Левица со иницијатива градинките во Ѓорче Петров да бидат бесплатни

Советот на Општина Ѓорче Петров да донесе одлука со која престојот и исхраната на децата во петте објекти на градинката „Росица“ ќе бидат бесплатни. Ваква иницијатива до Советот на Општината поднесе советникот на Левица, Дарја Мустафаоглу.

Градинките денес, особено во услови на криза со сѐ поголеми трошоци за живот, претставуваат огромен трошок за сиромашните семејства кои во општината Ѓорче Петров се во незанемарлив број. Родителите покрај редовниот месечен надоместок се соочени со дополнителни трошоци кои се наметнуваат како листа на материјали што секој родител е должен да ги обезбеди на детето кое посетува градинка. Поради ваквиот финансиски товар на месечно ниво, родителите сѐ почесто се принудени да изнаоѓаат други алтернативи коишто несомнено го немаат истиот ефект како градинките во однос на понатамошниот тек на образовниот процес, социјалната интеграција и развојот на когнитивните и некогнитивните вештини кај децата – објаснуваат од Левица.

Оттаму велат дека се свесни дека општина Ѓорче Петров не е општина во која живеат богати луѓе, па затоа сметаат дека треба да обезбедат генерациите што доаѓаат да имаат подобра егзистенција и перспектива, а дека тоа може да се оствари со надминување на бариерите кои ги ограничуваат семејствата со скромна живеачка да ги користат градинките.

Од Левица сметаат дека бесплатните градинки се можни и нужни.

Општината покрај тоа што е должна да обезбеди доволно капацитети во градинките, како и соодветни услови во нив, услугите коишто ги нуди таа е логично да бидат ослободени од надоместок за жителите, затоа што тие својата финансиска обврска кон општината ја извршуваат преку плаќањето на даноци – велат од Левица.

Од партијата очекуваат двете коалиции застапени во Советот на Општина Ѓорче Петров да ја поддржат иницијативата имајќи ги предвид, како што велат, нивните предизборни ветувања и истакнување на бесплатното згрижување на децата во градинките како мерка за справување со кризите во неколку наврати.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот