Левица се закани дека ќе гаси микрофони во Собранието

Партија „Левица“ / МИА

Ако треба, ќе блокираме со филибастеринг, долги говори, со илјадници амандмани и, ако треба да се скандализира Собранието, подготвени сме и физички да ги спречуваме пратениците да говорат преку гаснење на микрофоните, за „Слободен печат“ вели Јована Мојсоска, член на президиумот на Левица.

Ќе ги исполниме хировите на претседателот на Собранието Талат Џафери и во дадениот рок ќе ја коригираме иницијативата за референдум, порача Левица откако собранискиот спикер им ја врати иницијативата на доработка. Од партијата на Димитар Апасиев го предупредуваат Џафери дека со илјадници амандмани, филибастеринг и, ако се принудени, ќе го скандализираат Собранието и со физичка блокада целосно ќе ја блокираат работата на законодавниот дом ако тој им ја отфрли иницијативата.

Апасиев смета дека Џафери купува време со враќањето на иницијативата за референдум.

– Иницијативата не е одбиена. Ова не е ист случај како со претходната иницијатива на ВМРО-ДПМНЕ. Ако правилно читаме, иницијативата е вратена на корекција, односно спикерот Џафери спротивно, во негов стил – силеџиски, како уставен судија, но сега со друга финта – ни ја врати да ја усогласиме во рок од 15 дена. Ние, впрочем, тоа и ќе го направиме – рече Апасиев.

Апасиев: Само купуваат време

Според него, не држи правното толкување на Џафери дека заклучокот бил став, а не бил акт и, според тоа, прашањето не било соодветно поставено.

– Тој го занемарува членот 24 од Законот за референдум и други одлуки на непосредно изјаснување на граѓаните, каде што вели дека дополнителен референдум каков што ние бараме може да се распише за други прашања за кои одлучувало Собранието. Токму такво прашање, значи не се бара акт, туку прашање е заклучокот, односно заклучоците што ние ги ставаме на референдум. Оттука, ова враќање на спикерот Џафери е само добивање време, односно купување време – смета Апасиев.

Од Левица повторуваат дека целосно ќе го блокираат Парламентот ако иницијативата биде одбиена. Јована Мојсоска, член на президиумот на партијата, за „Слободен печат“ вели дека нема да биде првпат да го блокираат Собранието и потсетува дека тоа веќе го сториле за Законот за државјанство кога поднеле 1.000 амандмани.

– Тогаш блокиравме околу 15 закони што уште не се донесени. И сега ако треба ќе блокираме преку филибастеринг, односно долги говори на комисиите, со илјадници амандмани и, ако треба да се скандализира Собранието, подготвени сме и физички да ги спречуваме пратениците да говорат преку гаснење на микрофоните. Наша цел е воопшто да не можат да се донесат законите. Ако треба да банализираме, ќе го преплавиме Собранието со иницијативи, како на пример осудени функционери за тероризам да не можат да бидат носители на јавни функции – вели Мојсовска.

За блокадата на Собранието Левица се надева на поддршка од ВМРО-ДПМНЕ.

Џафери: Такви прашања не се општ правен акт

Џафери вчеравечер ја врати иницијативата на Левица на доработка, дополнувајќи дека подносителот Апасиев има двегодишно искуство во Собранието.

– Се надевам дека му е позната одредбата од членот 135 од Деловникот на кој го упатувам. По однос на содржината на прашањето, тоа е само потсетување, не е моја обврска да навлегувам, дека начинот на кој е поставено прашањето во понатамошната постапка може да има проблем во смисла што укажуваат другите институции дека такви прашања не се општ правен акт. Само го потсетувам на укажувањето на другите институции. Во предвидениот рок, ќе видиме во која насока ќе се исполнуваат барањата за хармонизација со членот 135 од Деловникот – изјави Џафери и додаде дека одредбата од член 135 е јасна и прецизна по која основа треба да се доуреди барањето.

Претседателот на Собранието преку соопштение го објави својот став дека барањето за одржување референдум од Левица не е подготвено во согласност со собранискиот Деловник, дека прашањето е несоодветно поставено и побара во рок од 15 дена предлагачот да го усогласи барањето со одредбите од Деловникот.

Левица на 7 октомври до Собранието поднесе иницијатива за започнување задолжителен и дополнителен референдум на државно ниво на референдумско прашање: „Дали сте за продолжување на преговорите со ЕУ со прифаќање на собраниските заклучоци од 16 јули 2022 година?“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот