Македонците во просек имаат по 3.000 евра во банка, а Словенците по 13.700: Европските вредности се пресликуваат и на сметките

Фото: Профимедија

Во Хрватска во просек домаќинствата имаат по 9.700 евра, Србите по 2.100, Бугарите по 5.600 евра… Словенците се поштедливи во однос на издвојувањата од расположливиот приход и од просекот во ЕУ

Македонските домаќинства во банките и во штедилниците имале 5,4 милијарди евра на крајот од септември, покажуваат податоците на Народната банка. Во земја со повеќе од 1,8 милиони жители, според Пописот на населените, ова значи дека во просек секој наш граѓанин, од новороденче до највозрасниот, имал по околу 3.000 евра во банка. Колку е ова – многу или малку во однос на соседството и во однос на европските земји со кои бевме едно семејство во поранешна Југославија?

„Слободен печат“ ги анализираше расположливите податоци од централните банки и објавените информации. Според нив, Словенците имаат банкарски депозити во вредност од 29 милијарди евра и со население од околу 2,1 милион, нивниот просек е 13.700 евра по жител. Словенија е земја и во која многу се штеди, дури повеќе од европскиот просек.

„Бруто-стапката на штедење во Словенија – уделот од расположливиот приход што домаќинствата го штедат, достигна 14 проценти во 2022 година, што е петто највисоко во ЕУ и го надминува просекот на ЕУ од 12,6 проценти, според податоците на Евростат. Расположливиот приход обично одредува колку домаќинствата успеваат да заштедат. Во 2022 година, номинално тој се зголемил за 9,8 проценти, значително побрзо од просекот на ЕУ од 7,2 проценти“, извести „Словениатајмс“.

И на втората европска земја од некогашна Југославија, Хрватска, добро ѝ оди со банкарските депозити. Во септември тие биле 37,6 милијарди евра, што значи дека секој жител има околу 9.700 евра. Но, како што информираат од тамошната централна банка, растот на депозитите се должи и на замената на куните во евра.

„Дел од зголемувањето на депозитите во банките, особено во последните месеци од минатата година, наведува ЦБХ, е резултат на готовината во оптек што се влева во банките во контекст на пристапувањето во еврозоната, со цел автоматско претворање на средствата од куни во евра. Така, износот на готовина од куни во оптек надвор од банките се намали од 4,7 милијарди евра во средината на 2022 година, на две милијарди евра на крајот на 2022 година за да падне на 700 милиони евра на крајот на август годинава“, пишува Н1.

Од земјите на ЕУ во околината, „под лупа“ ја ставивме и Бугарија. Таа има слични банкарски депозити како Хрватска, но поголемо население. Депозитите на домаќинствата во Бугарија се 38 милијарди евра, а со население од над 6,7 милиони жители, просечно секој во просек има по над 5.600 евра депозит.

Од опкружувањето, Србите имаат помалку од нас во просек пари во банка. Депозитите на српските домаќинства се околу 14 милијарди евра, а просекот по жител е 2.100 евра. Анализирајќи го штедењето на Светскиот ден на штедење, тамошните експерти посочија и дека Србите повеќе сакаат да ги трошат отколку да ги штедат парите.

Во Црна Гора, пак, има многу слична состојба како нашата, односно таму просечните депозити на населението се 2.950 евра.

Во Европската Унија прават опсежни анализи колку население може да си дозволи да штеди, како и колку се направените заштеди во текот на една година по жител. Ние вакви длабински анализи не правиме, или барем јавно не ги објавуваме.

Од земјите во ЕУ, во 2022 година најголема заштеда по жител има во Луксембург – 7.612 евра, а најмалку Полска – 389 евра. Но, жителите во Австрија не штеделе воопшто во 2022 година, па отишле во минус, во просек по жител 4.983 евра.

Според Евростат, вкупните финансиски средства на домаќинствата во ЕУ беа проценети на 33.546 милијарди евра во 2022 година, што беше 3,6 пати повеќе од вредноста на нивните финансиски обврски, која изнесуваше 9.350 милијарди евра.  Во 2022 година, средствата на домаќинствата во ЕУ беа составени главно од валути и депозити (34,1 %), удел во капитал и инвестициски фондови (32,8 %) и осигурување, пензии и стандардизирани гаранции (27,8 %), додека обврските во голема мера се состојат од заеми (93,2%).

Просечен граѓанин во Хрватска штеди по 73 евра месечно

Просечниот хрватски граѓанин сега заштедува 73 евра месечно, што е за три евра повеќе од лани, покажува истражувањето спроведено од Ерсте банка во Хрватска и низа други земји од пошироката област, објави Еуроактив.хр.
Според истражувањето, просечниот граѓанин на Романија секој месец издвојува 67 евра, во Србија 51 евро, во Чешка 144 евра, во Словачка 125 евра, а во Унгарија 106 евра.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот