Куклите, играчките, па дури и облеката може да бидат фатални за децата

Минатата година имало отстранување на приближно 11 различни видови модели на играчки и облека увезени од Кина, а причината е што можеле да предизвикаат задушување, објаснуваат пазарните инспектори

Комплети играчки сложувалки, кукли и детска облека, сите увезени од Кина, лани се повлечени од продавници за играчки во Тетово и во Скопје. За една од играчките – куче акробат на батерии – е констатирано дека има мали делови, кои детето може лесно да ги проголта и да дојде до задушување.

Инспекторите детализирале дека на затворачот за батерии нема шраф! Опасност од задушување од ситни делови е забележан и кај една кукла. Во однос на детската облека (дуксер со врвки кај качулката), забелешката е дека „може да дојде до давење и дека не е во согласност со стандардот за безбедност на детска облека МКС ЕН 14682 : 2015“.

Детските сложувалки, пак, се повлечени бидејќи биле без ЦЕ-ознаки и не ги исполнувале одредбите од Правилникот за безбедност на детски играчки од Сл. весник на РМ бр.33/06 и 63/07. Не е познато дали овие играчки веќе не се продаваат, бидејќи за сите нив е препорачано трговецот доброволно да ги отстрани. Доколку виделе што купиле и колку е тоа небезбедно за нивните деца, на потрошувачите им е советувано да престанат да ги користат!

Државниот пазарен инспекторат во 2022 година речиси секој месец отстранувал по еден ваков производ, бидејќи една од обврските му е и контролата за безбедноста на играчките. Од ДПИ за „Слободен печат“ информираат дека во нивна надлежност е да спроведуваат надзори за механичките, односно за физичките карактеристики на играчките во согласност со Законот за безбедност на производи и според Правилникот за безбедност на детски играчки.

– Минатата година имало отстранување на приближно 11 различни видови модели на играчки – велат пазарните инспектори.

Македонските продавници за играчки блескаат од силните бои што просто мамат од рафтовите. И не се маѓепсани само децата, туку и нивните родители, а да не зборуваме за бабите и дедовците. Но, сите играчки не се наменети за деца, туку напротив може да бидат многу опасни. Понекогаш е во прашање квалитетот, а понекогаш совеста на производителите, кои дизајнираат играчка што добива и старосно ограничување.

– Веќе десетина години има сериозен пад на квалитетот на сите производи на пазарот, а проблемот е посебно изразен кога се во прашање производите за деца. Нашите трговци ги набавуваат играчките и облеката каде што ќе стигнат, битна им е цената – вели една мајка.

Според податоците на Европскиот глобален портал за отповикување производи, играчките сочинуваат 20 отсто од вкупниот број повлекувања од сите пазари. Затоа е во тек кампања за подигање на свеста за безбедноста на играчките што се продаваат на интернет. Како што расте е-трговијата, играчките што се продаваат на овој начин се сè поголема опасност за клиентите. Според европската статистика, меѓу 2010 и 2020 година играчките и видеоигрите биле најчесто повлекувани категории производи.

Во 2019 година, од 3.740 повлечени производи по нарачка на 40 земји, дури 20 отсто биле играчки. Причините поради кои биле повлечени се поврзани со можни повреди. И на списокот на опасни и небезбедни производи, објавен од европскиот систем за брзо предупредување Рапекс, играчките се на прво место со години.

Бебињата ставаат во уста ризични хемикалии!

Повеќето од светските извештаи се фокусираат на опасните и високоризични хемикалии што се наоѓаат во таквите производи за деца. Пред неколку години, кога т.н. „слајм“, растеглива смеса што може да се направи дури и дома, беше популарна меѓу децата, ЕУ спроведе независно истражување. Имено, биле тестирани 11 различни верзии на овие играчки, кои тогаш биле во продажба, а дури во осум е утврдено дека имаат превисоко ниво на боракс, односно повеќе од 300 микрограми на килограм, што е дозволената граница во ЕУ.

Се покажа дека, според статистиката на Рапекс, списокот на апликации за небезбедни производи содржи најмногу од оние поврзани со хемиски опасности, а ЕУ започна темелна подготовка за промена на регулативите, објави Политика рс.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот