Конечно брегзит: Зелена патека за Северна, црвена за Ирска

Риши Сунак и Урсула фон дер Лајен/ Фото: Pool / Zuma Press / Profimedia

Иако премиерот Сунак тврди дека новиот план е многу подобар за Белфаст, северноирските унионисти најавија дека „внимателно ќе ги анализираат правните аспекти“ пред да решат дали ќе се вратат во Стормонт за да ја делат локалната власт со проирската партија Шин фејн

Лондон и Брисел постигнаа нова рамка за заокружување на брегзитот, повеќе од 1.200 дена по официјалното раздружување на Обединетото Кралство од Европската Унија.
Британскиот премиер Риши Сунак и претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен го објавија Виндзорскиот рамковен договор, со кој се регулира разграничувањето на Северна Ирска и Ирска, протокот на стока и правата и одговорностите на локалните власти во Белфаст.

Сунак доби тивка поддршка од најтврдокорните поддржувачи на брегзитот во редовите на неговата Конзервативна партија. Многу порезервирано реагираа северноирските унионисти, кои најавија дека „внимателно ќе ги анализираат правните аспекти“ пред да решат дали ќе се вратат во Стормонт за да ја делат локалната власт со проирската партија Шин фејн. Демократска партија на унионистите (ДУП) го бојкотира учеството во власта во Белфаст сѐ додека не бидат надминати споровите за протоколот за Северна Ирска. Од конечната одлука на ДУП ќе зависи и поддршката за Виндзорската рамка од конзервативните пратеници во Лондон. Опозициските британски лабуристи и проирската Шин фејн немаат никакви забелешки. Потпретседателката на Шин фејн, Мишел О’Нил, го поздрави договорот и ги повика конзервативците да се вратат во регионалната влада: „Отсекогаш говорев дека со прагматичен пристап можеме да најдеме решение“.

Пратеникот Ијан Пејсли, син на основачот на партијата на унионистите, сепак, изјави дека има забелешки и дека не е сигурен дали партијата ќе реши да се врати во институциите во Белфаст.

Сунак и Фон дер Лејен, пак, го опишаа договорот како „решителен чекор напред“ и како „конечен пробив“.

– Денешниот договор многу повеќе од правен документ. Тој е за стабилност на Северна Ирска. Тој е за реалните луѓе и за реалните бизниси. Тој покажува дека нашата унија, која трае со векови, може да издржи и ќе издржи – изјави Сунак.

Како клучна точка од Виндзорската рамка, премиерот Сунак ја истакна „Стормонтската итна сопирачка“ – радикалната промена на Северноирскиот протокол, со која властите во Белфаст добиваат право со вето да блокираат трговски закони воведени од Европската Унија. Властите во Лондон автоматски ќе стават вето на одлука на Европската Унија ако против неа се произнесат барем 30 регионални пратеници од двете заедници во Северна Ирска.

Се укинуваат и контролите на целата стока што пристигнува од Велика Британија во северноирските пристаништа преку Ирско Море. Со новиот договор е предвидено стоката да се построи на „зелена линија“ ако е наменета за да остане во Северна Ирска, или на „црвена линија“ ако транзитира кон Ирска, односно до Европската Унија. Камионите на „зелената линија“ ќе се проверуваат со дигитално скенирање на сертификат, а оние на црвената ќе поминат низ рутински царински процедури, без да се губи многу време. Од раздружувањето се проверува сета стока, без оглед дали таа останува во Северна Ирска или продолжува до Ирска. Се укинува и забраната за трговија со разни видови лекови, замрзнато месо, а преработени се деловите во протоколот за да му се даде право на Парламентот во Лондон да ги одредува данокот на додадена вредност, акцизите за алкохолни пијалаци, државна помош, да доставува лекови одобрени од британската здравствена служба и да спроведува други државни мерки во Северна Ирска.

Ако Виндзорскиот рамковен договор биде ратификуван од Вестминстер и од Европскиот парламент, новиот документ ќе го замени Северноирскиот протокол наметнат од поранешниот британски премиер Борис Џонсон. Фон дер Лајен истакна дека по потпишувањето ЕУ ќе го почне процесот на ратификација на придружното членство на Обединетото Кралство во истражувачката програма Хорајзон, овозможувајќи ѝ пристап до истражувачки фонд од 85 милијарди долари. Брисел ќе ги повлече и правните тужби поради едностраниот потег на поранешниот премиер Џонсон.

Ирска, пак, ја прифати Виндзорската рамка како „нова страница во односите помеѓу ЕУ и ОК“ и како „можност за надминување на политичкиот вакуум во Северна Ирска“.

– Спроведувањето на договорот ќе донесе стабилност и сигурност во немирната ситуација. Тој ќе ги зацврсти односите помеѓу Даблин и Лондон и ќе отвори пат за обнова на поделбата на власта во Северна Ирска – изјави премиерот Лао Вардакар. Шефот на дипломатијата Мајкл Мартиј додаде дека Европската Унија и Обединетото Кралство се „природни партнери во соочувањето со глобалните предизвици, од војната во Украина до глобалното затоплување“.

– Ирска има интерес ЕУ и ОК да имаат позитивен однос – изјави Мартин.

Сунак изјави дека прифаќањето на Виндзорската рамка ќе отвори пошироки економски перспективи на Северна Ирска поради „привилегираниот пристап до пазарите во Европската Унија и во Обединетото Кралство.

– Северна Ирска ќе биде највозбудливата економска зона во светот – изјави Сунак.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот