Книгата „Мојата азбука“ со поезија за деца од Мирјана Стојановска беше промовирана во Битола

Насловна корица на книгата „Мојата азбука“

Во општинското основно училиште „Св. Климент Охридски“ во Битола на 21 март беше промовирана книгата поезија за деца „Мојата азбука“ од поетесата Мирјана Стојановска, наставник по Македонски јазик во истото училиште.

Промоцијата ја изведоа ученици од шесто одделение, кои рецитираа песнички и сликовито ја претставуваа секоја буква од македонската азбука. Издавањето на книгата е поддржано од Министерството за култура.

Книгата е наменета за деца од претшколска возраст и за учениците од одделенска настава кои за првпат се запознаваат со азбуката. Песните се ритмични, имаат рима, ненаметлива образовна и воспитна димензија и хумористична нота, што ја прават оваа поезија уште поблиска до детската популација.

– Се надевам дека оваа поезија ќе им помогне на полесен начин да ги совладаат буквите на кирилицата, да се стекнат со говорни вештини, а истовремено да го развиваат патриотското чувство и љубовта кон својата земја, кон својата татковина – истакнува поетесата Стојановска.

Поетесата Мирјана Стојановска со учениците кои учествуваа во промоцијата

Мирјана Стојановска е професор по македонски јазик, поетеса, книжевен критичар и есеист од Битола. Авторка е на девет книги поезија, приредувач е на шест книги, како и на две книги од областа на литературната теорија, методика и критика.

Со песни и книжевни критики е застапена во македонски и меѓународни списанија и портали. Нејзината поезија е преведена на англиски, германски, италијански, српски, хрватски, романски, албански и турски јазик.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 223, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 23-24.3.2024)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот