Коњановски: Со опструкциите во Советот се кочи развојот на Битола

Фото: Слободен печат

На сметката на Општина Битола во моментот има над 184 милиони денари или речиси 3 милиони евра, што комплетно ги отфрла сите лажни обвинувања кои се пласираат во јавноста дека општинската каса е празна-вака денеска на прес-конференција возврати градоначалникот на Битола, Тони Коњановски на обвинувањата на битолската СДСМ и „Поинаку“ дека дури и да биде усвоен ребалансот на буџетот, граѓаните нема да си ги добијат парите што ги очекуваат бидејќи општинската каса била празна.

– Општината Битола не само што има пари, туку има и проекти и изработуваме и нови, но сега на ред е Советот преку усвојувањето на новиот ребаланс на буџетот да овозможи реализација на проектите и поддршка за напредок на Битола во сите области што се во надлежност на локалната самоуправа. Јас како градоначалник и општинскиот Совет имаме обврска да поддржиме развој на градот, а не Општината Битола да ја претвориме во штедилница. Општината Битола моментно располага со финансиски средства што не може да ги користи за нови финансирања и нови проекти. Очекувам јавен и јасен став од Советот на Битола за следните прашања: Ќе има ли Битола капитални инвестиции, спорт, култура, обновен планинарски дом „Копанки“, субвенции на апликантите за клима уреди итн. Битолчани ги очекуваат одговорите што ќе бидат потврдени само доколку конечно биде закажана седница за усвојување на законски ребаланс на буџетот-побара градоначалникот Коњановски.

Според него со тоа што сè уште не се закажува седница, се тактизира, работните тела сè уште немаат усогласен став во однос на новиот ребаланс на буџетот, што го достави до советниците а во кој се вклучени најголемиот дел од амандманите на советничките групи.

– Дали со незакажување на седница за ребалансот на буџетот, советниците се против поддршката за ракометниот, кошаркарскиот и фудбалскиот клуб „Пелистер“, дали Општината не треба да дава поддршка на професионалниот спорт во градот. Дали сега треба да ги оставиме граѓаните без субвенциите за клима уредите. Уште еднаш нагласувам дека прифатени се речиси сите амандмани освен амандманот на „Поинаку“ за бесплатна детска градинка што во овој момент не овозможува рамноправност на сите граѓани што имаат потреба од згрижување на дете во детските градинки. Иако општинската администрација се обиде да постапи согласно член 27 од Законот за буџети, да ги усогласи приходите и расходите на барање на Советот, ребалансот на буџетот од месец јули не беше вчитан, поради надминување на законски дозволената рамка. Во консултации со Министерството за финансии ни беше укажано дека во ваква ситуација за да се усвои новиот предлог ребаланс на буџетот, Советот на Општината Битола, на првата наредна седница треба да донесе одлука за ставање вон сила на измените и дополнувањата на буџетот на Општината Битола од 11.07.2023 година објавени во Службен гласник, или да ги донесе новите измени и дополнувања на буџетот на Општина Битола за 2023 година кои се веќе предложени од моја страна како градоначалник, во која би била содржана одредба според која со нивното донесување и влегување во сила ќе престанат да важат измените и дополнувањата на буџетот на Општина Битола од 11.07.2023 година кои не се во согласност со Законот за финансирање на единиците на локалната самоуправа и не можат да бидат вчитани во трезорот. Тоа значи и да не се усвојува новиот предлог ребаланс на буџетот, неопходно е веќе донесениот а не вчитан буџет да се стави вон сила-појаснува градоначалникот на Битола, Тони Коњановски.

Тој на денешната прес-конференција уште еднаш ги повика советниците да ги надминат партиските интереси и да работат во интерес на граѓаните на Битола.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот