Кој има корист бугарското вето да се стави во етничко гето!

Бујар Османи, Министер за надворешни работи / Фото: ,,Слободен печат'' - Драган Митрески

Преку фрлање дрва и камења по Албанците, како да се непријатели на оваа држава, се прави обид да се направи етнички јаз по стратегиските прашања, со цел да се ослаби позицијата на државата и со тоа да се обезбеди политичка предност за опозицијата – напиша Османи.

Постои опасност спорот со Бугарија да добие меѓуетничка димензија, односно да се искористи за влошување на меѓуетничките односи во земјава, нешто што е темелен столб на стабилноста на нашата земја – велат домашни аналитичари, коментирајќи ја кратката но жестока преписка помеѓу пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски и министерот за надворешни работи Бујар Османи. Истовремено, велат аналитичарите, опозицијата сака да изврши дополнителен притисок за предвремени избори, а власта да го релативизира дипломатскиот неуспех со францускиот предлог.

„Дрва и камења“ по Албанците

Во гостувањето во централниот дневник на ТВ Сител, Николоски изјави дека политиката што ја води Османи во однос на разговорите со Бугарија за повлекување на ветото и деблокада на евроинтеграциите, повеќе е во интерес на Албанија отколку на Северна Македонија.

Османи на ова одговори со подолг статус на Фејсбук, во кој изрази надеж дека ставовите на Николовски не се официјални ставови на неговата партија.

„Преку фрлање дрва и камења по Албанците, како да се непријатели на оваа држава, се прави обид да се направи етнички јаз по стратегиските прашања, со цел да се ослаби позицијата на државата и со тоа да се обезбеди политичка предност за опозицијата“, напиша Османи.

Преминати „црвените линии“

Според него, со ваквите изјави се преминуваат црвените линии на пристојност и „без ронка одговорност, онака лежерно и волунтаристички, се напаѓа севкупната државна позиција и успехот на целиот политички спектар да се обедини околу стратешките прашања“.

– Буквално сите граѓани, без разлика дали се Македонци, Албанци, Роми, Турци, Срби, Власи или Бошњаци, буквално сите граѓани се обединети во одбрана и на државните интереси и на националните интереси на нашите сограѓани Македонци. Еден од клучните темели на кои се потпира нашата цврстина и во преговорите со Бугарија, но и во претставувањето на нашите позиции во ЕУ и меѓу земјите членки, е токму обединетоста на целиот политички, етнички, културен и општествен спектар во земјава – нагласува Османи во објавата. Според него, мотивот за ваквите напади е дневнопопулистички, а во неговата заднина лежи „длабоко вкоренета албанофобија“.

– Да ве уверам дека нема да успеат: ќе ги зачуваме националните интереси на нашите сограѓани Македонци, ќе ги зачуваме и македонскиот јазик и посебноста на македонската култура и пристојноста, а воедно и ќе ѝ обезбедиме европска иднина на земјава и на сите нејзини граѓани – порачува Османи.

Николоски вчера ги повтори истите обвинувања, па дури и ги засили.

„Вчера кажав дека Бујар Османи работи Албанија да почне преговори со ЕУ, а за Македонија што биде, биде. Тоа го боли, ама вистина е. Исто како што пред четири години кажав дека тој работи Македонија да влезе во иста група со Албанија, која беше многу зад нас, а тоа и се оствари. Исто така, уште тогаш во 2018-ма кажав дека Македонија со СДСМ и ДУИ нема да почне преговори. Еве ја 2022-та, Македонија не почнува  преговори. Вистината боли ама мора да се кажува. Одговорност и оставки веднаш затоа што ја пониживте Македонија и ја оставивте на дното на Европа и Балканот – побара Николоски.

Лицемерие и дефокусирање

Политикологот Благојче Атанасовски смета дека е многу опасно да се дава етничка конотација на функцијата министер за надворешни работи, а истапот на Николоски го опиша како „мизерен“.

– Станува збор за еден од најсензитивните ресори каде што не смее да се помисли да се води политика по „етнички клуч“ или етнички „баланс“. Едноставно, министерот ги застапува државните и националните интереси на Македонија, кои се однесуваат на сите граѓани без разлика на нивната етничка, религиска, партиска припадност. Од друга страна, обидот на Николоски е мизерен, да се вметне и создаде клима за етницизација на проблемот и прашањето со Бугарија како обид да се предизвика криза во коалицијата меѓу СДСМ и ДУИ, како ултимативна цел за предизвикување предвремени парламентарни избори. Најголемото дно и лицемерие ќе биде доколку по исти такви или редовни, постизборно направат коалиција ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, како условно победнички партии во т.н. македонски и албански политички блок – вели Атанасоски.

Според политичкиот аналитичар Владимир Божиновски, Османи е тој што игра на меѓуетничката карта откако на власта ѝ се изјаловиле претходните обиди за дефокусирање од дебаклот со францускиот предлог. Прво тие се обиделе со негирање дека добиле предлог, а кога тоа не им успеало, ги обвиниле експертите дека се хистерични и дека се врши некаков хибриден напад против државните позиции и интереси.

– Еве, нека кажат кој стои зад тој напад кога никој не го знаеше предлогот, оти нели тој не постоеше? Османи се обидува да ја релативизира работата, да игра на картата на меѓуетнички тензии, да создаде слика од евентуален меѓуетнички проблем таму каде што го нема. Ковачевски треба да ги свика лидерите на партиите и да постигнат национален консензус, бидејќи овој предлог е неприфатлив, тој е земи или остави. Во Собранието, ако треба на затворена седница да расправаат што понатаму. Во спротивно, што треба да направиме? Да ја раздробиме нацијата, да не постоиме? Да прифатиме предлог што целосно нè обезличува за нешто за што нема никакви гаранции дека ќе продолжи проширувањето. Османи врши дефокус. Тој е министер за надворешни работи на РМ, а делува како да е портпарол на сите други. Макрон нè нарекува „северномакедонци“, а тој го оправдува. Токму тоа е пример колку на Османи му е гајле за името, за јазикот како и за сè друго – вели Божиновски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот