Љубовта на Иво Лола и Слобода

Марин Гавриловски

Големата љубов на Слобода и Иво Лола, како и текстот на писмото кое Иво и го пратил на Слобода беше инспирација на познатиот композитор и аранжер Корнелије Бата Ковач, основач на познатата југословенска „Корни група“, да ја компонира една од најубавите балади, насловена „Иво Лола“.

Во неделава кога го празнуваме Денот на вљубените, Свети Валентин, убаво е да се потсетиме на една љубовна приказна од средината на минатиот век чии протагонисти се Иво Лола Рибар и Слобода Трајковиќ.

Основното училиште во кое ги завршив првите осум години од моето школување за време на поранешната федеративна заедница го носеше името на браќата Иво и Јурица Рибар, прославени млади партизани кои своите животи ги загубија за време на Наордноослободителната војна. Тие потекнуваа од добростоечко семејство на хрватски интелектуалци кои по почетокот на Втората светска војна заедно решаваат да заминат во илегала и да се борат за слобода на својата таковина од фашистичкиот окупатор. Нивниот татко, д-р Иван Рибар е првиот претседател на АВНОЈ (Антифашистичко веќе на народното ослободување на Југославија), а по војната бил претседател на Президиумот на Народното Собрание на ФНРЈ (Федеративна Народна Република Југославија). Починал во 1968 година, никогаш не прежалувајќи ги своите синови.

Иво Лола Рибар бил секретар на ЦК на СКОЈ (Централен комитет на Сојузот на комунистичката младина на Југославија), правник и револуционер, кој своето образование го стекнал во Париз, Женева и во Белград. За време на Втората светска војна бил популарен младински партизански лидер и член на Врховниот штаб на НОВ и ПОЈ (Народно ослободителната војска и Партизанските одреди на Југославија). Иво Лола бил лудо вљубен во својата девојка Слобода Трајковиќ. Таа била студент по хемија, родена на крајот на Првата светска војна (во Врњачка Бања), што било и причина нејзините родители да и го дадат тоа симболично име. Нивната врска била толку сериозна што било планирано тие да се верат на мала семејна церемонија на 6 април 1941 година. За жал, Хитлер планирал нешто друго тој ден. Утрото на 6 април почнала операцијата со кодно име “Strafgerict” („Страшен суд“) во која со страотното бомбардирање на Белград почнал нападот на силите на Тројниот пакт врз Југославија.

Судбината ги разделува Иво Лола и Слобода, тој заминува во партизани, а таа поради кревкиот изглед и нежното здравје оди кај својата тетка неможејќи да му се придружи на својот вереник. Војната ги разделува засекогаш. Тие комуницираат со писма. За жал, едно од нив паѓа во рацете на Гестапо (озлогласената тајната германска полиција), што резултира со апсење на целото нејзино семејство. Германците ја тераат Слобода да напише одговор на добиеното писмо и да го повика Иво Лола да дојде во Белград каде тој би бил фатен од страна на Гестапо. Таа одбива и тоа значи сигурна смрт за нејзе и за нејзиното семејство. На 9 мај 1942 година, тие се убиени во гасните комори на логорот Бањица.

Во едно од најубавите љубовни писма, Иво и се обраќа на Слобода: „Во мојот живот постојат само две работи: мојата служба за нашата света цел и мојата љубов кон тебе, моја најмила. Нашиот живот и среќа кои ги сакавме, како и милиони други, не можевме да ги оствариме изолирано, туку само преку нашата борба и нашата победа. И затоа тие две работи, во суштина, за мене се едно. Знај душо, дека ти си едниствената која ја сакав и која ја сакам. Сонував и сонувам за нашата заедничка среќа – онаква каква што ја сакавме, среќа достојна за слободните луѓе. Таа е единствената права среќа, единствената која треба да се живее. Многу, многу те сакам, еднствена моја! И сакам никогаш да не го добиеш ова писмо, туку заедно да го дочекаме големиот час на победата. Сакам со мојата љубов да те направам онака среќна како што ти заслужуваш.“

За жал, и животот на Иво Лола завршува трагично, тој загинува во месноста Гламочко Поле, непосредно пред полетувањето на авионот со кој требало да отпатува за Каиро, како прв дипломат на нова Југославија. Во последното писмо кое му го пратил на татко му, тој ја споменува и Слобода: „Мојата Слобода, онака мала и нежна, појде кон смртта, со насмевката која секогаш беше нејзина“.

Големата љубов на Слобода и Иво Лола, како и текстот на писмото кое Иво и го пратил на Слобода беше инспирација на познатиот композитор и аранжер Корнелије Бата Ковач, основач на познатата југословенска рок група „Корни група“, да ја компонира една од најубавите балади, насловена „Иво Лола“.

Во овие мрачни и тешки времиња, времиња на болести, војни, земјотреси, злоба, лошотилак, како никогаш повеќе се наметнува потребата да се пишува и да се зборува за убавите нешта. А има ли нешто поубаво од чистата идеалистичка љубов помеѓу двајца млади луѓе, за кои саканиот бил поважен дури и од сопствениот живот.

Некои нови трубадури денес повторно творат за љубовта и за вистинските вредности. Познатото музичко дуо Драган Спасов Дац и Александар Митевски ни порачуваат: „Љубов, љубов, само малку љубов, на светот не му треба ништо друго“. И навистина, колку овој свет би бил подобар кога во секој од нас би имало барем малку повеќе љубов, емпатија и позитивни мисли и чувства. Затоа, сакајте ги своите блиски, бидете добри кон нив, почитувајте ги и ценете ги како најголемо богатство, бидејќи навистина, партнерот/партнерката, децата, пријателите и родителите се најголемото богатство кое било кога во животот можете да го имате. Кој го разбрал тоа, ја разбрал и суштината на животот.

(Авторот е адвокат)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот