријатели, обожаватели на Штефан Георге во тие години култниот поет. На кругот околу Зимел му припаѓале и филозофите Ернст Блох и Мартин Бубер, со кои Зусман ќе ја поврзува долгогодишно пријателство.

Раната феминистка

Модерните феминстички филозофини во Маргарете Зусман веднаш ја препознаа раната феминистка. Првата светска војна, која за европските интелектуалци ги разниша темелите на сите дотогашни толкувања на историјата, културата и на филозофијата, Зусман ја критикува во списот од 1918-та, „Револуцијата и женaтa“ (Die Revolution und die Frau), пасивноста на жените во европската христијанско-еврејска традиција. Според неа, жените предолго беа воспитувани дека не приличело на жената активно да се бори во општеството против војната или против социјалната неправда. Зусман го критикува сфаќањето на верата кај жените во духот на деветнаесеттиот век, во кој верата е само „внатрешен духовен живот“ (Innerlichkeit), кој жените ги затвора во пасивноста на приватниот живот во фамилијата. Напротив, за оваа мислителка Првата светска војна е длабоката траума на новиот, дваесеттиот век, која бара од сите, и од жените и од мажите, да бидат критични, да си го постават прашањето колкава е и нивната одговорност за таа катастрофа.

Зусман е уверена дека при таква катастрофа за човештвото, како војната, никој не може да остане чист, негибнат од големата вина за неа. И тука оваа неверојатно храбра, луцидна филозофина, која постојано размислува не само од позицијата на филозофијата, туку и од позицијата на верата во Бога, потсетува на сознанието на Достоевски во „Браќа Карамазови“, изговорено од старецот Зосима, според кое секој е виновен за сите и за сè! Во таа смисла, прашањата што ги поставува Зусман во своите списи за причините и за одговорноста за војните се актуелни и денес.

Сиот живот на Зусман изразува еден многу модерен став во многу аспекти. На пример, таа стои суверено над сите културни и академски норми. Таа не ја толкува филозофијата заради сопствената академска задача, туку заради сопствениот жар за толкување и за разгатнување на светот. Тоа, во исто време, е израз на еден стремеж што е длабоко присутен во еврејската религиозна филозофија, мистика и богословие. Толкувањето на темелните религиозни списи, Светото писмо, но и на христијанското богословие, се во фокусот на нејзиното размислување. Маргарете Зусман постојано мисловно посредува – помеѓу еврејската и христијанската традиција, помеѓу филозофијата и уметноста, помеѓу Модерната и традицијата. На пример, Ијоб е за неа модерната, осамена индивидуа. Таа е првата што романот „Процес“ на Франц Кафка го толкуваше во религиозен контекст. Тој есеј, но пред сè делото „Книгата Ијоб и судбината на еврејскиот народ“ македонските издавачи би требало што поскоро да ги направат пристапни и за македонските читатели.

(Авторката е писателка)

Преземено од Дојче Веле

[sc name=”dw” ][/sc]

ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот