Израелците го бараат спасот во странство поради немирите во земјата

Протести во Израел / Фото EPA-EFE/ABIR SULTAN

Десетици илјади Израелци продолжуваат да протестираат секоја недела поради контроверзните судски реформи кои премиерот Бенјамин Нетанјаху упорно се обидува да ги наметне во земјата. Според новите анкети и истражувања, секој трет Израелец во моментов размислува да ја напушти земјата, пишува „Би-Би-Си“.

Професорот Чен Хофман е еден од нив. Тој заедно со неговата сопруга и децата секој петок ја започнуваат еврејската сабота со заеднички оброк. Но во изминативе недели тие петоците ги завршуваат на големите антивладини протести.

„Нашиот традиционален ритуал не се состои од одење на протести, но ние мораме да го правиме ова бидејќи ја губиме државата, барем така ни се чини“ вели докторот Хофман.

Радиологот Хофман кој е еден од најпознатите радиолози во земјата, вели дека ќе се пресели во Велика Британија. Како што вели тој, сега ги убедува неговите роднини, кои имаат европски пасоши, да го направат истото.

„Одам во Лондон на одмор, но тоа ќе биде тест за да видам дали можам да живеам надвор од Израел. Ако ситуацијата е толку лоша, а се влошува секој ден, ќе мора да најдам ново место за живеење“ објаснува Хофман.

Демонстрантите во Израел веруваат дека со воведувањето на судските реформи ќе се ограничи демократијата во земјата. Но, упорната влада смета на спротивното, тврдејќи дека со тоа ќе се средат сите проблеми во израелското правосудство, со што избраните политичари нема да можат толку лесно да бидат сменети.

Иако демонстрантите се надеваат дека реформите нема да бидат изгласани, многумина се веќе соочени со тоа дека на некој начин тие ќе бидат „подметнати“.

„Тоа ќе биде ужасно, но јас нема да ги израснам моите деца во недемократска земја. Ако не сум сигурна дека на мојата ќерка и се загарантирани правата, нема да останам овде“ изјавила една мајка за „Би-Би-Си“ на последниот протест во Тел Авив.

Експертите сметаат дека во последниве месеци има голема промена во израелската економија, кои доаѓаат како последица од судските реформи. Но, и зголемените животни трошоци, исто така, се фактори на поттик за оние кои сакаат да заминат.

Меѓународните трендови сугерираат дека повеќето луѓе кои се залагале за емигрирање од политички причини, на крајот не го направиле тоа. Пред и по изборот на Доналд Трамп во 2016 година, многу Американци кои првично се заканувале дека ќе се преселат во странство ги напуштија своите напори за многу кратко време.

Меѓутоа, во Израел, неодамнешните политички превирања отвориле длабоки социјални поделби и го поттикнале алармот за промената на демографската слика.

Сегашната коалициска влада се потпира на ултраортодоксните Евреи и религиозните националисти кои имаат социјално конзервативни вредности и претставуваат делови од населението кои брзо се зголемуваат поради нивната релативно висока стапка на наталитет.

„Она што мислам дека се случи во последните шест месеци, беше бавен, растечки демографски процес одеднаш стана крајно очигледен“, вели професорот Алон Тал, раководител на одделот за јавна политика на Универзитетот во Тел Авив.

Среде гласните скандирања за „демократија“, борбата на Израелците продолжува со полн тон за да се обидат да ја принудат владата да ја смени патеката на нејзиниот судски ремонт.

Но, во исто време, тивко се создава уште еден предизвик, при што повеќе Израелци ги подготвуваат своите планови за излез.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот