Која е разликата меѓу Рихтеровата и Меркалиевата скала?

Земјотрес сеизмограм
Сеизмограм / Фото: EPA/ALANAH M. TORRALBA

Грчкиот сеизмолог Герасимос Пападопулос ги опиша првите научни податоци за земјотресот во Турција како „кошмарни“, во кој загинаа десетици илјади луѓе, а неколку градови беа речиси срамнети со земја. Пападопулос во својата објава на Фејсбук наведува дека земјотресот од 7,8 степени по Рихтеровата скала во Турција „надминал јачина од 11 степени по Меркалиевата скала“.

Сакајќи да објасни колку е голема оваа магнитуда, грчкиот сеизмолог во својот пост додава дека следниот степен, 12, „е максимум и одговара на целосно уништување и ретко е забележан ширум светот“. Според истиот извештај цитиран од сеизмологот, зоната на уништување од смртоносниот земјотрес во Турција е долга 290 километри.

Разлики меѓу Рихтеровата и Меркалиевата скала

Силата на еден земјотрес се појаснува со Рихтеровата скала, а некое време по еден земјотрес може да се слушне и бројот на Меркалиевата скала. Овие два начини на опишување на моќта на земјотресот претставуваат два различни начини на кои таа моќ може да се опише, пишува „Нешонал Џиографик“.

Рихтеровата скала се користи за мерење на јачината на земјотресот – количината на ослободена енергија. Се пресметува со помош на информациите собрани од сеизмографот. Повеќето земјотреси кои секојдневно се случуваат на Земјата се слаби и со магнитуда помала од три степени според Рихтеровата скала. Многу мал број земјотреси се со јачина од 7 или повеќе степени според Рихтеровата скала, што се смета за голем земјотрес, како што беше случај во Турција.

Најголемиот регистриран земјотрес во историјата бил со јачина од 9,5 степени и го погодил Чиле во 1960 година. Во тој настан загинале нешто повеќе од 1.800 луѓе, а штетата предизвана од ужасниот земјотрес изнесувала 4 милијарди долари.

На друга страна, обемот на штетата се мери со Меркалиевата скала. Отчитувањата според Меркалиевата скала, кои се изразени со римски бројки, се засноваат главно на субјективни интерпретации. Земјотрес со низок интензитет, кој само некои луѓе го чувствуваат како вибрација и не предизвикува значителна штета, е рангиран како II. Највисокото ниво – XII – се однесува на земјотреси кои предизвикуваат уништување на згради, пукнатини во земјата и други природни катастрофи, како што се лизгање на земјиштето или цунами.

Според Меркалиевата скала не може да се докаже обемот на штетата сѐ додека истражителите не разговараат со очевидци за да откријат што се случило за време на земјотресот. Откако ќе го утврдат степенот на штетата, тие го користат критериумот на Меркалиевата скала за да го одредат соодветниот резултат.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот