Куманово е убедливо најбучен град во Македонија

Куманово
Куманово / Фото: Фејсбук, Куманово

Куманово е рекордер по изложеност на граѓаните на бучава, покажува Годишниот извештај за квалитетот на животната средина за 2022 година, кој што го објави Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП).

Податоците од извештајот покажуваат дека во четирите градови во коисе вршеле мерења – Куманово, Скопје, Битола и Кичево има отстапување од дозволените вредности, но сепак најлоша е состојбата во Куманово.

„Согласно обработените податоци од комунална бучава може да се заклучи дека од четирите разгледувани градови, Куманово е град со најголемо загадување од бучава. Нивото на бучава во животната средина во Куманово на сите мерни места и за сите три основни индикатори: бучава преку ден, во текот на вечерта и бучава преку ноќ, е над дозволената гранична вредност“, пишува во извештајот.

Куманово е рекордер и во однос на екстремната бучава, која е повисока дури за повеќе од 50 отсто од дозволеното.

„Екстремно високо максимално ниво на бучава е измерено во пролетниот период во Куманово и изнесува 95,80 децибели, што е за 35,80 д/б над граничните вредности. Највисоката вредност во Кичево изнесува 75 д/б, во Скопје 71 д/б, додека во Битола изнесува 67,5 д/б“, покажува извештајот за 2022 година.

Инаку, максимално дозволеното ниво изнесува 60 децибели, при што дневната граница во подрачје од прв степен е 40 децибели, а ноќната 50.

Мерењето на комуналната бучава во Куманово го врши Одделението по хигиена и здравствена екологија при Центарот за јавно здравје, и тоа двапати годишно во месеците април и октомври. Согласно Правилникот за локациите на мерните станици бучавата се мери на десет мерни места, кои се наоѓаат на најфреквентните сообраќајници во поширокото градско подрачје. Податоците покажуваат дека сообраќајот е најзначајниот фактор за висока атмосферска бучава во Куманово, а голем удел има и градежната индустрија.

Особено значајно и специфично за Македонија е соседството и бучавата предизвикана од друга самостојна звучна опрема, како што е бучавата од верските објекти. Во Куманово разгласите од неколкуте џамии во градот и приградските населби се пуштени на најјако, па тие се проблем и за граѓаните кои само поминуваат покрај нив, а не само за оние кои живеат во нивната околина.

Врз основа на студии направени од Институтот за јавно здравје, најчесто како последица на зголемено ниво на бучава се јавува нарушување на спиењето, вознемиреност кај населението, оштетување на слухот, кардиоваскуларни проблеми и влијае на психофизичката состојба.

Во извештајот стои дека долготрајната изложеност на бучава во животната средина, пак, предизвикува сериозни здравствени проблеми кои може да бидат акутни, хронични и со долготрајни ризици. Бучавата предизвикува замор, слабеење на концентрацијата, губиток на волјата и расположение, а бучавата преку 110 дб создава и пореметувања во центарот за рамнотежа. Кај некои пациенти се опишани пореметувања на ритамот на срцето и промени на електрокардиограмот. Исто така, можни пореметувања на крвниот притисок, односно негово покачување или намалување.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот