Ќе биде ли 2022 година на економски тигар за Македонија?

Соња Кириџиевска
Фото: Драган Митревски/Слободен печат

Ковид-19 не дозволи закрепнување, ценовните шокови не ја заобиколија земјава, а по Нова година ќе станат уште пожестоки. Дури и ако се издејствува минималецот да биде 18.000 денари, дали тоа ќе го амортизира економскиот удар?

Оставајќи ја зад себе 2021 година, светот е внимателен, ама и експертите се прилично скржави во давањето на какви било прогнози за тоа што ни носи Новата година. И додека сите очи се вперени во 2022-та, според кинескиот хороскоп таа ќе биде година на Водениот тигар, а традиционално, годината на Тигарот доаѓа на секои 12 години. Кинезите велат дека Тигарот е симбол на непредвидливост и агресија, но го ублажува елементот Вода, кој донесува нежност и усогласеност. Накусо, Кинезите предвидуваат дека следната година ќе биде динамична и активна, но не и нестабилна, со најава дека следува период на големи промени. Ако пак ги следите нумеролозите, годината што доаѓа, меѓу другото, е специфична и поради тоа што има три двојки. Бројот 2, значи дуалност, рамнотежа и прилагодување, верба и доверба, соработка и дипломатија. Бројот 2 исто така претставува љубов, семејство, двојки…

До пред две години, денот почнуваше со читање хороскоп, а во последно време со ковид билансот. И ова е една од промените кои ни ги донесе пандемијата, бидејќи и по дваесеттина месеци откако коронавирусот го почна своето немилосрдно ширење, сè уште не се наѕираат контурите на преобликуваната иднина. За оваа 2021 година, си посакаваме подобро утре кое, за жал, потона уште на стартот. Мислевме дека ќе ги надминеме сите фази на болеста, која и најмоќните држави во светот ја дочекаа со „0“ знаење, но ги потценивме оние погласните, оние кои имаат акции во фармацевтските компании, ама плукаат против вакцините, оние кои одбиваат да се „чипираат“, оние кои лекуваат со вазелин и кои велат дека ова е најобична настинка. Е па не е, таа само во Македонија однесе близу 8.000 луѓе, блиски, наши, ваши, на сите…

Гледано од денешна перспектива, стана јасно дека ковид 19 ќе ја „разболи“ и економијата, што, не дозволи да дојде до некакво закрепнување и враќање во нормала. Онака како што се ближи крајот на 2021-та, сè повеќе станува јасно дека нема да се остварат надежите за постепено „кревање на нозе“. Ценовните шокови не ја заобиколија земјава, а по Нова година, ќе станат уште пожестоки со најавеното поскапување на струјата. Нискиот животен стандард низ призмата на статистиката, говори дека 21,9 отсто од нашите граѓани се сиромашни (2019 година). Да не се лажеме, гладта е историски фактор во социјалните немири. Комбинацијата на ефектот „ковид“ и неповолните климатски промени доведоа до рекордно високи светски цени на храната и тие би можеле да се задржат и следната година. Синдикатите притискаат да се зголемат сите плати и пензии. Дел од нивните аргументи е и енергетската криза. Цените на основните производи ќе бидат под мраз до 31 јануари. Што потоа? И ако се издејствува минималецот да биде 18.000 денари, дали тоа ќе го амортизира економскиот удар?

Со растот на цените, тивко се приближува и проблемот на инфлацијата, која сама по себе не претставува некаква посериозна закана за развиените земји што не е случај со нашата. Рака под рака со инфлацијата, демне и опасноста од стагфлација, кога економијата истовремено се наоѓа во бавен економски раст, голема невработеност и пораст на цените. Старите велат дека „на нероден Петко не треба да му се крои капа“, ама многу битен елемент од кој ќе зависи нормализирањето на економијата во земјава е и политичката стабилност. Ако има вонредни парламентарни избори, моментот на исчекување на нова влада ќе ги натера компаниите да го кренат гардот. Тоа, од друга страна. ќе значи нов застој и во 2022-та. Политичките превирања и повикувањето на „духовите од минатотото“ доминираат на јавната сцена, а интересите на народот (од кои најбитни се економските), паѓаат на маргините сè додека не дојде “нож до коска“. Тогаш нема да остане ништо од проектираниот економски раст. Тој луксуз Македонија не смее и не може да си го дозволи.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот