Коњуфца: Планот на Белград е да создаде нова „Република Српска“ во северно Косово, повикувам на обединување

фото МИА

Претседателот на Собранието на Косово, Глаук Коњуфца вели дека зад одлуката на косовските Срби да се повлечат од институциите на државата се крие намерата на Белград да создаде нова Република Српска во северно Косово.

На прес-конференција по повод оставките на пратениците на најголемата партија на косовските Срби, Српска листа (СЛ) од пратеничките позиции во Собранието, Коњуфца порача дека планот на српскиот претседател Александар Вучиќ да создаде во Косово ентитет налик на оној во Босна и Херцеговина, нема да успее.

„Ова што го гледате сега е планот Б на Србија. Планот А беше со дијалог, со преговори, да се создаде Република Српска во Косово. Сега премина на планот Б“, рече Коњуфца.

Според спикерот на косовското Собрание, националниот конензус во „читањето на ситуацијата” гарантира дека српскиот план ќе пропадне.

„Јас ви гарантирам: поради нашиот национален консензус и единство ќе пропадне и планот Б на Србија да создаде република внатре во нашата земја. Меѓутоа треба да бидеме будни и максимално внимателни во чекорите кои ги преземаме, во нашите дејствија. Го повикувам политичкиот спектар, како прво, да бидеме обединети во целите. Тоа треба да биде читањето на ситуацијата“, изјави Коњуфца.

СЛ во саботата ги повика косовските Срби да ги напуштат политичките и други институции на државно и локално ниво, поради најавата на Владата на Албин Курти дека ќе изрекува казни за оние кои нема да ги сменат српските со косовски регистерски таблички, а денеска и десетте пратеници на таа партија поднесоа неотповикливи оставки од пратеничките функции.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот