Лани во Казахстан се случило едно од најлошите истекувања на метан во историјата

Истекување на метан во Казахстан / Фото би-би-си

Еден бунар во Казахстан лани го имал најлошото истекување на метан во историјата, според новата анализа на Би-Би-Си. Се проценува дека 127.000 тони гас истекле по експлозијата што проследила со пожар, кој траел повеќе од шест месеци. Метанот е многу помоќен стакленички гас од јаглерод диоксидот. Компанијата Бузачи Нефт, која е сопственик на бунарот, негира дека истекло значително количество метан.

Според пресметката на американската Агенција за заштита на животната средина за еквивалентноста на стакленички гасови, негативното влијание на таквото истекување на гас може да се спореди со она на возење на 717.000 автомобили на бензин за една година.

Протекувањето започна на 9 јуни 2023 година, кога експлозија предизвика пожар за време на дупчење во регионот Мангистау во југозападен Казахстан. Пожарот продолжи до крајот на годината и беше ставен под контрола дури на 25 декември 2023 година. Локалните власти за Би-Би-Си изјавија дека моментално се работи на запечатување на бунарот со цемент.

Природниот гас се состои првенствено од метан, кој е безбоен. Но, кога сончевата светлина поминува низ него, се создава уникатен отпечаток што може да го следат сателитите. Протекувањето во Казахстан прво го истражуваше француската геоаналитичка компанија Кајрос, а нејзината анализа подоцна беше потврдена од холандскиот институт за вселенски истражувања (СРОН) и Политехничкиот универзитет во Валенсија, Шпанија.

По анализата на податоците, експертите заклучија дека за време на инцидентот истекле 127.000 тони метан, што може да биде најлошото вакво истекување во историјата, кое не било предизвикано од природни процеси.

„Пет различни сателитски инструменти кои можат да детектираат метан ги забележаа облаците од овој гас. Секој од нив го мери метанот на специфичен начин, но мерењата беа конзистентни“, рече Луис Гуантер од Политехничкиот универзитет во Валенсија.

Но, Бузачи Нефт продолжува да негира дека имало истекување на огромни количества метан. Од фирмата вели дека во бунарот имало помало количество од овој гас и дека сепак ќе изгорел при истекувањето од бунарот. Компанијата тврди дека за време на инцидентот во атмосферата истекла само водена пареа, која формирала големи бели облаци кои биле видливи од вселената.

Компанијата на тој начин сугерираше дека сателитите ја замениле водената пареа со метан и дека научниците не го земале предвид нивото на метан што било во атмосферата пред експлозијата кога ги анализирале податоците.

Научниците не се согласуваат со овие инсинуации. „Го тестиравме потенцијалниот ефект на водена пареа или чад и не најдовме никаков сигнал“, рече Гуантер, додавајќи дека за време на анализата барале само изолирани облаци од метан и дека нивните методи нема да бидат засегнати од метанот кој веќе бил во атмосфера пред несреќата.

Официјалната истрага за причините за инцидентот, предводена од Комитетот за индустриска безбедност на Атирау, покажа дека Бузачи Нефт не успеал соодветно да ја надгледува работата на бунарот. Таа го обвини и подизведувачот, компанијата Заман енерго, за бројни неуспеси во процесот на дупчење.

Казахстанското министерство за енергетика изјави за Би-Би-Си дека справувањето со истекувањето на метан е сложена техничка операција и дека не постои универзално решение што може да спречи слични инциденти.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот