
МАМАВИЗИЈА | Имавме само два проценти шанса да станеме родители, денес го имаме Марко, вели Костиќ-Марковиќ
Со личната приказна на познатото ТВ лице, Бранка Костиќ -Марковиќ, етномузиколог, музички уредник и новинарка, ја започнуваме втората сезона на проектот „Мамавизија“ . Секоја среда ќе раскажуваме нова приказна за нејзиниото височество- мајката.
Костиќ -Марковиќ имала тежок пат додека да стигне до најрадосниот момент за една жена, да остане бремена. Таа е мајка на шармантниот 14-годишен Марко, дете со атипичен развој.
Препорачано
Откако лекарите увидиле дека постојат проблеми и кај неа и кај сопругот, а и поради биолошкиот часовник кој отчукувал, било крајно време да започнат ин витро процедура.
– Со скратено грло на матката, во подоцнежни години, со можни минимални два проценти да се оствариме како родители, така ни велеа, дека ни се толкави шансите, сфативме дека не треба да чекаме и се одлучивме да ја почнеме процедурата за биомедицинско потпомогнато оплодување. Јас претходно многу се плашев од боцкање, од крв, но сега кога требаше да се боцкам за да станам мајка, тоа го правев сама. На денот на мојот роденден ми се јавија за да ми кажат дека тогаш треба да ми го прават трансферот (внесување на ембрионот во матката). Тоа беше навистина среќен ден за нас, затоа што две недели потоа дознавме дека сме имале упешно ин витро – вели таа.
Имала патолошка бременост, морала да лежи дома, но малку луѓе знаеле дека е бремена.
– До последен момент никој не знаеше дека сум бремена, само најблиските и секако на работа. Јас не излегував од дома бидејќи морав постојано да лежам. Така ја поминав бременоста, немам ни слики како трудна. За време на бременоста многу слушав музика и навивав за Ноле (Новак Ѓоковик). Тоа многу ми помогна во релаксирањето – раскажува нашата соговорничка.

Мој совет до сите идни родители е добро да внимаваат кога го одбираат партнерот, да биде приближно во нивните димензии, низ смеа раскажува Костиќ -Марковиќ. Животот не ја поштедил до самиот крај на бременоста, поради големината на бебето морала да се породи предвреме.
– Јас сум многу мала, а мојот сопруг е двометраш, па уште во рана бременост гинекологот ми кажа дека имам долго бебе и дека ќе нема простор во мојот стомак. Така и дојде до моментот да ми закажат предвремено породување – вели таа.
Бранка Костиќ -Марковиќ е силна жена, мајка со вонсериска моќ која успеала да надмине тешки животни препреки за среќата на нејзиното дете. Вели дека најголемата желба ѝ е Марко да се осамостои.
Погледнете ја оваа инспиративна епизода на „Мамавизија“, која одново ќе ве научи дека ништо не е невозможно и дека мајчинската интуиција е движечка сила на едно семејство. Гледајте ја премиерно вечерва со почеток во 20 часот на јутјуб- каналот на „Слободен печат.“
Водител и автор на проектот „Мамавизија“ е Александра Вуксановиќ.
МАМАВИЗИЈА | Рустемова: По 18 години борба да станеме родители посвоивме ќерка и згриживме син