Ќе се продолжи ли рокот за документите за да се скратат маките?

Photo: Sloboden pecat-Metodi Zdravev

ВМРО-ДПМНЕ ги оспори пред Уставниот суд измените на Законот за патни исправи и Законот за безбедност во сообраќајот на патишатата со кои пасошите, возачките дозволи и возачките книшки со старото уставно име Република Македонија важат до 12 февруари 2024 година и побара Судот веднаш да донесе времена мерка со која ќе се стопира спроведувањето на овие законски измени додека да донесе конечна одлука за претставката. И од ВМРО-ДПМНЕ, исто како и премиерот Димитар Ковачевски во петокот, им порачаа на граѓаните дека личните карти со името Република Македонија кои се со важечки рок, ќе важат и после 12 февруари и нема потреба да се туркаат на пунктовите на МВР за издавање на лични документи доколку сакаат да ја променат само личната карта.

Од Демократскиот сојуз, пак, побараа Владата на утрешната седница да отвори расправа за важноста на личните документи, да донесе соодветни одлуки за пролонгирање на рокот, да ги задолжи министерствата за нивно спроведување и да ги информира граѓаните.

Од Владата не одговорија на прашањата на „Слободен печат“ дали на утрешната седница има точка на дневен ред на оваа тема, откако премиерот Ковачевски деновиве најави дека на седница ќе се разговара за предлогот на претседателот Стево Пендаровски, кој побара да се пролонгира рокот за важноста на личните докумнети до септември или октомври, затоа што сега граѓаните се принудени да вадат нови документи во понижувачки услови со долго чекање во огромен метеж.

На потег е Уставниот суд

ВМРО-ДПМНЕ денеска поднесе претставки до Уставниот суд за оценување на уставноста на Законот за изменување и дополнување на Законот за патните исправи (член 3) и Законот за изменување и дополнување на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата (член 5), двата објавени во „Службен весник“ на 3 јуни 2021 година. Со претавките партијата бара Судот да донесе решение за времена мерка со која ќе ги запре извршувањето на оспорените членови на законите, сè до одлучувањето дали се тие уставни или не. Според ВМРО-ДПМНЕ одредбите дека патните исправи и возачките дозволи со натписот Република Македонија ќе важат најдоцна до 12 февруари 2024 година се директно спротивни на Уставот и тоа во членовите 8, 9, 11, 25 и 27.

Овие членови од Уставот гарантираат дека сите граѓаните се еднакви во слободите и правата, дека се забранува секој облик на нечовечко или понижувачко однесување, на секој граѓанин му се гарантира почитување на достоинството и угледот, како и дека секој има право да ја напушти територијата на Републиката и да се врати, а ограничување е можно со закон единствено во случаите кога тоа е потребно заради заштита на безбедноста на Републиката, водење на кривична постапка или заштита на здравјето на луѓето.

– Со прифаќање на предлогот за времена мерка до носење на конечна одлука би престанало да важи 12 февруари како краен рок за важење на пасошите и возачките дозволи. Уставниот суд досега покажал ажурност за носење на одлуки и очекуваме тоа да се случи и сега. На тој начин ќе се надмине оваа криза којашто е предизвикана од неспособноста на власта, намерна или ненамерна. Имајќи ја предвид состојбата пред пунктовите за фотографирање и за земање на новите документи, имајќи ја предвид состојбата дека нема нови обрасци во МВР, а тендерот е закажан за март, како и дека досега се сменети само 1,2 милион од вкупно издадени 2,5 милиони пасоши, јасно е дека МВР немаат можност да ги заменат документите до 12 февруари – рече пред Судот портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Наум Стоилковски.

Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ наум Стоилковски пред Уставниот суд / фото: ВМРО-ДПМНЕ

Според Стоилковски, со одлука на Уставниот суд за времена мерка ќе се избегне дополнително компликување и товар врз Собранието или пак, како што рече, непотребни билатерални комуникации со други држави.

– Во оваа прилика сакаме да воочиме и дека личните карти не се опфатени за промена со краен рок 12 февруари. Тие важат и понатаму за сè што е потребно, па граѓаните да не се изложуваат на понижувања и турканици за промена на лични карти. Рокот е само за пасоши и возачки дозволи – додаде Стоилковски.

Тој потенцираше и дека за овие три години СДСМ и ДУИ издавале документи со подолг рок на важење од она што го преземале како обврска во 2018 година, а потоа, иако ги имале податоците колку пасоши и возачки дозволи треба да се променат, не превземале навремени мерки, па државата е оставена без потребниот број на обрасци во МВР.

– Ова е веќе видено, СДС и Оливер Спасовски ваква иста состојба предизвикаа и во изборната 2020 година пред техничката влада, само и само со една цел, на штета на граѓаните, товарот да го префрлат на техничкиот министер од опозицијата односно од ВМРО-ДПМНЕ – рече Стоилковски.

Партијата викендов соопшти дека во МВР се останати само уште 40.000 обрасци за пасоши, а следната набавка е во март.

Од МВР за „Слободен печат“ не потврдуваат дека има недостиг на обрасци за издавање на патни исправи. Според министерството, сè тече тековно, граѓаните поднесуваат барања за нови патни исправи и други лични документи, а МВР редовно ги изработува и им ги издава.

Остана прашањето за уставниот закон

Од Демократскиот сојуз велат дека личните карти како документи за внатрешна употреба можат да се користат до датумот на нивната важност насекаде, пред сите институции, банки, на избори итн, а возачките дозволи можат да се користат во внатрешноста на Македонија, а во странство само до 12 февруари.

Од партијата потенцираат и дека со патните исправи државјаните на Македонија кои се во странство слободно можат да патуваат и да се вратат во Македонија.

– Согласно Договорот од Преспа и уставните измени, на личните документи кои се користот во странство (патни исправи и возачки дозволи) важноста им е до 12 февруари 2024 година, поради што МНР треба да бара Грција да се сложи овој рок да се продолжи до денот на важноста на овие исправи или најдоцна до 31.12.2024 година, поради технички причини и немањето кадровски потенцијал да се заменат во дефинираниот рок – велат од ДС.

Сепак, и да донесе одлука Уставниот суд за времено запирање на спроведувањето на овие два закона, останува прашањето на уставниот закон за спроведување на Преспанскиот договор, каде е предвидено дека сите документи за надворешна употреба со името Република Македонија важат до 12 февруари. Всушност, Законот за патни исправи и Законот за безбедност во сообраќајот со кои се определи оваа дата за пасошите и возачките дозвли се усогласени токму со уставниот законик, а Законот за лична карта остана неусогласен затоа што власта заедно со ова се обиде да го протурка и усогласувањето со Законот за употребата на јазиците, па Левица го блокираше со амандмани.

На прашањето на „Слободен печат“ зошто ВМРО-ДПМНЕ не го оспори пред Уставниот суд и уставниот закон за Преспанскиот, Стоилковски одговори дека надлежноста за ова прашање е кај Уставниот суд, од кој бараат да ги проценат измените на двата закона.

Според ВМРО-ДПМНЕ ќе биде потребна најмалку една година за МВР да издаде уште 1,3 милион пасоши.

Викендов и од Обединетата македонска дијаспора (ОМД) побараа специјални одредби за иселениците по истекот на рокот за менување на личните документи. Во отворено писмо до министерот за внаѕрешни работи Оливер Спасовски ОМД му порача дека не ја прифаќаат потребата за промена на личните документи, ниту одлуката дека документите кои не го содржат новото уставно име ќе престанат за важат на 12 февруари 2024 година. Според ОМД, секаде во светот, на лица кои стапнуваат во матичната држава не може да им биде одбиен влез без разлика на валидноста на нивните патни исправи.

– На Македонците во дијаспората обично им е потребна една година, ако не и повеќе, да извадат нови патни исправи. Поставување на арбитрарни датуми, како овој во февруари, е многу штетна политика. Повеќе од веројатно е дека многу Македонци во дијаспората нема да можат да ги обноват своите пасоши во овој рок. Овој арбитрарен датум ќе обесхрабри многумина да ги обноват патните исправи – вели ОМД.

Тие прашуваат дали МВР размислило за последиците дека многу Македонци нема да можат да дојдат оваа година и нема да можат да гласаат на претстојните избори. Освен пролонгирање на рокот од ОМД предлагаат и онлајн платформа на која македонските граѓани во странство ќе се пријават за обновување на пасошите и други важни документи со верификација на нивниот изглед и отпечаток од прсти, за да се олесни процесот и за да се исфрли потребата од прекумерно патување.

Од ОМД прашуваат и како ќе им се овозможи на македонските граѓани кои нема да ги обноват патните исправи до 12 февруари да гласаат на изборите и предлагаат специјални одредби за гласање за дијаспората.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот