Корупцијата во режија на власта ќе ја гледаме во живо на телевизија!

Медиуми, микрофони / Фото: "Слободен печат" - Митрески Драган

Новинарските здруженија и релевантните меѓународни институции, вклучително и ЕУ, предупредуваат дека враќањето на владините кампањи од јавен интерес ќе ги корумпира телевизиите со национална фреквенција и ќе значи мешање на власта во нивната уредувачка политика.

Новинарските здруженија, Самостојниот синдикат на новинарите и Европската Унија ја повторуваат оценката дека предложените измени на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги ќе значи озаконување на корупцијата во медиумите. Но, тоа не е доволна причина власта да се откаже од членот 102 со кој во 2017 година се стави крај на влијанието врз уредувачката политика преку пари за владини кампањи. Според предлагачите, со измените во Законот ќе се овозможела „поголема правна сигурност во однос на кампањите од јавен интерес и нивното емитување“.

Измените во Законот беа ставени на вчерашната собраниска седница и ќе се носат експресно и, според текстот на законот, Владата има обврска во текот на една календарска година да спроведе најмалку една, а најмногу четири кампањи од јавен интерес на централно и на локално ниво. Собранието треба да формира комисија што ќе одлучува за кампањите на централно ниво, во чиј состав ќе има по тројца пратеници и од власта и од опозицијата.

Финансирањето на кампањите од јавен интерес ќе се обезбедува од државниот Буџет во висина од задолжителни 0,1 отсто од реализираните вкупни приходи во претходната година. Од нив, 80 отсто се наменети за кампањи од јавен интерес, кои ќе се емитуваат само на национални телевизии, а останатите 20 отсто се за регионалните телевизии и радија. Таа телевизиска програма ќе мора да биде визуелно означена како „кампања од јавен интерес“ и јасно одвоена од другите содржини, а во радијата да биде со тонски џингл и текст „кампања од јавен интерес“, исто така одвоен од другите содржини. Кампањите од јавен интерес на локално ниво ќе се финансираат од буџетите на општините и од Град Скопје во висина од 0,5 отсто од приходите во претходната година.

Евроамбасадорот во земјава Дејвид Гир порача дека ваквите законски измени треба да бидат компатибилни со стандардите и со најдобрите практики на ЕУ и да се направат врз основа на политички консензус и по консултации со сите релевантни чинители.

На прашањето од „Слободен печат“ дали предложените измени се во согласност со стандардите на ЕУ во аудиовизуелната политика, Гир вели: „Измените на законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги предложени по скратена постапка покренуваат важни прашања поврзани со независноста на медиумите и, пошироко, со јавниот интерес. Ова е особено важно сега, кога процесот на пристапни преговори со Северна Македонија добива на интензитет, вклучително и преку скринингот“.

Категорично против ваквите измени во Законот е и новинарскиот синдикат и ваквиот став го повторува повеќе од една деценија. „Ваквиот начин на финансирање на медиумите во еден период се покажа како нивна корупција и нема да ја промени целокупната социо-економска состојба на новинарите и нивните услови за работа, ниту ќе служи за подобрување на статусот на новинарите и за подобрување на новинарските содржини, што се во интерес на граѓаните“, велат од ССНМ за „Слободен печат“.

Во време кога се скенира состојбата во земјава, како никој да не ги чита пораките ниту од ЕУ, ниту од ОБСЕ, кои јасно кажуваат дека треба „да се преразгледа“ и да се размисли за регулативите за платена политичка програма во медиумите. Никој не ја чита ни пораката од Агенцијата за аудио и аудиовизуелните медиумски услуги која пред неколку месеци предупреди дека со предложените измени „со буџетски средства ќе се плаќа за пренесувањето на идеите и активностите на централната и на локалната власт, што повторно отвора простор за директно нарушување на уредувачката самостојност и независност на медиумите, нивно корумпирање и создавање клиентелистички и сервилен однос кон власта“.

Измените во Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги не се во насока на препораките од Националната стратегија на Државната комисија за спречување корупција и се доказ дека не се почитуваат нејзините препораки.

– Со ваквите законски измени се зајакнува влијанието на државата врз уредувачката политика на медиумите и тоа е извор на корупција, велат од Антикорупциска за „Слободен печат“ и потсетуваат дека Националната стратегија на Комисијата е обврска од која не можат да избегаат институциите со оглед дека таа е прифатена во Собранието.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот