Ќе присуствува и Заев: Судењето за „Титаник” продолжува на 22 февруари

Судењето за изборни нерегуларности „Титаник”, продолжува на 22 февруари, откако на денешното рочиште беа сослушани повеќе сведоци предложени од обвинителството.

На следното рочиште се повикани повеќе сведоци, меѓу кои и премиерот Зоран Заев.

На денешното рочиште, сведочеше припадник на единицата „Алфа”, кој во 2013 година, од подрачјето на СВР Скопје, на ден пред изборите бил прераспределен во Охрид.

– Старешината не извести, мене и уште девет лица и се упативме за Охрид, како мото-патролна служба. Наша задача како мото-патролна служба беше реонот на албанскиот дел на Охрид и задната капија горе на Кале. Во текот на целиот изборен ден бев во Охрид и се движевме во истиот дел, рече сведокот.

Посочи дека, ако имало сомнителни лица и им направиле легитимација, мора да има и составено извештај за тоа.

Нагласи дека се движеле со црвена „шкода октавија”, која имала флешери и тие носеле значки.

Пред паузата на денешното рочиште беа сослушани повеќе сведоци, кои одговарајќи на прашања од обвинителството рекоа дека не им е познат начинот на финансирање на политичките партии, како и дека никогаш немаат уплатено парични средства во банка како донација за политичка партија.

Потоа сведочеше благајник во НЛБ банка, која рече дека во 2014 година додека работела во експозитурата во Кисела Вода дошла поголема толпа луѓе со повеќе уплатници.

Сведокот рече дека не се сеќава точно, но дека уплатите биле од 15 до 45-50 илјади денари, како и дека не може да тврди точно, но или биле на име на Коалицијата или на донаторска сметка за ВМРО-ДПМНЕ.

Прашана дали тој ден лицата биле идентификувани при уплатата, сведокот рече дека според тогашниот закон немале обврска, ниту можност да ги идентификуваат клиентите.

Прашана дали имало случај кога едно лице донело повеќе уплатници, сведокот рече дека во тој период во експозитурата такво нешто немало, но во нејзиното работење имало случаи едно лице да врши повеќе уплати.

На прашање од одбраната дали уплатите за кои зборува, сите биле направени согласно закон и правилно, сведокот рече – да.

Освен поранешниот премиер Никола Груевски кој е во бегство, во „Титаник” обвинети се и Кирил Божиновски, Миле Јанакиески, Гордана Јанкулоска, Билјана Бришкоска Бошковски, Илија Димовски, Мунир Пепиќ, Едмонд Темелко, Леко Ристоски, Кирил Тодоровски, Катерина Веловска, Станко Коруновски, Коста Марковски, Драгче Драгчески, Марјан Накевски, Гоце Јаневски, Џезми Ахмет, Роберт Давитков, Далибор Алешковиќ и Ленка Рашајковска.

Тие се осомничени за злосторничко здружување, повреда на избирачкото право, повреда на слободата на определување на избирачите, поткуп при избори и гласање, уништување изборен материјал и злоупотреба на средства за финансирање изборна кампања. 

Со сослушување сведоци на обвинителството, продолжува судењето за Титаник

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот