Кризно профитерство

Соња Кириџиевска
Фото: Драган Митревски/Слободен печат

Прашањето е зошто неосновано се крева паника, кога најголемиот дел од компаниите од трговијата и производство на храна, генерираа висок профит во овие речиси две пандемиски години. Економистите се на став дека пазарната економија ја оправдува секоја цена за која има муштерија, ама дали е тоа етички?

Уште не се исуши мастилото на одлуката за замрзнување на цените на основната храна, а дел од производителите почнаа да брмчат дека ограничувањата директно ќе предизвикале ефект на „празни полици“. Предупредувањето е „примено на знаење“, ама не е лошо да се потсетиме на 2008 година, која остана запаметена поради истата ваква кризна состојба со цените на храната. И тогаш се разбуди шпекулантскиот менталитет, цените се дигаа во небеса, ама не останавме гладни. Затоа, она што прво паѓа во очи е дека актуелниве предупредувања се штанцаат секогаш кога ќе им се брцне во џебот на производителите. Тогаш почнуваат да се лиферуваат загрижувачки соопштенија за евентуален недостиг на прехранбени производи. За несреќа, единствената последица од сето тоа може да биде фрлање пари за непотребни залихи. Основниот проблем е што замрзнатите цени нема да им помогнат на македонските граѓани да почувствуваат поголеми промени во квалитетот на животот. Ова не е ништо ново во состојбата која трае со години, а која се сведува на забележителна рационализација и стагнација во потрошувачката. Прашањето е зошто неосновано се крева паника кога најголемиот дел од компаниите од трговијата и од производството на храна генерираа висок профит во овие речиси две пандемиски години?

Храна, ќе има, но најважното прашање е кој и колку ќе може да си ја дозволи. Бидејќи со месеци наназад плаќаме поскапо месо, леб и печива, млечни производи, масло за јадење, бензин… Состојбата во нашите паричници ја претрка статистиката. Економистите велат дека зголемената инфлација е последица од пандемијата, од нарушените понуда и побарувачка на светскиот пазар, од драстичното поскапување на енергенсите, но и од своевидното „кризно профитерство“. Конкретен пример за ваквата констатација се случи лани во март, кога на лекарските препораки за повеќе витамини трговците одговорија „соодветно“ – со петкратно зголемена цена на јужното овошје. За да се види за колкава маржа и заработувачка се работеше, некој педантно пресмета дека од 11 до 19 март лани увозната цена на лимоните изнесувала од 32,3 до 45 денари по килограм. На 19 март 2020 година увозната цена на лимонот била 35 денари, а малопродажната цена се вивна до 180 денари по килограм! И ако ова не е доволен доказ за конкретна злоупотреба на актуелната состојба, еве ви уште едно потсетување. Ако пред почетокот на корона кризата една маска чинеше околу 4 денари, тие до пред некој месец се продаваа од 30 до 50 денари. Пандемијата се искористи и за поскапување на цените на заштитните ракавици, кои од околу 2 денара, преку ноќ скокнаа на 30 денари за парче. Слична ситуација ни се случува и во изминатите месеци, па од летоска наваму цените си растат – некаде помалку, некаде повеќе и позабележително.

Економистите се на став дека пазарната економија ја оправдува секоја цена за која има муштерија, ама дали е тоа етички? За жал, стандардот на македонските граѓани веќе не е во состојба да издржи трупање одредени производи, со што дополнително би се подгреал синдромот „празни полици“. Овде сѐ уште се прави „ситен промет за ситна пара“. Но државата, освен замрзнувањето на цените можеше да посегне и по други механизми, како казна за трговците кои ја користат моментната ситуација. Ќе беше сигурно полесно и поделотворно ако повторно се посегнеше по ограничување на маржите. Тука е и можноста за зголемување на стоковните резерви и тоа во време кога понудата е поголема, а цените пониски. А, штом трговците ќе се осилат и ќе почнат со шпекулативните активности, време е да се интервенира од резервите. Чисто психолошки.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот