Изложбата „Над црното“ на Мице Јанкуловски е претставена во Букурешт

Дела на Мице Јанкуловски беа изложени во галеријата „Галатека“

Самостојната изложба со наслов „Над црното“ на Мице Јанкуловски од 13 до 18 ноември беше поставена во реномираната галерија „Галатека“ во Букурешт, Романија. Куратори на изложбата се Анка Боериу, Романија, универзитетски професор на Националната академија за уметност во Букурешт, и Корнелија Конеска, Македонија.

Со изложбата „Над црното“ во „Галатека“ македонскиот сликар Мице Јанкуловски се претставува со полиптихот „Круговите на Леонардо II“ (4 слики, акрил на платно, 195 х 780 см) и сегмент од 3 дела од полиптихот „Ноќите на Тоскана“ (10 слики, акрил на платно, 195 х 1950 см).

Како уметник, повеќе од пет децении Јанкуловски континуирано е посветен на истражувањето во областа на сликарството и цртежот, но експериментирал и се претставувал низ повеќе уметнички дисциплини (сликање на стакло, карикатура, анимиран филм, палиндроми…), заради што меѓународната професионална јавност го препознава како мултимедијален уметник. Во своето уметничко дело тој постојано ги истражува формата, просторот, бојата, небојата и движењето како елементи што се повторуваат.

Последната фаза на концептуални слики на Јанкуловски се одликува со монохроматичност, модуларност, мултипликација и минимализам. Уметникот користи систематски пристап за примена на основни форми, како што се кругови, квадрати и триаголници на големи квадратни платна, користејќи само црна боја.

Формите се создаваат со правење шари на намази од дебел слој црна боја. Во зависност од тоа дали намазите се нанесуваат на заднината или на самите форми, се постигнува дополнителен впечаток на позитивно/негативно. Серија од дела се создава со мултипликација на формите во платната, како и со мултипликација на самите платна, што резултира со големи концептуални дела како полиптиси.

Мице Јанкуловски во друштво со кураторките на изложбата во Букурешт

„Галатека“ е мултидисциплинарна уметничка галерија, жив и модерен простор кој го носи потписот на архитектот Раду Теака, сместена во историска зграда во срцето на Букурешт.

Со својата отвореност кон експериментот во уметноста овој простор стана култен уметнички центар, платформа каде што се спојуваат современата и класичната уметност и кој им овозможува на уметниците, дизајнерите, архитектите, кураторите и луѓето од медиумите да се сретнат и да соработуваат сè со цел да ѝ понуди на јавноста поинаков вид на уметничка интеракција преку која се истражуваат повеќе области и форми на уметничко изразување: од стрипови до видео-арт, од слики и цртежи до инсталации и перформанси, од современи романски уметници кои напишаа историја до мода, од класични мајстори до мултидисциплинарни меѓународни уметници.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 206, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 25-26.11.2023)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот