Изложбата „Првите кралеви на Европа“ ќе патува низ Северна Америка

На меѓународната изложба „Првите кралеви на Европа“ за првпат ќе бидат изложени македонски археолошки предмети во Северна Америка, а кои ќе претстават врвни уметнички достигнувања во доменот на социјалните и религиските форми карактеристични за разни етапи на предисторијата.

Изложбата „Првите кралеви на Европа (First Kings of Europe)“ е резултат на иницијативата на Филдовиот музеј од Чикаго и соработката со Завод и музеј – Битола, Музеј Гевгелија и Завод и музеј – Прилеп. Национален координатор на изложбата е Гоце Наумов, при што направена е селекција на повеќе предмети од неолитот, енеолитот и железното време, пронајдени на локалитетите Врбјанска Чука, Шуплевец и Милци.

Овие предмети, заедно со уште стотици други артефакти од 23 балкански музеи, ќе го прикажат постепениот општествен развој на предисториските заедници, кои од егалитарните племенски организации во неолитот постепено се трансформираат во првите европски кралства во железното време на Балканот.

– Изложбата ја иницира Филдовиот музеј од Чикаго, кој заедно со Метрополитен музејот и Институтот „Смитсонијан“, е еден од трите најголеми музеи за културно наследство во САД и секоја година има по неколку сензационални изложби. Во рамките на нивната програма се вклучи уште една ваква изложба („Првите кралеви на Европа“), концентрирана на значајната улога на Балканот во формирањето на првите земјоделски, металургиски и кралски општества во Европа. Изложбата не случајно го посочува Балканот како место од кое изнедруваат новите стопански појави во предисторијата, а кои имаат своја рефлексија во материјалната култура, и тоа особено манифестирана преку обредите. Во таа смисла ѝ се дава важна улога и на Македонија како битен дел од овој простор, а во кој особено рано се јавуваат овие економски и ритуални феномени. Оттука, бев особено почестен кога во 2018 година добив покана од Филдовиот музеј во Чикаго да бидам национален координатор на оваа извонредна и комплексна изложба – истакнува археологот и истражувач Гоце Наумов.

Преговорите и подготовките на изложбата почнале во 2018 година, кога тим од Филдовиот музеј бил во Скопје и биле поставени насоките во кои ќе се движи изложбата. Потоа следувал период на осмислување на тематските целини и селекцијата на предисториски предмети, што одело паралелно и со подготовка на текстуалниот дел за зборникот и каталогот, кои се пропратен дел од изложбата.

– Во изложбата се вклучени три македонски музеи кои заедно со уште 23 од другите земји ја сочинуваат неверојатната група музеи која за првпат во олкав број изложува во Северна Америка. Во подготовката на изложбата сите овие години учествуваа повеќе претставници на институции, како што се директорот Мери Стојанова и кустосот Јасмина Гулевска од Завод и музеј – Битола, директорот и советник Бобан Хусеновски од Музеј Гевгелија, директорите Горанчо Цветкоски и Благоја Атанасоски и кустосот Александар Миткоски од Завод и музеј – Прилеп, како и директорите Аријан Арсланај, Ацо Костов и Елеонора Петрова Митевска заедно со Билјана Јованова и Златко Начевски од Управата за заштита на културното наследство. Мојата улога беше да ги поставам научните основи на македонскиот дел од изложбата, да ги селектирам предметите и да ги координирам македонските и американските институции во реализацијата на оваа комплексна, но особено значајна изложба на светско ниво – објасни Наумов.

Филдовиот музеј од Чикаго ја организира изложбата „Првите кралеви на Европа“ во форма на турнеја, која ќе ги претстави македонските и балканските археолошки предмети во неколку музеи во Њујорк, Чикаго и Гатино-Отава, и тоа во периодот од 2022 до 2024 година. Оваа досега најголема изложба на балканската предисторија во светот се очекува да ја видат околу еден милион посетители и ќе им овозможи на многумина да се запознаат со некои од најрепрезентативните артефакти од неолитот, енеолитот, бронзеното и железното време на Балканот.

Изложбената турнеја започнува на 21 септември 2022 година во Институтот за древни студии во Њујорк и потоа продолжува во Филдовиот музеј во Чикаго (во 2023 година) и во Историскиот музеј на Канада во Гатино-Отава (2024 година).

Изложбата е проследена со извонреден зборник, уреден од авторите Атила Гјуча и Вилијам Паркинсон, кој е публикуван од престижната издавачка куќа на Археолошкиот институт „Котсен“ при Калифорнискиот универзитет во Лос Анѓелес.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 146, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 17-18 септември 2022)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот