Криптовалутите ќе влезат во закон

Биткоин/ Фото: EPA-EFE/SASCHA STEINBACH

Регулирањето на одредени сегменти поврзано со виртуелните средства се започнати со Нацрт-предлог законот за спречување перење пари и финансирање на тероризам, во кој е предвидена и задолжителна регистрација на секој кој се занимава со крипто средства

Во многу градови низ Македонија има менувачници за крипто-средства, постои и македонска платформа за тргување со криптовалутите, а познато е и дека има граѓани кои копаат биткоини, етериуми, литкоини…, или купуваат со нив производи на интеренет. Од Управата за финансиско разузнавање велат дека во Македонија не постои посебен закон што ги регулира на специфичен начин виртуелните средства, но исто така не постои ниту специфичен закон, или подзаконски акти, коишто ги забрануваат активностите во поглед на виртуелните средства како нивно чување, вршење на трансакции, купување и слично.

Она пак, што е познато во цел свет, е дека виртулените средства претставуваат опасност за перење пари, забранета трговија, финасирање тероризам. Токму за тоа, за почеток, регулирањето на одредени сегменти поврзано со виртуелните средства се започнати со Нацрт-предлог законот за спречување перење пари и финансирање на тероризам кој е објавен на Електронски национален регистар на прописи (ЕНЕР).

– Целта на Законот за спречување перење пари и финансирање на тероризам не е да го регулира начинот на работењето и неопходните услови за работа, односно обавување на дејноста (на кој начин и под кои услуви истите би ја обавувале) туку акцентот се става на активностите коишто истите ќе мораат да ги применуваат во работата со клиентите за да и самите не бидат злоупотребени за целите на перење пари и финансирање на тероризам – објаснуваат за „Слободен печат“ од Управата за финансиско разузнавање (УФР).

Регулирање и на крипто-менувалниците и на платформите

Од УФР објаснуваат дека со Нацрт-законот се дефинира поимот „давател на услуга поврзана со виртуелни средства“ и се дефинира опсегот на активности со кои би се бавеле потенцијалните даватели на вакви услуги.

– Активностите може да варираат и можат да бидат даватели на услуги слични на традиционалните менувачници за пари – иако истите не може и немаат таков третман со оглед дека виртуелните средства не се сметаат за пари или платежни средства, можат да бидат и он-лајн менувачници на коишто безготовински би се вршела купопродажбата на виртуелните средства, криптомати и најразлични облици на платформи купување, продажба и размена и со тоа поврзани активности.

Така, согласно Нацрт- законот, „давател на услуги поврзани со виртуелни средства“ е секое физичко или правно лице чиjа деловна и професионална активност се состои во вршење на една или повеќе активности, или во давање на една или повеќе услуги поврзани со виртуелни средства за, или во име на друго физичко или правно лице, како чување и администрација на виртуелни средства, или инструменти кои овозможуваат контрола врз виртуелните средства и со тоа поврзани услуги – велат од УФР.

За неевидентираните казни и од 40.000 евра

Согласно новата регулатива, Управата ќе води евиденција на даватели на услуги поврзани со виртуелни средства. Така, секој којшто ќе се занимава со таа активност задолжително ќе треба да ја извести Управата и да биде евидентиран во посебна листа, а во спротивно се пропишуваат прекршочни санцкии – глоби во вредност од 30.000 -4 0.000 евра. Сепак, оваа евиденција не е наменета да им даде сигурност на лицата кои би вложувале во виртуелни средства, потенцираат од УФР.

– Дополнително, со законот се забранува секое купување на виртуелни средства во готовина во износ од над 500 евра во денарска противвредност, независно дали станува збор за една или пак за меѓусебно поврзана трансакција. Како мерка, истата е во согласност и со стратегиите и плановите за намалување на сивата економија во нашата држава за што постојат и во моментот ограничувања за плаќања на стоки и услуги во готовина. Законот предвидува и забрани за користење на алатки за анонимизација од страна на оние коишто ќе се бават со оваа активност, односно се што ќе оневозможи следење на трансакции поврзани со виртуелни средства – децидни се од Управата.

Усогласување со законодавството на ЕУ

Нацрт-предлог Законот за спречување перење пари и финансирање на тероризам преставува и резултат на усогласување на националното законодавство со законодавството на ЕУ и меѓународните стандарди за спречување перење пари и финансирање на тероризам. Регулирањето на „виртуелните средства“ и т.н „даватели на услуги поврзани со виртуелни средства“, а во врска со аспектите поврзани со режимот за борба против перење пари и финансирање на тероризам е обврска којашто произлегува од 5-тата директива на Европскиот парламент и Совет за спречување на искористување на системот на Унијата за целите на перење пари и финансирање на тероризам од 2018 година како и препораката број 15 на „Фајненшл екшн таск“ којашто се однесува на новите технологии од 2019 година.

Кај нас, во рамките на Министерот за финансии е формирана работна група за да ги разгледа потенцијалните слабости на националниот систем и да ги разгледа можностите за понатамошно регулирање на крипто сердствата. Во ова тело, покрај Управата за финансиско разузнавање, вклучени се и Народната банка, Управа за финансиска полиција, Министерство за информатичко општество, Управа за јавни приходи, Комисија за хартии од вредност, но и банкарскиот сектор.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот