Лош крај на сезоната: Наместо нови туристи, нов бран рестрикции

Плажа. / Фото: Архива на Слободен печат

Соочени со доаѓањето нов бран ковид-19 туристичките агенции и угостителите најверојатно ќе бидат принудени да воведуваат ригорозни заштитни мерки. Тоа ќе  ги урне надежите дека сезоната ќе биде толку успешна за да ја надокнади ланската загуба.

Во шпицот на туристичката сезона засега и во земјата и во регионот сè се одвива според очекувањата на туристичките агенции и на угостителите. Но, соочени со доаѓањето нов бран ковид-19 тие најверојатно ќе бидат принудени да воведуваат ригорозни заштитни мерки. Тоа ќе  ги урне надежите дека сезоната ќе биде толку успешна за да ја надокнади ланската загуба.

– Туристичката сезона не е ни приближно успешна како претходните години. Не очекувавме веднаш да биде сјајно, но навистина е тешко. Луѓето се финансиски истрошени, во сите дејности примањата беа или се уште се намалени, буџетот за одмор е намален, а капацитетите во туристичките објекти се поскапи, затоа што имаа голем пад на приходите во 2020 година – вели Марија Јовановска од туристичката агенција „Травити“.

Од денеска во отворените делови на рестораните и објектите каде што присуствуваат над 30 лица ќе можат да влегуваат само оние со потврда за примена барем една доза вакцина.

Многу македонски туристи годинава летуваат во Албанија, која не бара од гостите негативен тест, ниту ги испраќа во карантин. Досега во Албанија се вакцинирани речиси 58 отсто од планираните 2,2 милиони луѓе, но сега нагло расте бројот на заразени. Ситуацијата не е сјајна ниту во Косово, каде што деновиве беа регистрирани над 500 новозаразени од коронавирусот.

– За разлика од 2019 година, работиме со 10 до 20 отсто капацитет во смисла на понуда и побарувачка. Најбарана дестинација ова лето е Турција, каде во моментов се влегува со приложен негативен тест и секој ден имаме чартер летови до туристичките места. Грција е втора најбарана дестинација, но таму угостителските објекти работат со половина капацитет – објаснува Маја Димитровска, управител на туристичката агенција „Атлас корпорејшн“.

Во Грција завчера беа регистрирани над 4.000 новозаразени, а повеќе од 200 пациенти се приклучени на апарати. Доколку бидат тестирани и добијат позитивен резултат, за туристите во Грција е предвидена десетдневна изолација во хотел-карантин.

Сѐ повеќе држави воведуваат „ковид-потврди“ или пропусници, според правилото наречено ПВТ, што значи прележани, вакцинирани, тестирани.

Македонија, заедно со Србија и Албанија, сè уште е на листата на безбедни земји за ковид откако Европската Унија ја донесе одлуката на крајот на јули. На секои две недели, ЕУ ја проценува епидемиолошката состојба во државите што не се членки, и ја ажурира листата. Во моментов, критериумот што една држава треба да го исполни за да се смета за безбедна, е во неа да има максимум 75 позитивни случаи на 100.000 жители во последните 14 дена.

Но, дури и ако некои земји важат за безбедни, секоја членка на ЕУ има право да воведе свои мерки, бидејќи прашањето за здравјето е во национална надлежност.

Ситуацијата дополнително се искомплицира откако во сите земји каде што е регистрирана делта варијантата, забележан е пад на ефикасноста на вакцината. Здравствените власти мака мачат да го уверат народот дека стапката на тешка форма на ковид е неколку пати поголема кај постарите луѓе кои не се вакцинирани отколку кај оние кои се вакцинирани.

Црногорските медиуми објавија дека од почетокот на јуни, државата потрошила околу 300.000 евра за бесплатно тестирање на туристите кои престојуваат во државата, а позитивни биле помалку од 1 отсто. На 5 јули во Црна Гора имало околу 62.000 туристи, што е деветпати повеќе од лани во истиот период. Според најновите рестриктивни мерки  на граѓаните им е дозволен влез во ресторани и дискотеки само со доказ за примена барем прва доза вакцина, негативен ПЦР тест или доказ за прележан вирус. Црна Гора не потврди присуство на делта-сојот на својата територија.

Паниката се зголеми минатиот месец со значителниот пораст на индиски државјани кои беа забележани како минуваат низ Србија и ја користат како зона во која ќе го поминат задолжителниот карантин за да стигнат во Саудиска Арабија, каде што работат, но притоа и да истераат и одмор. Во моментов, за влез во Србија е потребен доказ за вакцинација, за прележан коронавирус, или негативен ПЦР-тест. Влезот е дозволен за државјаните на сите земји од светот, доколку ги исполнуваат условите. Во последните неколку денови бројката на новозаболени нагло порасна. Најчестите земји во кои патуваат Србите се Македонија, Бугарија, Албанија, Црна Гора, Турција и Грција.

За хотелите не важи ограничувањето до 30 гости

Хотелите остануваат да работат со полн капацитет и по 16 август, само со служење пансион, во затворен простор, без потврда за имунизација од ковид-19 – изјави за МИА Крсте Блажески,  претседателот на Асоцијацијата на хотелиери – ХОТАМ.

Тој посочува дека и покрај тоа редари мора да имаат во објектите, кои нема да примаат надворешни гости во затворените ресторани и сали.

– Беше прифатено нашето барање, направени се измени и потврда за вакцинација нема да требаат за служење пансион и за над 30 гости од хотелот. Ќе пробаме во најдобар ред да ги почитуваме времените мерки и што побрзо да излеземе од овие лоши времиња – вели Блажески.

Првиот човек на ХОТАМ наглaси дека и натаму ќе останат да ги почитуваат протоколите со постојано дезинфекција, задолжително растојание во рестораните и не повеќе од четири лица на една маса.

– Затекнати сме, 16 август е на две недели од крајот на сезоната. Ваквите мерки влијаат психички кај гостите, некои ги откажуваат аранжманите, други пак што планирале да користат летен одмор во некое туристичко место во земјава сега се во недоумица – додаде Блажески, нагласувајќи дека семинарите веќе се откажувале.

Тој смета дека требало порано да се реагира во однос на организирањето поголеми собири, како што беа многубројните забави на охридско-струшката ривиера изминатиот период.

За поголеми собири требаше да се размисли малку порано. Ефектот е пренесен повеќе на млади лица, овој пат затоа што тие повеќе се групираа на забави. Повозрасните многу повеќе внимаваат, дури и на свадбите го нема поздравувањето со гушкање. И свадбите со внимавање не се толкава опасност, ако се почитуваат протоколите – смета Блажески.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот