ТВ дебата Фото: Принтскрин

Кампања со криенка наместо телевизиски дуели

Впечатливо е дека главниот фаворит за „татко на метрополата“ Орце Ѓорѓиевски од ВМРО-ДПМНЕ досега не се појави на ниту една дебата со противкандидатите. Паднаа и лидерски повици за ТВ-дуели, иако станува збор за локални, а не за парламентарни избори, но тие, засега, останаа само на покани.

Иако кампањата за локалните избори влегува во завршната недела, неизвесно е дали ќе има дебата на која сите 16 кандидати ќе ги вкрстат своите аргументи зошто граѓаните токму ним треба да им го дадат гласот за нов градоначалник на Скопје. Впечатливо е дека главниот фаворит за „татко на метрополата“, Орце Ѓорѓиевски од ВМРО-ДПМНЕ, не се појави на ниту една дебата со противкандидатите.

Од друга страна, освен повици за ТВ-соочувања меѓу кандидатите за градоначалници, карактеристика на кампањата е дека паднаа и лидерски повици за телевизиски дуели, иако станува збор за локални, а не за парламентарни избори. Но и тие, засега, останаа само на покани.
Очекувањата се дека кандидатите за градоначалници ќе се соочат на ТВ-дуели во кампањата за вториот изборен круг, кога следи решавачката битка за тоа кој ќе седне во градоначалничкото столче, во општините каде нема да се избере градоначалник уште во првото граѓанско изјаснување на избирачките места.

За разлика од Ѓорѓиевски кој најверојатно се „чува“ за ТВ-дуел, дел кандидати за градоначалници од ВМРО-ДПМНЕ гостуваа на дебати, додека некои одбиваа учество.
Забелешка дека недостигала вистинска дебата меѓу кандидатите за скопски градоначалник има и кандидатот на „Независни заедно“ Горан Марковски.

Пр - Горан Марковски - независен кандидат за градоначалник на град Скопје - Фото - Слободен печат - Методи Здравев
Пр – Горан Марковски – независен кандидат за градоначалник на град Скопје – Фото – Слободен печат – Методи Здравев

„Изминува и втората недела од кампањата за Локалните избори 2025, а сѐ уште нема најава за ниту една дебата помеѓу кандидатите за градоначалник на Скопје. Чиниш се работи за избор на претседател на куќен совет во некоја приградска населба. Оправдувањата за тоа се најразлични: од (пре)голем број пријавени кандидати,  наводна (пре)зафатеност на некои од фаворизираните, па сè до целосна „незаинтересираност” на одредени медиуми кои, патем речено, за тоа се обврзани, а и платени. Таквата состојба помалку ме изненадува, но многу повеќе загрижува“, напиша во соопштението Марковски.

Тој е убеден дека за едно демократско општество, за какво се прокламираме, е неприфатливо молчешкум да се влезе во предизборниот молк.

Предизборно соочување никако да се случи ни меѓу кандидатите за Чаир

Освен за Скопје, предизборно соочување никако да се случи ни меѓу кандидатите за Чаир, која важи за една од најжешките изборни точки. Уште на почеток на кампањата Изет Меџити, кандидат на Вреди, на ТВ-дуел го повика противкандидатот од ДУИ Бујар Османи „каде и кога сака“, за да се разјаснат „прашањата околу српскиот политичар Александар Вулин и други отворени теми од времето на Никола Груевски“. Меџити потенцираше дека станува збор за локални избори, локални проблеми и решенија, а не за дуел со премиерот Христијан Мицкоски.

Фото: Фејсбук / Изет Меџити

Османи, пак, побара соочување со премиерот Христијан Мицкоски. Според него, клучната дебата не треба да се води со посредници, туку со Мицкоски, кој, како што рече, стои зад „политичкиот експеримент Вреди“. Османи нагласи дека не бега од дебати, но дека со Мицкоски сака да разговара за европската перспектива, за демонтирањето на Охридскиот договор и за, како што тврди, исклучувањето на Албанците од институциите.

Двајцата кандидати подоцна направија театар од меѓусебните покани за дебата, но не седнаа еден спроти друг. Османи за да покаже дека Меџити е тој што одбива соочување отиде пред МРТВ и кажа дека противкандидатот не дошол.

– Тој испрати порака до сите медиуми дека нема да учествува во дебата. Но, јас не го покренав ова како прашање, бидејќи ја гледате мојата кампања – имам толку многу проекти што немам време да се справам со стравот од мојот противник. Но, кога ни тој не се појави ни во МРТВ, тогаш морав да им кажам на граѓаните дека тој се крие, нешто крие и затоа не излегува да се соочи со граѓаните и противничките кандидати – рече Османи.

Бујар Османи / Фото: Фејсбук

Меџити возврати дека самиот Османи знае дека лаже.

– На почетокот на кампањата јавно го поканив противкандидатот да излезе на телевизиски дуел да се соочиме, бидејќи Вреди донесе конкуренција меѓу Албанците, конкуренција на албанската политичка сцена, но конкуренција во идеи, во програми – кој ќе направи повеќе за Чаири, но тој одби. Сега, кога виде дека ја губи битката, отиде пред МРТВ и рече јас дојдов, Изет не дојде. Затоа му порачувам – Бујар избери ја земјата, избери го медиумот, сам или заедно со Али Ахмети, со Артан Груби, заедно со тимот и со ПР-агенциите што ги имате, во медиумите, на плоштад, каде што сакате, ќе дојдам, ќе се соочиме со политички аргументи, со нашите идеи, со нашите проекти, со нашата програма, со нашата визија – рече Меџити.

Прозивки за ТВ-дуели

Откако партиските лидери им ја украдоа кампањата на кандидатите за градоначалници, тие си разменија и меѓусебни прозивки за ТВ-дуели. Кандидатот за градоначалник на Куманово и лидер на ЗНАМ Максим Димитриевски го покани на дуел лидерот на СДСМ Венко Филипче. Димитриевски обвини и дека „по директива на Филипче, членови на ЗНАМ се под притисок“.

Максим Димитриевски / Фото: „Слободен печат“, Драган Митрески

– Излези, соочи се, зборувај пред народот. Избери медиум, избери време, избери место. Како помош и логистика земи го со тебе и твојот ментор Зоран Заев. Дури ако сакаш може да се соочиме и на Бихаќска, биди опкружен и со 200 партиски активисти околу тебе, од кои најголемиот дел секојдневно вртат кај нас во ЗНАМ и бараат спас од вашите небулозни чекори – рече Димитриевски.

Филипче го одби дуелот со Димитриевски и го нарече предавник на социјалдемократската идеја.

Венко Филипче / Фото: скриншот

– Слушам Максим Димитриевски, пионот на Мицкоски, барал дуел со мене. Јас со предавници на социјалдемократската идеја и подизведувачи на ВМРО-ДПМНЕ не дебатирам. Дали Максим се плаши дека е пуштен низ вода откако еднократно го искористија, тоа ли е стравот? Или, пак, стравот е затоа што е разоткриен од граѓаните кои ги излажа на претходните избори? И треба да му биде страв, затоа што секој кој решил да ги предаде идеалите за функција не опстанал – рече Филипче.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот