Лојален и дисциплиниран: Кој е човекот кој го заменува Џонсон?

Фото: EPA-EFE/WILL OLIVER

Шефот на британската дипломатија Доминик Раб, припадник на новата гарда на политичари на Конзервативната партија, официјално ќе го замени премиерот Борис Џонсон додека тој се бори со коронавирусот на одделението за интензивна нега во лондонската болница „Свети Томас“.

Евроскептик, носител на црн појас во карате трети дан и аматерски боксер, 46-годишниот Раб се смета за „лојален и дисциплиниран“.

– Тој е цврст и остроумен. Не е личност која лесно може да биде застрашена, изјави неговиот поранешен шеф, екс британскиот министер за Брегзит Дејвид Дејвис.

Раб е син на еврејски бегалци од Чешка кои стигнале во Британија во 1938 година. Татко му умрел од рак кога имал 12 години, па мајка му сама го израснала.

Студирал право на Оксфорд и Кембриџ

Тој студирал право на престижните универзитети Оксфорд и Кембриџ.

Како млад приправник специјализиран за меѓународно право се вработил во адвокатската фирма Линклатерс, а подоцна се придружил на министерството за надворешни работи, каде се занимавал со прашања поврзани со тероризам на море, пренесува Хина.

Во неговата биографија се наведува и дека во 2003 година е „именуван во дипломатскиот тим на британски адвокати кои во Хаг ги истражувале воените злосторства на Слободан Милошевиќ“.

Меѓу 2006 и 2008 година тој бил шеф на кабинет на Дејвид Дејвис, тогашен конзервативен министер за внатрени работи во сенка.

Во британскиот парламент првпат е избран во 2010 година. Пет години подоцна прв пат влегува во извршната власт, кога во владата на Џејмс Камерон станува заменик министер за правосудство.

Активист во кампањата за Брегзит

Година подоцна, при референдумот за Брегзит, тој веќе стана активист за излез од ЕУ.

Во владата се враќа во 2017 година, прво како министер за правосудство, а потоа Тереза Меј го именуваше како министер за Брегзит по оставката на Дејвид Дејвис во 2018 година. Сепак, Раб не се двоумеше кога ја напушти таа функција три месеци по незадоволството создадено од договорот за Брегзит кој Меј го договори со Брисел.

По оставката на Тереза Меј, тој се вклучил во трката за претседател на Конзервативната партија, но испадна во вториот круг на гласање, односно заврши на шесто место. Тогаш го подржа Џонсон, кој подоцна и победи, а кој му возврати на поддршката со неговото именување за министер на внатрешни работи.

Оженет е и татко на два сина, Питер и Џошуа.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот