Костарика е прва во светот која рециклира литиум од стари батерии

Литиум батерии EPA-EFE/CHRISTOPHE PETIT TESSON

Костарика, земја во која површинското ископување е забрането, стана светски лидер во екстракција на тешки метали како што е литиумот, но не од Земјата, туку од стари батерии.

Фабриката за рециклирање „Фортек“ е основана пред речиси три децении во градот Картаго, на 27 километри од главниот град Сан Хозе, а вработените ја нарекуваат „урбан рудник“, пишува „АФП“.

Во последните шест години, нивниот главен фокус беше екстракција на литиум од батерии на полнење кои секојдневно се користат во бројни електронски уреди како што се мобилни телефони, лаптопи, електрични автомобили и соларни панели.

Секоја година во светот се фрлаат милиони батерии. Иако куќиштето на батеријата се деградира во период од 100 години, многу отровните метали содржани во него никогаш не се деградираат. „Фортек“ најде „рудник за злато“ во екстракцијата на тешки метали од батерии, а истовремено обезбедувајќи и спас на нашата планета.

„Сега знаеме дека тоа не е отпад. Знаеме дека тоа е ресурс што може повторно да се користи“, изјави за „АФП“ Гилермо Переја, извршен директор на „Фортек“. „Важно е да се скршат парадигмите“, додаде 54-годишниот Переја, кој со синот Франциско (25) смислиле нов метод за вадење метали од искористените батерии.

Ископувањето на литиум често се изведува под услови кои се штетни за животната средина, работниците и локалното население. Но, во Фортек, целиот литиум доаѓа од 1.500 тони потрошени батерии кои се фрлаат во Костарика секоја година, објасни менаџерот на проектот Франциско Переја.

Искористените батерии се собираат во трговски центри, продавници за електроника или продажни салони за електрични автомобили.

Литиумот го нарекуваат „бело злато“ или „нафта на 21 век“, а во последните години неговата цена експлодира на светскиот пазар. Во ноември 2020 година вредноста на литиумот беше 5.700 долари за тон, а во септември 2022 година неговата вредност се зголеми на 60.500 долари по тон поради зголеменото производство на електрични автомобили.

Сепак, погоните за производство на литиум трошат милиони литри вода и можат да бидат штетни за животната средина. Но, кога литиумот се извлекува од рециклирани батерии, само една четвртина од јаглеродниот диоксид што ја загрева планетата се испушта во споредба со директното ископување на литиум, тврди Хенри Прадо, хемичар во „Фортек“.

Рециклирањето ја спасува планетата од загадување на животната средина предизвикано од „заедничкиот метод на фрлање“ на литиумските батерии, кои обично едноставно се фрлаат, додаде Хенри Прадо.

Според Американското хемиско здружение, само пет проценти од сите литиум-јонски батерии во светот се рециклираат.

Во „Фортек“, искористените батерии се ставаат на подвижна лента што ги носи до уништувач. На овој начин, отпадот се претвора во мешавина од кобалт, никел, манган и литиум, позната како „црна маса“. Овие метали сочинуваат околу 57 отсто од секоја батерија, а остатокот се бакар, алуминиум, пластика и железо, кои исто така може да се рециклираат.

„Фортек“ нема технологија за да ги одвои поединечните метали од „црната маса“, па потоа ја продаваат на фабрики во Европа за да го завршат процесот и да ги произведат батериите.

Германската агенција за развој (ГИЗ) тврди дека „Фортек“ ја претворила Костарика во „латиноамерикански пионер за новата проценка на искористените литиумски батерии“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот