Извештај на шведскиот институт V-Dem: Северна Македонија и Црна Гора влегуваат во категорија на изборни демократии

Избори / Фото: ,,Слободен печат''- Драган Митрески

Годишниот извештај за демократија за 2024 година објавен од шведскиот институт V-Dem покажува дека Северна Македонија и Црна Гора се „изборни демократии“, што е една категорија повисоко во споредба со минатата година. Во оваа категорија е и Косово, додека Албанија и Босна и Херцеговина остануваат во „сивата зона“ меѓу демократиите и автократиите. Србија се смета за „изборна автократија“ од V-Dem од 2014 година.

V-Dem разликува четири типа режими: либерална демократија, изборна демократија, изборна автократија и затворена автократија. Некои земји се и во „демократската сива зона“ или „автократска сива зона“.

„Според нашата најдобра проценка… светот е речиси рамномерно поделен меѓу 91 демократија (либерална и изборна) и 88 автократии (изборна и затворена) на крајот на 2023 година“, се вели во Извештајот.

Во овогодинешниот Извештај, Црна Гора за прв пат стана „изборна демократија“, додека Северна Македонија се врати во оваа категорија откако минатата година падна во „сивата зона“. Косово е во оваа категорија од 2014 година.

„Словенија е единствената земја во овој регион каде ситуацијата се влоши според типот режим во 2023 година, од либерална во изборна демократија, додека Северна Македонија и Црна Гора се подобрија од изборната демократија од „сивата зона“ до статусот на недвосмислена изборна демократија“, се нагласува во извештајот на V-Dem.

Во него се додава дека траекторијата на Црна Гора била малку проблематична во 2021-2022 година поради наводното прекршување на уставот од страна на претседателот и конфликтот околу одговорностите, но дека изборите во 2023 година биле главно слободни и фер.

Босна и Херцеговина и Албанија, од друга страна, останаа во „демократската сива зона“, што значи дека V-Dem не ги смета нивните оценки за демократија доволно високи за да бидат категоризирани во „изборните демократии“.

Србија е рангирана како „изборна автократија“ од 2014 година. Меѓу источноевропските земји, V-Dem ги смета Унгарија, Украина, Белорусија и Русија за исто така во оваа категорија.

„Нивото на демократија што го ужива просечниот човек во Источна Европа постепено се намалува на нивоата последен пат забележани во 1990 година, пред распадот на Советскиот Сојуз. Белорусија и Русија се два истакнати примери на постсоветска консолидација на автократијата во регионот и нивното големо население го намалува просекот. Унгарија и Србија исто така го водат овој тренд во последниве години, како и Хрватска и Романија“, се наведува во Извештајот.

V-Dem, исто така, ги рангира земјите врз основа на нивната оценка на Индексот за либерална демократија (помеѓу 0 и 1).

Данска е земја со највисок индекс на либерална демократија од 0,88 во последниот извештај. Земјите со најниска оценка се Северна Кореја и Еритреја, со 0,01.

Косово има оценка 0,49 (62 место од 179 рангирани земји) на Индексот за либерална демократија и останува највисоко рангирана земја во Западен Балкан. Црна Гора има 0,47 (67 место), потоа Албанија со 0,4 (82 место) и Северна Македонија со 0,36 (89 место).

Босна и Херцеговина има оценка 0,35 (92 место) на Индексот за либерална демократија, додека Србија има 0,25 (107 место).

Извештајот V-Dem 2024 проценува дека нивото на демократија што го ужива просечниот човек ширум светот во 2023 година е спуштен на нивоата последен пат забележани во 1985 година – пред речиси 40 години.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот