Макрон најави зголемување на старосната граница: Живееме подолго, треба и да работиме подолго

Фото: EPA-EFE/Ludovic Marin

Францускиот претседател Емануел Макрон најави дека ќе ја спроведе контроверзната пензиска реформа со која старосната граница за пензионирање ќе се зголеми за три години на 65 години, со што младите генерации ќе бидат принудени да работат подолго. Во интервју за телевизијата Франс 2, Макрон рече дека промените ќе стапат на сила следната година.

„Има само еден начин да го направиме тоа, ако сме паметни. Бидејќи живееме подолго, треба да работиме подолго“, рече тој.

Минималната возраст за целосно пензионирање постепено ќе се зголеми од сегашните 62 на 65 години до 2031 година, рече тој.

Сепак, Макрон рече дека е отворен да разговара за возраста за пензионирање со синдикатите и за потенцијалните промени. Сите француски работници добиваат државна пензија. Неуспехот да се воведат предложените измени ќе значи дека владата ќе мора да го намали износот на пензиите, рече Макрон.

Најавата на Макрон доаѓа откако неговата центристичка алијанса го загуби парламентарното мнозинство во јуни, што го отежнува усвојувањето на законите на неговата влада во Долниот дом на парламентот. Повеќето опозициски партии, но и синдикатите се против промена на старосната граница за пензионирање.

Вчера Макрон им понуди сојуз на пратениците од конзервативната Републиканска партија за усвојување на домашните реформи во парламентот, вклучително и пензиските реформи.

Претходно оваа недела, неговата влада преживеа три гласања за недоверба поттикнати од некои опозициски пратеници од левата и екстремната десница во знак на протест против употребата на специјална уставна моќ за протуркање на буџетските закони низ Националното собрание.

Предложената пензиска реформа предизвика штрајкови и протести низ целата земја кон крајот на 2019 година за време на првиот мандат на Макрон.

Владата тогаш одлучи да ја прекине јавната дебата поради пандемијата на Ковид-19. Макрон беше реизбран за втор мандат во април.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот