Колку климатските промени ќе влијаат врз љубовниот живот на луѓето?

Фото: Pexels

Климатската криза е, можеби, најголемата закана со која се соочува човештвото. Нема да претераме ако кажеме дека дека таа има влијание врз секој аспект од нашите животи – од производството на вино и кафе, па сѐ до глобалната интернет мрежа и енергетските системи.

Но, дали климатските промени ќе влијаат врз љубовниот живот на луѓето?

„Ако живееме во свет каде економијата и животната средина се целосно преобликувани како резултат на климатските промени, многу аспекти од нашите животи може драматично да се променат, но романтичните врски ќе бидат доследни и издржливи и покрај тоа што се случува“, вели д-р Мајкл Џ. Розенфелд, професор по социологија на Универзитетот Стенфорд во Калифорнија.

via GIPHY

1. Екстремните временски услови може да го намалат вашиот сексуален нагон

„Глобалното затоплување ќе ја зачести појавата на природните непогоди како урагани, поплави и шумски пожари, што може да доведе до симптоми на посттрауматско стресно растројство, анксиозност и депресија кај луѓето. Овие психички состојби се, исто така, поврзани со падот на сексуалниот нагон“, вели д-р Кетрин М. Хертлајн, професорка на Универзитетот во Невада.

Една студија покажала дека деновите, кога надворешната температура била над 25 степени, резултирале со значително помалку раѓања осум до десет месеци подоцна. Во просек, летните денови се поврзуваат со намалување на наталитетот девет месеци подоцна за 0,4 отсто. Студијата покажала дека во следните неколку месеци, со почетокот на наредното лето, имало делумно зголемување на наталитетот, што сугерира дека високите температури може да ѝ наштетат на плодноста.

Друга студија, пак, покажала дека надворешната топлина влијае на овулацијата кај жените, но и на мотилноста на сперматозоидите кај мажите, нешто што го отежнува природното зачнување.

via GIPHY

2. Атрактивно е да се биде еколошки свесен

Сѐ повеќе млади луѓе ги користат апликациите за состанување, а многу од нив ги вклучуваат климатските промени во нивната листа со интереси. Во 2019 година, голем број од припадниците на Генерацијата Зет одлучувале дали ќе му дадат шанса некому врз основа на тоа дали потенцијалниот партнер е еколошки свесен.

Според една неодамнешна студија, еколошките активности, како што е рециклирањето, значително ја зголемуваат атрактивноста на луѓето. Исто така, истражувачите откриле дека луѓето биле мотивирани да се вклучат во вакви активности со цел да изгледаат социјално посвесни во очите на потенцијалниот партнер.

Резултатите од истражувањето покажуваат дека еколошките активности се врзуваат со алтруизмот(несебична грижа за благосостојба на другите), нешто што се смета за убава човечка карактеристика која сите ние ја посакуваме кај нашиот потенцијален партнер.

via GIPHY

3. Ставовите за климатските промени може да ја разнишаат врската со партнерот

Како што ќе поминува времето, луѓето сѐ почесто ќе имаат свои ставови за климатската криза, нешто што ќе влијае врз заедничката иднина со нивните романтични партнери.

Сепак, спротивставените ставови за климатската криза не значат дека врската е осудена да пропадне. На крајот на краиштата, има многу успешни парови со спротивставени ставови кои среќно коегзистираат.

Но, неминовно е дека нашите ставови за животната средина можат да влијаат на начинот на којшто живееме со нашите партнери. На пример, луѓето кои имаат помалку од 45 години се првите генерации кои сериозно размислуваат да имаат помалку деца, или воопшто да немаат деца, бидејќи се загрижени за климатските промени.

via GIPHY

4. Да, и сексот може да биде поеколошки

Дали постои начин да се грижиме за животната средина и паралелно да имаме добар сексуален живот? Апсолутно, да.

Голем број луѓе кои се еколошки свесни веќе наоѓаат начини како да се впуштат во сексуални односи без да ѝ наштетат на животната средина. На пример, тие користат кондоми, лубриканти и сексуални играчки кои се од еколошки и рециклирани материјали.

Сепак, на крајот, експертите велат дека човековата безбедност и здравје треба да бидат на прво место. На пример, кондомите од јагнешка кожа се биоразградливи, но тие не штитат од сексуално преносливи инфекции како што тоа го прават кондомите од латекс. Затоа – внимателно!

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот