Карбонската такса ќе се плаќа за секој производ со поголем удел на јаглерод диоксид

Преодната фаза од примената на регулативата ќе започне на 1 октомври 2023 година и ќе трае во наредните две години. Таа наложува плаќање прекуграничен данок за цемент, алуминиум, вештачко ѓубре, производство на електрична енергија, железо и челик со поголем удел на јаглерод диоксид

Македонските извозници во ЕУ мора да се подготват за трошоците за декарбонизација на производството за да се намали емисијата на штетни гасови. Дека ЕУ сериозно ја сфаќа проблематика, говори и фактот дека веќе е донесена регулативата со која се регулира механизмот за прекугранично приспособување на јаглерод диоксид (CO2).

Регулативата се однесува на увоз на производи со висока содржина на јаглерод диоксид, во согласност со меѓународните трговски правила за да се спречи намалувањето на емисиите на стакленички гасови за кои ЕУ има за цел да се надомести со производи што потекнуваат од земји што не се членки на ЕУ, каде што климатските политики се помалку амбициозни отколку во ЕУ. Дополнително, механизмот ќе помогне да се спречи преселбата на производствените погони или увозот на производи со високо присуство на јаглерод. Едноставно речено, данокот се наплаќа на оние стоки што пристигнуваат во ЕУ од земји каде што оданочувањето за целите на декарбонизацијата не функционира.

Според информациите на „Слободен печат“, преодната фаза од примената на регулативата ќе започне на 1 октомври 2023 година и ќе трае во наредните две години, додека увозниците на производи ќе го достават првиот извештај до Европската комисија до 31 јануари 2024 година. Постепеното собирање на данокот започнува на 1 јануари 2026 година, а неговиот целосен износ од 100 проценти од 2034 година. Регулативата се однесува на цементот, алуминиумот, вештачкото ѓубре, производството на електрична енергија, железо и челик, пластика… Ова нема да се однесува на извозниците што имаат напредна технологија во својот процес.

Доколку не се смени списокот, карбонската такса ќе ги засегне македонските извозници на железо и челик, кој во 2021 година ни донесе приходи од 466 милиони евра, тука секако спаѓа и извозот на цемент од кој во истата година се остварени 17,6 милиони евра, како и извозот на електрична енергија.

– Новиот данок на ЕУ влијае врз една десетина од вкупниот извоз на регионот на Западен Балкан. Данокот ќе има негативно влијание врз преработувачката индустрија на Србија и на земјите од Западен Балкан, кои ги извезуваат тие производи на пазарот на ЕУ. Новиот трошок за декарбонизација значително ќе ја намали ценовната конкурентност на извозот од земјите надвор од ЕУ, што во принцип може да се разбере со оглед на фактот дека процесот на декарбонизација чини пари – вели српскиот експерт Иван Николиќ.

Дополнително, компаниите од регионот имаат дополнителен проблем затоа што нивната конкуренција во ЕУ со години добива дарежливи субвенции преку системот за тргување со емисии за лесно да ја чекаат имплементацијата на споменатиот механизам.

 Шукова: Декарбонизацијата ќе ја уредиме со закон

Намалувањето на емисиите на јаглероден диоксид, декарбонизацијата, ќе биде регулирано со закон, а стопанството е подготвено да го спроведува, спомена неодамна и министерката за екологија Каја Шукова. Таа оцени дека зелената агенда за Западен Балкан е сериозна алатка кон која треба да се стремиме, бидејќи некои од нејзините принципи укажуваат колку е битна декарбонизацијата за Европа.

– За декарбонизацијата ќе ни биде потребно законодавството во делот на климатската акција, што се надевам дека во скоро време ќе го поднесеме до Собранието. Меѓутоа и приватниот сектор покажа дека е подготвен за климатската акција – додаде Шукова.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот