Која е Бегоња Гомез, жената поради која ќе падне шпанскиот премиер

Шпанскиот премиер Педро Санчез со сопругата Бегоња Гомез/Фото: EPA-EFE/CHEMA MOYA

Судот во Мадрид во средата објави дека отворил прелиминарна истрага против сопругата на шпанскиот премиер Педро Санчез, под сомнение за „трговија со влијание и корупција“, по жалба доставена до Антикорупциска организација од десничарско здружение.

Се вели дека истрагата, која е „предмет на наредба за тајност“ била започната на 16 април по жалбата поднесена од Манос Лимпијас (Чисти раце).

Веднаш штом се дозна дека е покрената прелиминарна истрага против неговата сопруга, Педро Санчез во писмо објавено на платформата Х објави дека ја разгледува можноста да поднесе оставка.

„Треба да застанам и да размислам“ за да одлучам, вели тој, „дали треба да продолжам како шеф на владата или да се откажам од оваа чест“, пишува Санчез, кој ги негира обвинувањата против неговата сопруга Бегоња Гомез.

Шпанскиот премиер има намера да ја соопшти својата одлука во понеделник и дотогаш ќе ги прекине своите активности.

Според веб-страницата за вести El Confidencial, која ги обелодени информациите, прелиминарната истрага се однесува на односите на Гомез со приватни компании кои добивале државна помош за време на кризата со Ковид-19 или потпишале договори со државата додека нејзиниот сопруг бил на чело на владата.

Шпанскиот премиер Педро Санчез со сопругата Бегоња Гомез/Фото: EPA-EFE/Ballesteros

Жалбата против сопругата на Санчез, во која се наведуваат инкриминирачки дејства на корпоративна корупција и трговија со влијание, се состои од седум страници кои вклучуваат осум исечоци од печатот. Осум наслови, од кои барем еден е потврден дека е лажен, а од медиумите кои го објавиле побарале да го поправат.

Затоа судијката, која не ја доставила претставката ниту до сопругата на шефот на Владата, ниту до Обвинителството, сака да ги слушне сведочењата на директорите на медиумите кои ги објавиле и кои можат да се повикаат на новинарска доверливост.

Чисти раце покренаа случај против Гомез

Здружението Манос лимпијас (Чисти раце) се ограничи само да ја обвини Бегоња Гомез за нејзините односи со шпанската туристичка групација Globalia, која е сопственик на авиокомпанијата Ер Европа, во време кога таа беше во разговори со владата за да обезбеди помош по големиот пад на авиосообраќајот предизвикан од здравствената криза. Во тоа време, Бегоња Гомез го водеше Центарот ИЕ Африка, институција поврзана со деловното училиште на Универзитетот ИЕ во Мадрид, позиција што таа ја напушти во 2022 година.

Според El Confidencial, Центарот ИЕ Африка „потпишал спонзорски договор со Globalia во 2020 година“ и Бегоња Гомез учествуваше на „приватен состанок со нејзиниот извршен директор Хавиер Интаљо во време кога Globalia преговараше за својот план за спас со повеќе милиони евра од владата“.

Овој план овозможи доделување на 475 милиони евра на Ер Европа во ноември 2020 година.

Манос Лимпијас, основан во 1995 година, се опишува себеси како синдикат, но во пракса тоа е платформа која се занимава со правни случаи. Се смета дека е блиска до крајната десница, главно поради нејзиниот генерален секретар Мигел Бернард, поранешен функционер на партијата Френте Наконал која се распадна во 1993 година.

Работи како јавно обвинителство, особеност на шпанското право што дозволува физички или правни лица да учествуваат во одредени кривични случаи, дури и кога не претрпеле директна штета од обвинетите.

Шпанскиот премиер Педро Санчез со сопругата Бегоња Гомез/Фото: EPA-EFE/MIGUEL ANGEL MOLINA

Санчез: Сè уште верувам во правдата на мојата земја

На прашање поставено во средата во Собранието, Педро Санчез рече дека има доверба во правдата. „Ден како денешниот, по веста што ја слушнав, сепак, сè уште верувам во правдата на мојата земја“, коментира тој.

По првите пресови за овој случај, шпанската десница ги умножи критиките кон премиерот.

-Најавата за започнување на истрагата е „доволно важна за шефот на владата да им даде објаснувања на Шпанците“, изјави за новинарите Естер Муниот, член на извршната власт на десничарската Народна партија (ПП).

Која е Бегоња Гомез

Марија Бегоња Гомез Фернандез по потекло од Билбао, поголемиот дел од своето детство го поминала во Валдерас, мал град јужно од Леон, Кастиља, каде што нејзиното семејство се преселило кога била млада. Има диплома по маркетинг на ESIC во Мадрид и, дополнително, нејзиното ЦВ вклучува и магистратура по бизнис администрација.

Во својата професионална кариера, таа има работено за различни невладини организации, како што се Оксфам, Интермон, Амнести Интернешнл и Анесвад. Дополнително, до непосредно пред инаугурацијата на Педро Санчез како претседател на владата, таа беше директор на комерцијален аутсорсинг консалтинг за Inmark Group.

Шпанскиот премиер Педро Санчез со сопругата Бегоња Гомез/Фото: EPA-EFE/CHEMA MOYA

Во 2018 година стана дел од Бизнис институтот. Конкретно, таа ја доби функцијата директор на Центарот за Африка, позиција која некогаш ѝ заработи многу критики и која неодамна ја напушти за да ѝ даде нов поттик на кариерата. Таа сега ќе биде ко-директор на новата магистерска катедра на Универзитетот Комплутенсе во Мадрид за конкурентна социјална трансформација.

Санчез е во брак од 2006 година со Бегоња Гомез, специјализирана за маркетинг за невладини организации. Тие се запознале во 2003 година на забава што ја организирал пријател на Санчез во една вила во Мадрид. Во 2005 година ја добија својата прва ќерка Аиноа. Во 2006 година се венчаа во градското собрание на Мадрид, а малку подоцна ја добија и втората ќерка Карлота.

Санчез и Гомез го промовираат имиџот на шпанскиот Обама, со неговите јавни настапи копираат многу елементи на поранешниот американски претседател и поранешната прва дама.

Санчез, кој сега има 52 години, е премиер на Шпанија од 2018 година. Тој ја формираше последната влада во ноември минатата година со соработка на сепаратистичките партии, што ги налути десничарските партии. Неговата тогаш 44-годишна сопруга не беше многу експонирана во јавноста.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот