Купувачите немилосрдно купуваат: Маслото за јадење или го нема или е со изгор цена

Масло на рафт во маркети / ,,Слободен печат'' - Драган Митрески

Во некои од продавниците веќе подолго време не може да се најде сончогледовото масло за јадење, а таму каде што го има, се продава по цени од 130 и 140 денари. Прогнозите на производителите не се оптимистички и тие не очекуваат пониски цени во наредните месеци, ниту, пак, очекуваат во наредната година да се врати цената што беше пред година и пол. Она што ги мачи производителите е и набавката на суровината за производство на сончогледовото масло за јадење.

Најголемиот производител на масло за јадење фабриката „Брилијант“ има суровина за преработка за 3 месеци, а во моментов произведува повеќе од истиот период минатата година, но како што објаснува Симон Наумоски, директор на „Витаминка“ (компанија во чија сопственост е „Брилијант“), потрошувачката на маслото за јадење е многу поголема од лани.

– Ние зависиме од берзанските цени на маслото за јадење. Пред година и пол тие беа 610 до 620 евра за тон, сега веќе се 2.340 евра за тон, или 4 пати повеќе. Некаде може да се најде и поевтино, а некаде е поскапо, но во просек би кажал дека тоа е таа цена. Дополнително, зголемена е и цената на превозот. Се обидуваме да најдеме доволно количество по прифатливи цени, бараме од разни места, но поради сите случувања со цените, мора да купуваме со земени кредити. Успеавме еден камион да набавиме и од Украина, а последната поголема пратка ни е од Србија. Очекуваме како што ни беше ветено и понатаму да добиваме сурово масло од Србија, но сè уште немаме добиено цена по која ќе ни се испорачува – изјави за „Слободен печат“ Наумоски.

Тој вели дека годинава светското производство на сурово масло за јадење било за 4 проценти поголемо од побарувачката.

– И покрај тоа, имавме значаен раст на цените. Секогаш кога се јавуваат вакви кризи, се јавува паника кај населението и зголемена потрошувачка. Но, какви ќе бидат цените по новата реколта за која постои толкава неизвесност, со оглед на тоа што Русија и Украина се најголемите производители на сончоглед, неблагодарно е што било да се прогнозира – вели Наумоски.

Тој вели дека на глобално ниво, во светот најмногу се произведува палмово масло, па соино и на крај сончогледово масло, а дека на берзите се зголемени цените на сите видови масло за јадење.

– Во Бугарија цената за литар сончогледово масло за јадење е 6 лева (3 евра), а Бугарија има многу повеќе масло за јадење отколку што се нејзините потреби. Проблеми со снабдување на масло за јадење имаат и Германија и Франција – вели Наумоски и посочува дека тоа се факти што кажуваат дека не може да се предвиди како ќе се движат цените во иднина, но јасно е дека нема да бидат како порано.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот