Како да ја сакаш сопствената татковина?

Марин Гавриловски, Фото Архива

На раководни функции се поставуваат партиски послушници без соодветно образование и способност, не се внимава дали понудените кадри се чесни и одговорни, па ним некако природно им доаѓа примарни интереси да им бидат личниот и партискиот, а не државниот и интересот на граѓаните.

Лекцијата со овој наслов мнозинството наши политичари што продефилираа на македонската политичка сцена во изминативе триесетина години, за жал, не ја научија. Дел од нив, дојдени од никаде, без денар во џебовите, со бели чорапи на црните чевли, ги запоседнаа државните институции, носејќи ја со себе калта од своите дворови и супстандардни животни навики, другите, пак, аздисани од пари стекнати на нечесен начин, но алчни за уште повеќе власт и пари, ги товареа магарињата додека не им пцовисаат. И едните и другите ја користеа Македонија како крава молзница за да исцицаат што повеќе од парите на граѓаните и да ги наполнат своите џебови. За нив не постојат ниту државниот, ниту пак интересот на граѓаните, туку единствено личниот и евентуално интересот на партијата на која и припаѓаат.

Личниот интерес пред се

Два примера многу добро ја отсликуваат оваа состојба. Едниот, во кој бев посредно вклучен, се случи пред околу петнаесет години, кога една британска компанија имаше намера да инвестира во изградба на голф терен во близината на скопскиот аеродром. Проектот беше направен од врвен архитект што проектира таков вид објекти, средствата беа обезбедени од британски инвестициски фонд, беа направени испитувања на земјиштето и беше финансирана целокупната постапка на урбанизација на локацијата.

Главниот проблем во целиот овој проект беше фактот што градоначалникот на општината во која тој требаше да се гради беше од друга партија од онаа што беше на власт во тој момент. Недоразбирањата и „сопките“ кои еден на друг си ги правеа градоначалникот и министерот за транспорт и врски, поаѓајќи од нивните теснопартиски интереси, на втор план ја ставија реализацијата на проектот и можноста Македонија да стане дестинација погодна за овој елитен спорт. Се разбира, парите не мируваат, како што велеше еден мој професор од Правниот факултет, тие треба да се „свртат“ и немаат време да чекаат партиските интереси да се стават во втор план, а интересот на државата во прв, па, така, овој проект остана само на хартија, а инвестицискиот фонд одлучи да инвестира на друга локација, во друга земја.

Вториот пример се однесува на проект, кој е во тек, за изградба на ветерници што во голема мера би го подобриле снабдувањето со електрична енергија за целата држава, но не само тоа, туку би обезбедиле и сигурен извор на средства за двете општини на чии територии би се реализирала оваа инвестиција. Инвеститорот им предложил, наместо да ги плати комуналиите одеднаш, тоа да го стори како процент од продадената електрична енергија, со што на овие две општини во Македонија би им обезбедил стабилен извор на средства во наредните неколку години. Тоа не им се допаднало на градоначалниците, кои наводно искоментирале дека нив не ги интересира стабилниот повеќегодишен приход на општините, бидејќи од него тие немаат никаква лична корист. Тие побарале комуналиите да се платат веднаш, на тој начин ќе можеле, додека се уште се на власт, дел од тие средства да ги пренасочат во своите џебови. Дали овој проект ќе се реализира или не, ќе видиме во блиска иднина.

Сведоци сме овие денови на големата украинска трагедија која се случува пред нашите очи. Она што фасцинира е одлучноста на украинскиот народ да си ја брани својата татковина, но и решеноста на нејзините врвни политичари да бидат на чело на таа борба. Па така, претседателот на Украина, Володимир Зеленски, со пушка в рака е на барикадите бранејќи ја својата држава. Она што можеби уште повеќе изненадува е и присуството на поранешниот претседател Петро Порошенко, кој иако многу богат и веќе отсутен од јавноста како носител на висока функција, исто така со оружје в рака застана во одбрана на својата татковина. Градоначалникот на Киев, главниот град на Украина, прочуениот професионален боксер Виталиј Кличко, исто така е со своите граѓани, во одбрана на својот град. Дали и во најлудите сништа можете, на пример, да ги замислите нашите политичари, сите заедно, рамо до рамо, како ја бранат државава од некој можен агресор? Простете, но јас тоа не можам да си го замислам.

Мене, оваа ситуација ме асоцира на еден сосема спротивен пример. Се сеќавам на несреќана од поранешен премиер, кој скриен во багажник на моторно возило како глушец, избега од државава со вреќи пари украдени од граѓаните, оставајќи ги безмилосно сами своите деца и сопругата. Освен семејството, државните интереси и љубовта кон татковината, очекувано, ги стави на последно место. Тие, впрочем, никогаш не му ни биле на прво (сиц!) – врвен патриотски дострел беше и остана безмилосната кражба на народните пари. Спасувањето на сопствениот задник како „врвен патриотски чин“ пластично ја прикажува „бесконечната љубовта кон мајка Македонија“. Па, уште згора на тоа во Будимпешта да се сликаш по приеми со старлети. Тоа е таа „голема жал за Македонија“. Секако ова е еден екстремен пример, за среќа, ненадминат во нашата историја. Искрено, се надевам дека тоа веќе нема да се повтори, но последиците од таквото бесрамно „патриотско“ однесување се уште ги чувствуваме.

Младите заминуваат

Сите ние забележуваме дека со секој нов изборен циклус нивото на понудениот кадровски потенцијал на партиите е сѐ понизок. На изборните листи се нудат лица без работно искуство, се поставуваат на раководни функции партиски послушници без соодветно образование и способност, не се обрнува внимание на тоа дали понудените кадри се чесни и одговорни, па нив некако природно им доаѓа примарните интереси да им бидат личниот и партискиот, а не државниот и интересот на граѓаните. Ретките исклучоци што во изминативе години на македонската независност се појавија во јавниот живот се само потврда на правилото дека нашите политичари одлучуваат да се занимаваат со овој стар занает, не водени од идејата да работат за добро на државата и граѓаните, туку само за лично и партиско добро и како средство за лично или партиско богатење.

Така, со текот на годините, овие лоши примери беа причина голем број млади, образовани и чесни луѓе својата иднина да не можат да ја видат во Македонија, туку среќата да си ја побараат во странство. Нивното заминување само го намалуваше процентот на квалитетни луѓе кои потенцијално би можеле да се занимаваат со политика, па како во некој лош филм повеќе од петнаесет годни се вртиме во круг без при тоа да можеме да се надеваме дека конечно ќе зачекориме на вистинскиот пат. Колку и да сакам да бидам оптимист, за жал, не сум во можност да предвидам дека на тој план ќе има некаково подобрување.

Како ехо од далечното минато одзвонуваат зборовите на американскиот претседател Џон Фицџералд Кенеди: „Не прашувај што твојата држава може да направи за тебе, прашај што ти можеш да направиш за твојата држава“. Дали тоа ехо некогаш ќе допре до ушите на нашите политичари? Во скора иднина – не верувам.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот