„Климатските промени ја влошуваат состојбата“: Високите нивоа на озон во воздухот за време на летниот период

Лето Скопје Фонтана Плоштад
EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Високите температури што изминатиов период го зафатија регионот и нашата земја, се еден од показателите дека почнуваме да ги живееме последиците од климатските промени.  Загрижувачко, секако, останува тоа што од година во година работите се повеќе се влошуваат.

Со високите температури се забележува зголемена концентрација на озон во воздухот, поради што чувствителните групи на граѓани можат да имаат проблеми со главоболки и дишењето.

На мерната станица на квалитетот на воздухот во Република Северна Македонија при Министерството за животна средина и просторно планирање можете да проверите како се движат нивоата на озон во поединечни делови од главниот град, како и во помалите градови низ целата земја.

Според податоците од извршените континуирани мерења на квалитетот на амбиентниот воздух од Државниот Автоматски Мониторинг систем за квалитет на воздухот кои пристигнуваат во Македонскиот информативен центар за животна средина за ден 07 јули утврдено е дека сè е во рамките на граничната вредност на сите мерни места во државата.

Сепак, со оглед на моменталните температури и веројатноста на сончевото зрачење, ранливите групи граѓани, како што се малите деца, бремените жени, старите лица, хроничните респираторни и белодробни пациенти и лица кои во моментот имаат влошена здравствена состојба може да доживеат симптоми како што се ненадејна главоболка, иритација на мукозните мембрани, грло, нос и дишните патишта.

Озонот е корисен во стратосферата, но може да биде опасен и во тропосферата

 

Озонот (О3) е најзастапен во горните делови на атмосферата, односно во стратосферата. Таму е корисен бидејќи делува како штит против ултравиолетовото (УВ) зрачење. Сепак, во тропосферата може да биде опасен ако концентрациите на озон се над пропишаните нивоа во период од повеќе од неколку дена, пишува „Индекс“.

Повеќето луѓе можат да го почувствуваат мирисот на озон кој е сличен на хлор при концентрација од 20 μg / m3 (микрограми на метар кубен). Кога ќе достигне концентрации помеѓу 160 и 300 µg / m3 за 8 часа или повеќе, тоа може да предизвика здравствени проблеми – главоболки, иритација на очите и дишните патишта, отежнато дишење, влошување на астмата, зголемена подложност на респираторни инфекции, итн. Продолжената, долготрајна изложеност на покачени нивоа на О3 може да предизвика трајно оштетување на белите дробови, како и намалување на нивната функција и прерана смрт.

Истражување во САД: Постои значителна поврзаност помеѓу нивото на озон и предвремената смрт

 

Истражувањето спроведено во 95 големи урбани области во САД, спроведено во 2004 година, покажа дека постои значителна поврзаност помеѓу нивото на озон и предвремената смрт. Според проценките на студијата, намалувањето на нивото на озон во урбаните области за една третина би спасило околу 4.000 животи годишно во САД.

Според Светската здравствена организација (СЗО), високото ниво на озон во 25 земји на ЕУ предизвикува околу 22.000 предвремени смртни случаи на годишно ниво. Се разбира, ова е само дел од приближно 400.000 предвремени смртни случаи предизвикани од разни загадувачи на воздухот во Европа секоја година.

Концентрацијата на озон во градовите, се зголемува во лето, особено во ведрите денови за време на топлите бранови, бидејќи интензивното дејство на УВ зраците е клучно за неговото создавање.

Климатските промени ја влошуваат состојбата

 

Научниците предвидуваат дека климатските промени во многу делови на светот ќе предизвикаат зголемување на нивото на озон во тропосферата бидејќи нејзиното формирање зависи од временските услови – температурата, брзината на ветерот, облаците, сончевото зрачење и атмосферското мешање. Особено во источниот дел на Соединетите Држави, епизодите на висока концентрација на озон се поврзани со составот на високиот притисок на воздухот, карактеризирани со високи температури, слаби ветрови и небо без облаци.

Научните истражувања исто така откриле дека големите жештини ја намалуваат способноста на вегетацијата да дејствува како одвод за озонот. Според студијата објавена во списанието „Atmospheric Chemistry and Physics“, намалената апсорпција на озон за време на топлотниот бран на жешкото лето во 2006 година била одговорна за смрт на 460 луѓе само во Велика Британија. Друга студија, спроведена за време на топлотните бранови во 2003 година во Европа, покажа дека негативните ефекти на високите температури и озонот врз здравјето на луѓето најверојатно ќе се зголемуваат. А, климатските модели предвидуваат зголемување на екстремните временски прилики со климатските промени.

Според Европската агенција за животна средина (ЕЕА), климатските промени се очекува да ги зголемат нивоата на озон како резултат на промените во метеоролошките услови, како и зголемената емисија на специфични прекурзори за формирање на озон.

Достапните студии сугерираат дека климатските промени можат различно да влијаат на различни области во Европа, односно дека концентрациите на озон може да се зголемат во текот на летото во јужна Европа и да се намалат на северот и на Алпите.

Кои се препораките?

 

Како мерка на претпазливост, се препорачува малите деца, бремените жени, старите лица, хронично болните, лицата со проблеми со здравјето да го минимизираат излегуваат надвор и да не отвораат прозорци.

За готвење, треба да се користат електрични шпорети и печки, каде што е можно, наместо печки на гас и печки на цврсто гориво. Препорачливо е да не се пуши во просториите и да се одложува чистењето со производи што содржат корозивни хемикалии и растворувачи, препарати кои користат лепила, бои и лакови. Да се избегнува употреба на инсектициди.

Исто така, се препорачува да се користи јавен градски превоз наместо лични моторни возила и во никој случај да не се придонесува за загадување на воздухот во времето на регистрираните надминувања со цел да се избегне понатамошно загрозување на ранливите групи на население.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот