КОВАКС механизмот на седница на Владата, „Астра Зенека” суспендирана и во Франција, Италија и Германија

Фото: EPA-EFE/RUNGROJ YONGRIT

На седница на Владата денеска се очекува да се дискутира за прашања поврзани со вакцините преку КОВАКС механизмот. Тоа вчера го најави министерката за одбрана Радмила Шекеринска.

– Знам уште од претходно дека сите услови кои се побаруваа во делот на КОВАКС механизмот како држава одамна ги исполнивме. Уште во самиот почеток на овие подетални разговори околу користење на механизмот бевме посочени како држава која ги исполнува условите, изјави вчера министерката за одбрана Радмила Шекеринска.

Од ГАВИ, Алијансата за вакцини, задолжена за КОВАКС механизмот вчера не одговорија прецизно дали Република Северна Македонија ги исполнува условите за да добие вакцини. Оттаму нагласуваат дека е во контакт со сите учесници во КОВАКС за дистрибуцијата на вакцини, но без повеќе детали за процесот во однос на нашата држава.

– За дозите да можат да се испорачаат до учесниците на програмата преку оваа прва рунда на испорака, повеќе критични делови мора да бидат присутни, вклучително потврда на националните регулаторни критериуми за авторизација поврзани за испораката на вакцини, договори за обесштетување (за сите учесници со секој производител), национални планови за вакцинација како и логистички фактори како лиценци за извоз и увоз, велат за МИА од ГАВИ.

ГАВИ, Алијансата за вакцини, која е задолжена за програмата Ковакс преку која се испраќаат вакцини на земји со среден или низок приход, вчера рекоа дека владите се информирани за првата рунда дистрибуција за тоа на кој датум ќе ги добијат дозите, а роковите би требало наскоро да бидат јавно соопштени.

Додека се чекаат вакцините, за вакцинација досега се пријавиле вкупно 137.022 граѓани, од кои 80.201 преку веб-страницата „vakcinacija.mk”, а 56.821 преку матичен лекар.

Од вакцините кои пристигнаа во нашата држава, досега се вакцинирале 4782 здравствени работници.

Вчера од Европа стигна веста дека и Франција и Италија ја прекинаа имунизацијата со „АстраЗенека” со што се придружија на Германија, на Холандија, на Ирска, на Данска, на Норвешка, на Исланд, на Австрија, на Естонија, на Летонија, на Литванија и на Луксембург кои го прекинаа вакцинирањето со таа вакцина додека Романија го стопираа користењето на друга производствена серија. Германија ја суспендира употребата на вакцината „како превентивна мерка” по пријавувањето на несаканите ефекти. Од регионот тоа го направија Хрватска и Бугарија.

„АстраЗенека” завчера соопшти дека нема докази дека нивната вакцина против ковид-19 го зголемува ризикот од згрутчување на крвта.

И Светската здравствена организација (СЗО) вчера соопшти дека ги анализира извештаите поврзани со вакцината на „Астра Зенека” против ковид-19, но дека досега нема докази дека некои здравствени проблеми биле предизвикани од вакцината.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот