Ковачевски од Охрид: Со влезот во ЕУ гарантираме просечна плата од 1300 евра

Претседателот на СДСМ Димитар Ковачевски / фото: СДСМ

„Јас и моите другари од СДСМ и од коалицијата за европска иднина сме подготвени да работиме ден и ноќ за да го реализираме она што стои во нашата програма. Гарантираме просечна плата од 1.100 евра и минимална плата од 600 евра. Со влезот во ЕУ, ќе има уште поголем раст и просечната плата од 1.300 евра и минимална од 800 евра“ рече претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски на митингот во Охрид.

Тој додаде дека во програмата се гарантира и 20 илјади денари минимална пензија, и 30 илјади денари просечна пензија, но и многу други финансиски мерки за поддршка на пензионерите.

„Посебен дел од програмата е посветен на младите. Ќе дадеме се од себе да не дозволиме нашите млади да ја напуштаат татковината. Тоа е мојот порив, тоа е мојата мисија во наредните четири години. И од тоа нема да се откажам во ниту еден момент“ рече Ковачевски.

Претседателот на СДСМ додаде дека ќе има по 200 евра месечно како поддршка за секое прво вработување на млади до 26 години и програма со субвенции и поволни цени за купување сопствен дом за млади до 29 години.

„Се грижиме и за нашите сите ученици и студенти. Ќе има бесплатен оброк, бесплатен превоз и бесплатни едукативни екскурзии за нив, бидејќи мора да го поддржиме развојот на младите во нашата држава“ рече Ковачевски.

„Вчера, токму тука во Охрид, Мицкоски зборуваше за некакво македонско единство и за мораториуми. За жал, се повеќе и повеќе луѓе сфаќаат дека единствен мораториум во главата на Мицкоски е мораториумот за интеграција на државата во ЕУ“ рече претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски на митингот во Охрид.

Тој додаде дека исто како што блокираше изминатите две години, тој е спремен да го одложува членството во ЕУ уште 11 години, исто како неговиот ментор Груевски.

„Со ВМРО повторно ќе ја пропуштиме нашата шанса, а Мицкоски за тоа ќе ја обвинува ЕУ бидејќи тој не е човек кој презема одговорност за ништо“ рече Ковачевски.

Тој додаде дека наместо национално единство за мораторум, на Македонија ѝ е потребно национално единство за интеграција во ЕУ и за јуриш кон европската иднина.

„Тоа е вистинскиот пат за промени и токму тоа е одлуката што вие треба да ја донесете на овие избори. Едната опција се Мицкоски, Силјановска и ДПМНЕ со мораториум за ЕУ, а другата опција се СДСМ и Стево Пендаровски кои нема да се откажат од нашата европска иднина“ рече Ковачевски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот