Македонија и Бугарија здосадија!

Фото: EPA-EFE/VASSIL DONEV

Без разлика дали на денешниот амбасадорски состанок во Брисел ќе се усогласат заклучоците за  проширувањето на ЕУ или Бугарија и натаму ќе го блокира процесот со билатерални условувања, преговорите со источниот сосед ќе продолжат, порача македонскиот државен врв, а слично мисли и бугарскиот премиер Бојко Борисов, кој на Фејсбук завчера напиша дека треба „да бидеме чесни едни кон други и решението да го најдеме во дијалог и разбирање“.

Засега меѓу двете држави има само дијалог, но не и разбирање и нејасно е како тоа ќе се постигне според различните позиции на двете држави.

Според премиерот Зоран Заев, Македонија ќе продолжи да нуди решенија за надминување на проблемите со Бугарија, со цел да ги почне преговорите за членство со ЕУ, но за македонскиот национален идентитет е невозможно да се преговара. Според министерката за надворешни работи на Бугарија, Екатерина Захариева, пак, најтешка тема се „неточните обвинувања дека им го негираме правото на самоопределување на Македонците или правото да го нарекуваат нивниот јазик како што сакаат, затоа што земјите не признаваат јазици или нации, туку само други држави“.

Разговори и разбирање

Захариева во интервју за германски „Велт“ вели дека таа ѝ предложила на македонската страна да направат дополнение на Договорот за добрососедство.

– Два месеца слушаме од македонската страна што нема да сторат. Јас повеќепати им предложив, ајде тогаш да се концентрираме на работи што сакате да ги сторите. Државите признаваат други држави, а не јазици. Ајде да се концентрираме на преговарачката рамка и, ако сакате, да изработиме еден билатерален протокол како дополнение на Договорот. Се надевам, кога ќе се смират емоциите од двете страни, ќе водиме конструктивна дискусија – вели Захариева.

И премиерот Заев завчера зборуваше за дополнувањето на Договорот, односно за усвојувањето на акцискиот план, кој треба да биде дополнителна мотивација за поефикасна и побрза имплементација на Договорот со Бугарија.

– Овде беа изразени уште еднаш дополнително нашите ставови, како што е долгото и краткото име на државата, немањето територијални претензии, немешањето во внатрешните работи, начините на кои ќе се справуваме со предизвиците за сопирање на омразата која е присутна од двете страни на границата и сл. Станува збор за идеи што постојано се на маса и верувам дека ќе бидат разрешница – рече Заев и додаде дека акцискиот план ја опфаќа и инфраструктурата на Коридорот 8, граничните премини и соработката во образованието, културата, здравството, спортот и др.

Според Захариева, токму слабата соработка во разни области, како и слабата имплементација на Договорот, се главните причини што Бугарија го блокираше почетокот на преговорите на Македонија со ЕУ.

– Работата на историската комисија беше прекината од Владата во Скопје пред повеќе од една година, со образложение дека ќе имаат избори. Но, Комисијата не смее да биде политички инструментализирана. Во Бугарија во тој период имавме на двапати избори. И јас не можам да си замислам дека на една историска комисија може да ѝ се каже „престанете со работа, затоа што имаме избори“. Комисијата е независна и не смее да добива насоки од Владата – вели Захариева, пренесува Дојче веле.

Таа ја наведува како проблем и инфраструктурата и вели дека е „срамно што двете соседни земји немаат железничка линија“. Захариева обвинува дека меѓународните институции кои го финансирале овој проект загубиле 130 милиони евра, а Македонија во „пристапниот буџет не предложила ниту еден инфраструктурен проект на оската исток-запад“. Според неа, имало и многу чудни примери во Македонија со кои административно се блокирале инвеститори што требало да отворат нови работни места.

Од друга страна, пак, потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ го обвини Заев дека му ветувал бизнис-зделки на Борисов.

– Тоа се гледа по односот помеѓу двајцата лидери изминатиот период. Имено, Заев ветувал дека бугарски капитал ќе влезе во Македонија преку рудникот Иловица, кој магично преку ноќ го промени сопственикот. Исто така, им ветил една национална телевизија, акции во еден мобилен оператор, банка и слободно користење оптички кабел на една државна компанија – рече Николоски за Канал 5.

Бугарско државјанство за 88.450 Македонци

Бугарската шефица на дипломатијата жестоко возврати и за самоопределувањето на малцинствата со тврдење дека во минатите десет години 88.450 граѓани на Македонија добиле бугарско државјанство врз основа на потеклото.

– Тие се бугарски и европски државјани. Тие имаат право на самоопределување. Но, секој што денес во Република Северна Македонија се дефинира како граѓанин со бугарски корени, таму и понатаму се дискриминира. Пред околу две недели некои групи ги објавија личните податоци и адресите на овие луѓе, во некои случаи дури им се закануваа дека ќе ги обесат – вели Захариева.

На прашањето дали има надеж да се најде компромис до крајот на годинава, кога завршува германското претседавање со ЕУ, Захариева вели дека „квалитетот е поважен од брзината на процесот“.

Германското претседателство денеска ќе се обиде да бидат усвоени заклучоците за проширувањето на ЕУ, вклучително и за Македонија. Досега не беше познато каков компромис ќе биде предложен во новите заклучоци. Ако бидат усвоени, според познавачите на процесот има мали шанси до крајот на годината да се организира и првата Меѓувладина конференција меѓу Македонија и ЕУ и со тоа да почнат преговорите за членство, затоа што заради Брегзит се очекува наскоро да се одржи уште еден самит на лидерите на ЕУ на кој ќе се носат одлуки.

Димитриевски: „Бугарски фашистички окупатор“ останува

Не се согласувам со ставовите на премиерот Зоран Заев искажани за БГНЕС, затоа што Бугарија не била администратор, туку окупатор во Македонија, а македонскиот и бугарскиот јазик не се исти, вели градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски.

– Во Бугарија се избори, па рејтинзите на тамошните партии по однос на Македонија растат. Ние да не дозволиме да си го погазиме сопственото битие. Мора и треба да влеземе во ЕУ само како Македонци. Никој не може да го поништи нашиот корен, ако не го сториме тоа ние самите. Тие бараат, но де факто, тоа што го бараат е нереално. Нашите предци се залагале да создадат држава. Македонскиот народ не постои од 1944 година. Ние сме независен народ кој се борел за сопствена држава – вели Димитриевски за ТВ24.

Тој порача дека историските факти не смеат да се побијат и рече дека одбива да ги менува таблите на спомениците на кои пишува „бугарски фашистички окупатор“.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот