
Ќе се прави регистар на Македонците на кои им е забранет влез во Грција, се чека потегот на Муцунски кој им вети помош
До крајот на август, здруженијата на Македонците со егејско потекло ќе вложат протестни писма до амбасадата на Грција, Канцеларијата на ЕУ во Македонија и до Хелсиншкиот комитет за последните изречени забрани за влез во Грција на нивните активисти, меѓу кои и на Сотир Лукровски, кој доби тригодишна забрана
Здруженијата на Македонците со егејско потекло ќе изработат регистар на сите Македонци на кои Грција им го забранува влезот во земјата, со цел да се пребројат колкумина се под санкции од Атина, вели координаторот на здруженијата Сотир Лукровски за „Слободен печат“. До крајот на август, здруженијата на Македонците со егејско потекло ќе вложат протестни писма до амбасадата на Грција, Канцеларијата на Европската Унија во Македонија и до Хелсиншкиот комитет за човекови права за последните изречени забрани за влез во Грција на нивните активисти, меѓу кои и на Лукровски.
Тие очекуваат помош и од министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, кој деновиве ги посети претставниците на здруженијата на Македонците од Егејскиот дел на Македонија во нивното седиште „Беломорски клуб читална“ во Скопје, каде им ветил дека лично тој и институциите ќе реагираат со сите дозволени политички средства кон меѓународните фактори, како и кон институциите на Грција, за неправдата и штетата која им е нанесена на активистите со неоснованите забрани за влез во Грција.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
„Регистрован је као непожељни“
Посетата на Муцунски уследи откако на Лукровски, при обид да ја помине македонско-грчката граница, му е изречена тригодишна забрана за влез, без образложение, со назнака на српски јазик дека „регистрован је као непожељни“!
– Наскоро ќе ги поднесеме сите претставки што ги најавивме, во Мисијата на ЕУ, во Хелсиншкиот комитет за човекови права итн. Не знам кои механизми ги има министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски за да реагира во Грција, но уверен сум дека нема да остане само на зборовите што ни ги кажа, затоа што тој самиот побара да се сретне со нас, откако прочитал што ми се случи на граничниот премин кога ми беше забрането да влезам во Грција без никакво образложение за причината – вели Лукровски.

Тој додава дека до лани, секоја година во октомври одел во Грција на традиционалната средба во селото Овчарани, на која доаѓаат стотици Македонци од целиот свет, кои се по потекло од Егејот.
– Забраната за мене е изречена лани во декември, значи по средбата во селото, додека да поминат процедурите, во декември ме ставиле на листата. Не ми е јасно зошто, кога ние не провоцираме, не правиме ништо недозволено, на тие средби ние само се дружиме. Јас не знаев дека од декември сум под забрана, за тоа дознав минатата недела кога се обидев да одам во родното село – вели координаторот на здруженијата Лукровски.
Тој е длабоко разочаран од оваа одлука на грчките власти, затоа што, како што вели, најверојатно веќе никогаш нема да го види родниот крај на неговите предци.
– Забраната ми е изречена на три години, но искуството покажува дека ако еднаш сум бил прогласен за непожелен, тоа ќе трае до крајот на животот, како што е случајот и со други лица. На пример, еден мој соселанец е под забрана веќе 30 години. Друг, пак, беше под забрана, која му истече, но при обидот да влезе во Грција, доби нова забрана од четири години. Јас сум координатор на здруженијата последниве три години. Еднаш, пред седум години се обидов да влезам преку Албанија и ме одбија со образложение дека немам излезен печат од Грција од претходната посета, но сопругата, која ја имаше истата ситуација во пасошот, не ја одбија да влезе, што значи дека тенденцијата кон мене постоела од поодамна. Јас кога ќе помислам дека повеќе никогаш нема да го видам Егејот, имам голема горчина во душата. Настрана тоа, ваквата одлука можеби и ми загрозува релации, ми го стеснува просторот за работа, со губењето на контактите и врските во земјата – вели Лукровски, кој е претседател на Македонско-патриотското здружение „В’мбел Егеј“.
Тој додава дека под забрана за влез во Грција има и канадски, американски и австралиски државјани со македонско потекло. Регистарот кој ќе почнат да го работат ќе им даде точен пресек колкумина се под забрана.
МНР два дена без одговор
Од Министерството за надворешни работи два дена не испратија одговор на прашањата на „Слободен печат“ за тоа кои се следните чекори на министерот Муцунски, откако тој им најавил дека ќе им помогне на Македонците со егејско потекло на кои им е забранет влезот во Грција. Тие пренесоа дека министерот им најавил дека ќе ги искористи сите дозволени политички средства кон меѓународните фактори, како и кон институциите во Грција. Од МНР не одговорија кои сè механизми ѝ се на располгање на државата за заштита на овие граѓани, со оглед дека одлуките на земјите за забрана за влез на одредени лица се третираат како нивна внатрешна работа.
– И да рече Грција дека тоа е нејзина внатрешна работа, ние не треба да останеме неми – заклучува Лукровски.
Министерот Муцунски не се огласи за посетата на здруженијата во Скопје, туку самите здруженија ја известија јавноста за намерите на МНР да им помогне.
„На состанокот со претставниците на здруженијата, министерот истакна дека лично тој, како и институциите на државата, ќе застанат во одбрана на човековите права на Македонците од Егејот и ќе реагираат со сите дозволени политички средства кон меѓународните фактори како и кон институциите на Р. Грција за неправдата и штетата која е нанесена кон активистите на Македонците од Егејот со неоснованите забрани за влез во Р. Грција. Македонците од Егејот, преку своите здруженија во претстојниот период ќе побараат прием во амбасадата на Р. Грција, Канцеларијата на ЕУ и Хелсиншкиот Комитет во Македонија, при што ќе вложат протестни писма за последните изречени забрани за влез во Грција на нивни активисти, меѓу кои и координторот на здруженијата Сотир Лукровски. Соработка и мостови нудиме ние, идеи за приближувања на двата народа, но наидуваме, за жал, на спуштени рампи“, објави здружението „В’мбел Егеј“ на својата фејсбук-страница.
Лукровски на 21 јули, објави дека му е забранет влезот во Грција.
„По 15 години активизам за егејското прашање, вчера, на моја огромна жал, моето патување за Овчарани заврши на границата помеѓу Вардарска и Егејска Македонија. Без никакво образложение добив документ дека во наредните три години сум непожелен на територијта на Република Грција, колевката на демократијата. Се повторува репресијата врз моето семејсто и по цели 76 години од убиствата и прогонот на моите дедовци, татко и чичковци, во модерна Европа, во 21 век. Чемер и жал во душата што најверојатно никогаш повеќе нема да го видам мојот В’мбел, како и моите баба и дедо кои починаа без уште еднаш да си го видат родното огниште, но горд сум и среќен што навремено им го покажав патот на стотици в’мбленци до нивните корени, меѓу кои и моите деца, тие ќе продолжат да се враќаат онаму каде што тежиме, тие ќе го одржуваат огнот на нашите гробови и црква. Егејот е душата на Македонија“, објави тој, по што доби поддршка од другите здруженија на Македонците со егејско потекло.
„Ваквиот потег нема да нè исплаши и поколеба во нашите активности и борба за остварување на нашите човекови права и во ширењето на вистината за Егејот“, порачаа здруженијата.