Македонија треба да ја „прочисти“ историјата, атер за евроинтеграцијата

Бугарија не може да продолжи да опстојува на Рамковната позиција и на Декларацијата на парламентот од 2019 година со кои се негира македонската нација, а последната изјава на премиерот Бојко Борисов дека сите алатки за решението на спорот со Македонија се во Договорот за добрососедство од 2017 година, покажува дека и тој е свесен дека блокадата за македонските евроинтеграции е неодржлива, сметаат дел од бугарските интелектуалци.

Според бугарскиот историчар Стефан Дечев, Бугарија треба да отстапи од овие документи и од Објаснувачкиот меморандум испратен до ЕУ минатата есен и целосно да се врати на Договорот за добрососедство, а Македонија „не може да продолжи натаму со позицијата дека не преговара за јазикот и идентитетот“.

Малески: Бугарија себеси си прави катастрофа

Според дипломатот Огнен Малески, по изборите во Бугарија може да се најде формула за решение, а Македонија би имала храброст да ги отвори и најтешките прашања ако се создаде позитивна атмосфера без уцени.

– Единствена можна правна рамка што ги содржи сите механизми за да се надмине спорот е Договорот за добрососедство, но клучна е политичката волја тој да се спроведе. По составот на идната влада во Бугарија може да се отворат можности кон решение, за време на словенечкото претседателство. Роковите се кратки, а формулата со која ќе се реши спорот нема да биде едноставна, но можно е ако има политичка волја – вели Малески за „Слободен печат“.

Тој додава дека треба да останеме внимателни, колку и да е неодржлива позицијата на Бугарија пред европските партнери и да не ѝ даваме поводи за дополнителни реакции. Во врска со повиците дека и Македонија ќе мора да направи отстапки кон Бугарија во начинот на кој ја чита историјата, тој вели дека и тоа е можно ако се создаде атмосфера.

– Со лошо, со блокади и уцени, ништо не се постигнува. Ако Бугарија искрено сака напредок, треба да тргнеме во соработка, со позитивен тон и во таква создадена атмосфера може да отвориме и да решиме разни прашања, како што тоа го сторија Германија и Чешка, Германија и Полска итн. Бугарија со блокадата самата себеси си прави катастрофа, а  таа политичка и дипломатска грешка  ја плаќа и со својот углед. Во Македонија има подготвеност, има и храброст да се отвораат тешки теми, но за тоа е потребна атмосфера, пријателски тон, не може со ножот под грло – вели Малески.

Дечев: Блокадата не може да трае долго

Професорот Дечев вели дека ситуацијата што ја создаде Бугарија со блокадата, не може да трае долго.

– За Бугарија е многу важно да се откаже од разбирањето дека 100 отсто од историската вистина е на бугарска страна, а македонските политичари и македонската историографија мора да се збогуваат со убедувањето дека можат да поминат низ преговорите без критички осврт кон македонскиот историски наратив. Ако не постои такво позиционирање и на Софија и на Скопје, нема да има деблокирање на преговорите. Како почеток, можеби на Софија ќе ѝ треба понагласено изјаснување за нешто што е кажано многупати претходно: дека Бугарија ги признава моменталните реалности, постоењето на македонска нација и македонски јазик. А од страна на Скопје мора да дојде до враќање кон работата на историската комисија на методологијата што преовладуваше до февруари 2019 година, кога беа усвоени задоволителни формулации за обете земји за заедничките историски личности. Со таков пристап за околу две години историските проблеми можат да се решат во главните делови – вели Дечев за „Дојче веле“.

Во годишниот извештај за напредокот на земјата што денеска ќе се усвои од Европскиот парламент, четворица пратеници од групите на зелените и на социјалистите завчера доставија измени, со кои се осудуваат провокациите на бугарските политичари, а се пофалуваат македонските за нивната воздржаност. Бугарските европратеници веќе најавија дека ќе гласаат против амандманите, а Андреј Ковачев од Европската народна партија поднел два амандмана за тоа дека во Македонија нема напредок против дискриминација на граѓаните што изразуваат бугарски идентитет.

Потпретседателката на Бугарија Илиана Јотова завчера оцени дека европратениците подготвуваат недозволив амандман во резолуцијата за РС Македонија.

– Амандманот е насочен против Бугарија. Невидено е дека таков документ содржи и укор кон сегашна земја членка. Јазикот на омраза и сузбивањето на правата на луѓето со бугарска самосвест се заштитен знак на РС Македонија. Подготвениот амандман уште еднаш го потврдува неуспехот на бугарската држава да им ја објасни на своите европски партнери својата позиција – вели Јотова.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот