фото: kfsm.mk

Кадетите се вратија од „минус 18“ негатива, но на крајот беа поразени од Шведска на ЕП

Кадетската кошаркарска репрезентација на Македонија ќе се бори за пласман од 13 до 16 место на Европското првенство Б-дивизија во Скопје откако денеска загуби со 84:79 од Шведска во првиот меч од нокаут фазата.

Со тоа и оваа репрезентација, како и претходните три кои настапија досега, испуштија можност да завршат меѓу најдобрите 10 на шампионатот на кој учествуваат.

Шведска сосема заслужено стигна до триумфот, водеше без малку цел натпревар, а македонската репрезентација дури во финишот внесе драматика и дури се закани со пресврт.

Гостите уште во првата четвртина имаа двоцифрена предност (20:8). Во вториот период водеа со повисоки 36:21, а највисоката предност ја имаа во третиот дел кога поведоа со 67:49.

Кадетите на Македонија се разиграа дури во финишот, по минусот од 15 поени (62:77), нашите кошаркари направија серија од 15:2 и се доближија на само два поени негатива (77:79) на нешто помалку од две минути пред крајот.

За жал, тоа беше сè, македонската репрезентација потоа не реализираше два напади, Шведска постигна три слободни фрлања по ред и отиде на 82:77 кога останаа само 26 секунди, и немаше време за целосен пресврт.

Теон Бошковски го одигра својот најдобар натпревар на првенството, постигна 27 поени, дополнети со девет скока, а се истакна и Дион Шабани со 21 поен, седум скока и шест асистенции, додека Ѓиноски заврши со 14 поени.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот