Ковачевски за случувањата во Слупчане: Кој не плаќал сметки ќе мора да ги плаќа, екипите на ЕВН ќе направат целосен увид

Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Екипите на ЕВН ќе направат увид, а кој не плаќал сметки ќе мора да ги плати. Никој не е должен никому да плаќа електрична енергија, изјави премиерот Димитар Ковачевски прашан за последните случувања во селото Слупчане.

Премиерот посочи дека ЕВН е приватна компанија и не станува збор за немање контрола од страна на државните институции, туку, ЕВН има обврска да испорача електрична енергија до секое домаќинство и до малите потрошувачи како универзален снабдувач.

Со оглед на тоа дека на посоченото место имаше проблем со наплатата, и со диво приклучување на електроенергетската мрежа, компанијата заедно со надлежните институции, а Министерството за економија е надлежно во делот на енергетиката, имаа разговори со градоначалникот на Општина Липково, бидејќи Слупчане се наоѓа во Липково и според кажувањата и на компанијата, и на градоначалникот, меѓутоа и на самите жители, тој проблем е надминат. Ќе влезат екипите на ЕВН коишто ќе направат прво комплетен увид, во тоа кој бил приклучен на диво и ќе биде исклучен, кој не ги плаќал сметките ќе мора да ги плати и понатаму да продолжи нормално како на целата територија – додава Ковачевски.

Тој вели дека не е само Слупчане. Има и други места, како што беше примерот со Арачиново.

Никој не е должен на некој друг да му плаќа електрична енергија – додава Ковачевски.

ЕВН: Дефектот во Слупчане наскоро ќе се санира

ЕВН вчера информираше дека дефектот во Слупчане ќе се санира за скоро време, по добиените гаранции од страна на министерот за економија, кој заедно со градоначалникот на Липково се договорил со жителите да не ги спречуваат екипите на електродистрибуција да работат и да започнат со проектот за реконструкција на мрежа и поставување нови мерни системи кои ќе овозможат точно мерење на електрична енергија.

Во средата жителите го блокираа патот на екипите на ЕВН и не им дозволија да влезат во селото, од ЕВН велат дека со ваквиот обид на самоволно противправно приклучување, предизвикан е дефект од големи размери кој ги остави и соседните села без струја.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот