Кое е значењето на терминот „црн петок“? И не, нема никаква врска со робовите во САД!

Денеска е „црн петок“, продавниците промовираат големи попусти, луѓето брзаат да купат нешто поевтино, а на социјалните мрежи како молња се шири фотографија со објаснување за значењето на терминот „црн петок“. Сигурно сте ја виделе фотографијата која ви објаснува:

„Ако некогаш сте се прашале поради што, денот кога има големи попусти во сите продавници се вика токму „црн петок“ и зошто токму петок е денот кога тоа се организира, еве ви одговор. Африканските робови биле на продажба на јавните пазари во петок по багателни цени. „Historia est magistrae vitae!“.

Оваа фотографија, кога ќе ја погледнете и тоа како ќе ве замисли. Но, таа и тоа како е фејк њуз и во никој случај не кореспондира со називот „црн петок“.

Како терминот „црн петок“ почнал да се поврзува со робовите?

Информациите дека „црн петок“ е денот кога во времето на робовладетелството сопствениците на црни робови се ослободувале од вишокот од нив со нивна ликвидација и дека робовите биле црни, па поради тоа и денот е црн петок, се апсолутно неточни.

Доколку просурфате малку на интернет, ќе видите дека значењето на „црн петок“ и неговата историја, нема никаква врска со продажбата на црни робови, иако постојат такви теории на заговор.

На ваквите теории наседнале и некои познати личности од САД од африканско потекло, како на пример пејачката Тони Брекстон, која на својот фејсбук-профил во 2014 година ја постирала следнава фотографија:

Пејачката напишала: „Нема повеќе црн петок за мене“.

Новинарот Даниел Голдстејн, во еден свој напис во 2014 година, пишува дека гласиштата за наводните врски на „црн петок“ со робовите се појавиле пред немирите во Фергусон, Моа.

„По одлуката на поротата во Мисури да не го обвини белиот полицаец Дарен Вилсон, кој во август усмрти еден невооружен афроамерикански тинејџер, Мајкл Браун, демонстрантите се собраа во празнични шопинг-толпи низ целата земја, како дел од кампањата „Црното од црниот петок”, за да привлечат внимание кон она што го гледаат како погрешен правец во правдата, а гласиштата на интернет само додале масло во огнот. Гугл-пребарувачот го поврзува „црн петок“ со робовите во повеќе од 11 милиони резултати и десетици интернет-мемиња, за „оригиналниот црн петок““, пишува Голдстејн.

Кое е значењето на фразата „црн петок“?

Доколку на интернет проверите кое е значењето на „црн петок“, ќе најдете различни толкувања, но ниту едно од нив не се поврзува со робовите. Едното од нив е дека фразата „црн петок“ првпат се појавила во 1951 година, кога работниците практикувале, ден по Денот на благодарноста, да се јавуваат на работа и да кажуваат дека се болни со цел да имаат четири дена споени за викенд.

До 1961 година терминот „црн петок” (и „црна сабота”), вообичаено се поврзувал со полицијата на Филаделфија. Имено, полицијата од Филаделфија ја користела оваа фраза за деновите (петок и сабота) кога морала да се справи со хаосот и главоболките од толпите и застојот во сообраќајот на ден по Денот на благодарноста, односно во почетокот на божиќната шопинг-сезона.

Едно популарно објаснување за потеклото на „црниот петок” вели дека тоа е денот кога трговците на мало на крајот од годината почнале да покажуваат профит, придвижувајќи се од „црвено” до „во црно”, откако работеле со загуба од јануари до средината на ноември. Во сметководствени услови, работењето со загуба (губење пари) е наречено „во црвено”, бидејќи сметководителите традиционално користеле црвено мастило за да покажат негативни износи (загуби). Позитивните износи (профит) обично биле прикажувани со црно мастило. Така, да се биде „во црно” е добра работа, бидејќи тоа значи дека продавниците работат со профит (правење пари).

Значи, фразата „црн петок“ првпат се појавила во 1951 година, а нејзината поврзаност со профитот на трговците првпат се појавува во 1981 година, повеќе од сто години по укинувањето на робовладетелството во САД (според Википедија, ропството во САД било укинато по усвојувањето на тринаесетиот амандман во Уставот на САД во 1865 година, по Американската Граѓанска Војна).

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот