Лучиќ: Македонскиот телекомуникациски пазар е развиен и има голем човечки потенцијал

Владимир Лучиќ
Владимир Лучиќ / Фото: МИА/Фросина Насковиќ

Нашиот влез како трет телекомуникациски оператор на македонскиот пазар беше одлука која ја потврдува и ја зајакнува нашата улога како предводник во дигиталната трансформација и лидер меѓу телеком компаниите во регионот. Поседуваме големо искуство, а во Македонија затекнавме особено развиен и уреден пазар, како и голем човечки потенцијал во областите кои што нам ни се потребни, вели во интервју за МИА Владимир Лучиќ, генерален директор на Телеком Србија, која што преку МТЕЛ почна со работа на македонскиот пазар.

Лучиќ истакнува дека влезот на трет оператор ќе има поволно влијание на пазарот со намалување на цените и подобрување на услугите. Во интервјуто говори за соработката со институциите, локалниот тим со кој што стартуваат со работа, плановите за во иднина.

Телеком Србија преку МТЕЛ почна со работа на македонскиот пазар на 16 ноември. Што беше пресудно за одлуката за влез на македонскиот телекомуникациски пазар?

– Пред точно 15 години го направивме првиот чекор на регионалниот пазар, влегувајќи во Босна и Херцеговина и сега е сосема јасно дека тоа беше правилен деловен потег. Уште тогаш јасно ја искажавме нашата амбиција дека не сакаме да биде само силен национален оператор, иако тоа е секако еден неопходен предуслов. За постојан развој, па и само за опстанок во индустрија како телекомуникациите, неопходни се циклуси на проширување на други пазари, отворање други извори на приходи и трансформација на начинот на деловно работење.

Имајќи го ова во предвид, одлуката да го прошириме своето работење како Телеком Србија група, преку нашата компанија МТЕЛ во Северна Македонија, е сосема природен деловен потег.

Покрај БиХ, присутни сме во Црна Гора, како и преку понуда на содржина во Хрватска и Словенија и во многу европски земји во кои постои голема дијаспора од земјите од регионот. Со тоа нашиот влез како трет телекомуникациски оператор на македонскиот пазар беше одлука која ја потврдува и ја зајакнува нашата улога како предводник во дигиталната трансформација и лидер меѓу телеком компаниите во регионот. Поседуваме големо искуство, а во Македонија затекнавме особено развиен и уреден пазар, како и голем човечки потенцијал во областите кои што нам ни се потребни. Уверени сме дека тоа е добитна комбинација.

Какви се вашите први впечатоци за деловното опкружување во нашата земја, какви се вашите искуства со административните процедури, кадарот…?

– Основањето на нашата компанија во Северна Македонија почна кон средината на јули годинава и морам да истакнам дека за релативно кратко време ги поставивме темелите на МТЕЛ во Северна Македонија. Остваривме добра соработка со надлежните регулаторни тела, така што успеавме во тие кратки рокови да се усогласиме со сите законски одредби и регулативи.

Меѓутоа, она што нас особено не’ радува е соработката со локалниот тим со кој што ја подигнавме компанијата овде во Скопје. Ни се придружија навистина врвни професионалци и експерти во областа на телекомуникациите, како и млади и амбициозни луѓе кои го прифатија предизвикот да бидат дел од МТЕЛ и Телеком Србија групата. Заедно ќе изградиме компанија, која што, како трет телекомуникациски оператор во земјата, ќе им обезбеди на македонските граѓани да добијат ново и поинакво корисничко искуство преку пристап до ексклузивна телевизиска содржина и иновативни дигитални услуги.

Почнувате со продажба на сателитска телевизија и како што велите ќе биде ексклузивна и конкурентна на македонскиот пазар. Како сметате дека ќе се издвоите и ќе го постигнете тоа?

– Исклучитено сме горди на врвната понуда на спортски и забавни канали, како и изборот на ексклузивна драмска и филмска содржина. Каналите Арена спорт, на кои се емитуваат најатрактивните натпревари од европскиот и светскиот фудбал, НБА преноси посветени на случувањата во најквалитетната кошаркарска лига на светот, потоа ракометни натпревари, како и пренсои од регионалните ватерполо лиги и други спортови, веќе се прв избор на спортската публика ширум регионот.

Имаме јасна стратегија за вложување во ексклузивна драмска и филмска програма која што се емитува на нашите канали Суперстар 1 и 2 и тоа повеќекратно ни се исплатеше. Атрактивна сериска програма, во која што учествуваат регионални актери, кои што се снимаат на регионални локации и во кои што се обработуваат теми кои на сите нам овде ни се блиски, направија овие канали во рекорден рок да се искачат на самиот врв според гледаноста. И гледачите во Македонија во иднина ќе може да уживааат во такви содржини, во кои што Телеком Србија се појавува како продуцент. И токму на тоа мислев кога споменав нови извори на приходи кон кои што телеком операторите неопходно е да се насочат во наредниот период.

Какви се вашите планови за наредниот период, имаше најави за влез во мобилната телефонија, оптички интернет…. Како го оценувате овој сегмет од пазарот?

– Секако, нашите планови во Северна Македонија се амбициозни. Стартуваме со услугата сателитска телевизија, но планираме понудата за овој пазар веќе во првата половина од следната година да ја прошириме со услуги од мобилната телефонија. И така ќе продолжиме додека не достигнеме целосен опфат на телекомуникациски и дигитални сервиси кои што веќе ги нудиме на сите пазари на кои што работиме.

Влезот на трет оператор секако ќе има поволно влијание на пазарот во смисла на намалување на цените и подобрување на услугите. Истражувањата кои што ги спроведовме покажуваат дека расположението на домашните корисници е такво што влегувањето на нов оператор го дочекуваат со очекување на понуда со подобри услови и услуги од оние кои веќе се присутни. Тоа е навистина голем предизвик, но ние сме во целост подготвени да одговориме на него.

Дали планирате да преземете односно да купите некој од помалите телекомуникациски оператори?

На пазарот на Северна Македонија влегуваме како гринфилд инвестиција. Овде основавме наша компанија, ја подигнавме од самиот почеток, но веруваме во брз раст на бројот на корисници бидејќи нашата понуда се издвојува по врвниот квалитет и бројот на внимателно одбрани канали.

Кога станува збор за инвестиции, нашата стратегија е сосема јасна – само во Србија вложуваме колку сите нашите конкуренти заедно. Така е веќе со години и тоа одразува на состојбата на пазарот – имаме доминантна улога во сите сегменти на делувањето, а оваа година според приходите стигнавме на првото место меѓу сите телеком оператори во регионот. Неодамна воспоставивме соработка со водечкиот европски оператор, Водафон, уверени сме дека тоа нам ќе ни помогне дополнително да ги оптимизираме трошоците и така да ослободиме нови средства за инвестиции во дигитални услуги кои ќе ја трансформираат целокупната индустрија и компаниите кои што делуваат во неа.

Секако ќе го следиме развојот на пазарот и според тоа ќе ги усогласуваме нашите идни деловни потези.

Извор: МИА