Јавниот обвинител ја интензивира соработката и координацијата со финансиската полиција и МВР

Јавниот обвинител Љубомир Јовевски и директорот на Управата за финансиска полиција Горан Иванов/Фото: ЈОРСМ

Откако ги замрзна односите со Државната комисија за спречување на корупцијата Јавниот обвинител на Република Северна Македонија Љубомир Јовески сега ја зајакнува и утврдува соработката со другите органи кои се клучни во истрагите кои ги води обвинителството  како единствен орган надлежен за кривичен прогон па денеска оствари средба со директорот на Управата за финансиска полиција Горан Иванов, по вчерашната средба со претставници на Министерството за внатрешни работи.

Јовески придружуван од основниот јавен обвинител на Основното јавно обвинителство Скопје Гаврил Бубевски и заменикот на основниот јавен обвинител на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција Трајче Пеливанов со Иванов од финансиската полиција разговарале за потесна соработка и координација на дејствијата меѓу обвинителството и финансиската полиција во насока на обезбедување ефикасен кривичен прогон.

-Притоа, беше истакната важноста во следниот период да се вложат уште поголеми напори и да се покаже поголема ефективност во откривањето на незаконски стекнат имот и имотна корист од кривични дела, што ќе се ефектуира со заплена и конфискација во судска постапка. Иванов, од своја страна, ги потенцираше и предизвиците со кои се соочува институцијата, пред се во однос на недоволните кадровски капацитети, но и потребата од усвојување на предлогот за измени и дополнувања на Законот за финансиска полиција кој е во собраниска процедура, соопшти ЈО по средбата.

Вчера Јавниот обвинител Љубомир Јовески организираше координативна средба со претставници на Министерството за внатрешни работи, предводени од директорот на Бирото за јавна безбедност Сашо Тасевски.

Јовевски и Сашо Тасевски/Фото: ЈОРСМ

Според соопштението на ЈО на средбата присуствувале јавни обвинители од неколку јавни обвинителства и шефови на повеќе оддели во МВР и било разговарано за дополнително интензивирање на соработката и забрзување на постапувањето во предметите.

-На оперативно ниво, беа разгледани повеќе начини и процедури за подобрување на меѓусебната координација со цел зголемување на ефикасноста на кривичниот прогон, а беа разгледани и конкретни предмети во надлежност на обвинителствата во Скопје, Прилеп и Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција. Посебен акцент беше ставен на јакнење на капацитетите за спроведување на финансиските истраги и за форензички и дигитални вештачења, соопшти Јавното Обвинителство.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот