Ковачевски за Џамбаски: Целта на политичките маргиналци е да провоцираат

Фото: Фејсбук

Премиерот Димитар Ковачевски денеска ја повтори реакцијата од Министерството за надворешни работи за изјавите на бугарскиот европратеник Ангел Џамбаски и пратеникот Костадин Костадинов на чествувањето на Мара Бунева во Скопје и рече дека се работи за
политички маргиналци.

Сепак, Ковачевки не ги коментираше изјавите со објаснување дека комуникацијата на тие политички маргиналци им ја остава на политичките маргиналци од нашата држава.

– МНР ја изрази својата реакција преку нота во која точно ги адресираше заканите од двајцата бугарски политичари. Станува збор за политички маргиналци и би ја оставил комуникацијата со политичките маргиналци од нашата држава – изјави Ковачевски на прес-конференција во Владата, додавајќи дека тонот на комуникација со официјалните институции на Бугарија е на многу повисоко ниво, во однос на тоа што беше во минатото.

Според него, иако двајцата политичари се маргиналци, нивните изјави сепак предизвикуваат вознемиреност во нашата држава, а целта им е да провоцираат и да ги поткопаат напорите на Северна Македонија и Бугарија да продолжат во духот на соработката.

– Целта на секој политички маргиналец е да стане популарен преку такви провокативни изјави, ама нема да им ја исполниме желбата бидејќи итаму не с епопуларни – рече Ковачевски.

Џамбаски на панихидата и чествувањето на Бунева во Скопје порача: „Да живее Бугарија, Македонија е бугарска“.

По изјавата на Џамбаски се огласи македонското МН и побара од официјална Софија да се огради од „недоличните изјави“.

„МНР со големо внимание ги следи изјавите на одредени маргинални политички фигури од Р. Бугарија чии провокации продолжуваат, без притоа да водат сметка за напорите кои ги вложуваат двете држави за одржување на конструктивната соработка и позитивниот дух во билатералните односи меѓу двете држави. Министерството, по дипломатски пат соодветно реагира до официјална Софија, во кое побара оградување од недоличните изјави кои ги повредуваат чувствата на граѓаните на Северна Македонија, и воедно сериозно им наштетуваат на напорите за унапредување на добрососедските односи меѓу двете земји“, стои во реакцијата од МНР.

Сепак, од официјална Софија, не стигна никаков одговор или реакција, ниту пак осуда на изјавите на нивните политичари.

Но, осуда на шовинистичките и сепаратистички изјави и пароли стигна од Демократски сојуз од каде што побараа надлежните институции да ги прогласат за персона нон грата личностите како Ангел Џамбаски и пратеникот во бугарскиот Парламент Костадин Костадинов, кои со своите провокаторски изјави и настапи не придонесуваат за негување пријателство и добрососедски односи помеѓу македонскиот и бугарскиот народ и двете држави.

„МВР треба да ги следи сите овие активности и во кординација со АНБ, да реагира и да презема мерки согласно законскитe надлежности. Нека ценат граѓаните дали со ваквиот однос треба Бугарите да бидат дел од конститутивните народи и да бидат вградени во Преамбулата на македонскиот Устав“, соопштија од Демократски сојуз.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот