Илустративна фотографија за проверка на шеќерот во крвта за време на летен одмор / Фото: Profimedia

Контрола на дијабетесот: Како безбедно да летувате и да избегнете нагло паѓање на шеќерот?

Контролата на дијабетесот е постојан предизвик за секој пациент, особено во летните месеци кога високите температури можат да предизвикаат нагли осцилации на нивото на гликоза во крвта. Долг престој на сонце, со намалена физичка активност, може да доведе до покачување на шеќерот, додека високите температури може да го забрзаат дејството на инсулинот, зголемувајќи го ризикот од хипогликемија. Сепак, стручњаците велат дека со соодветна нега и неколку едноставни мерки, дијабетесот може успешно да се контролира дури и на летен одмор, пишува „Е-клиника“.

Почеста проверка на нивото на шеќер

Британската асоцијација „Дајабитис Ју-кеј“ препорачува почеста проверка на шеќерот во крвта за време на лето, како и прилагодување на дозите инсулин во зависност од оброците. Доколку планирате физичка активност, како пливање, се препорачува внесување малку повеќе јаглехидрати пред активноста. Секогаш треба да се провери нивото на гликоза и, ако е ниско, да се консумира благо. Препорака е на плажа секогаш да имате некаков засладен производ при рака.

Високите температури влијаат и на медицинската опрема

Уредите за мерење на шеќер и тест-траките треба да се чуваат подалеку од директна сончева светлина, бидејќи екстремните температури можат да влијаат врз нивната точност. Инсулинот треба да се чува на собна температура (до 25 степени), далеку од сонце. Ако користите сензор за гликоза, тој мора да се постави на чиста кожа, без креми. Истото важи и за инсулинската пумпа, чиј резервоар се препорачува почесто да се менува летно време поради можност за прегревање на инсулинот. Ако без очигледна причина нивото на шеќер е високо, можно е инсулинот да е оштетен од топлина.

Како правилно се чува инсулинот?

Инсулинот во лето најдобро се чува во фрижидер. Ако сте во движење, носете го со вас во ладилна торбичка. Неотворени инсулини треба да се чуваат на температура од 2 до 8 степени. Инсулин што е замрзнат или прегреан станува заматен, со зрнеста структура, и го губи дејството – таквиот не треба да се користи. Отворен инсулин може да се чува на температура до 25 степени, до четири недели, далеку од топлински извори и сончева светлина. Инсулин изложен на директно сонце може да добие кафеникава боја. И другите лекови за дијабетес се чуваат на собна температура, но пред употреба секогаш консултирајте се со упатството.

Дехидратацијата е сериозен ризик

Во лето телото губи повеќе течности преку потење, без разлика дали сме физички активни или не. За луѓето со дијабетес, постојаната хидратација е неопходна. Дехидратацијата може да доведе до хиперосмоларен хипергликемиски синдром, потенцијално опасна состојба што може да резултира со мозочен или срцев удар. Таа е ризик-фактор и за развој на дијабетичка кетоацидоза.

Облека и заштита од сонце

Летната гардероба може да помогне во контролата на дијабетесот. На температури од 30 степени и повеќе, се препорачува носење широка облека со долги ракави, капа и очила за сонце. Кожата мора да се заштити со креми со УВ-заштита, нанесени 15–30 минути пред изложување на сонце, а потоа на секои два часа. Посебно треба да се заштитат стапалата – лицата со дијабетес не треба да одат боси по загреан песок или бетон.

Топлотна исцрпеност – сериозно предупредување

Долг престој на сонце може да предизвика топлотна исцрпеност, состојба при која телото реагира на губење на вода и соли. Се манифестира со главоболка, вртоглавица, гадење, повраќање, замор, мускулни и стомачни грчеви, бледило. Овие симптоми може да се поклопуваат и со оние на хипогликемија. Лекувањето вклучува одмор во сенка и постепено внесување течности. Ако не се реагира навреме, може да дојде до топлотен удар – опасна состојба со халуцинации, забрзано дишење и конвулзии.

Физичката активност и шеќерот

Летото е идеално за движење, а физичката активност ја зголемува осетливоста на инсулин и помага во превенција на срцеви заболувања и висок притисок. Активностите исто така го подобруваат расположението и го намалуваат стресот, но можат да влијаат врз нивото на шеќер. Затоа, секогаш носете со себе нешто засладено. Дури и прошетка или лесна игра на плажа може значително да го намали нивото на гликоза. Лицата со дијабетичка невропатија мора да носат соодветна обувка за заштита на стапалата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот